Интервју со Аркан Керим: „2024 година ќе заврши позитивно за македонскиот туризам, со потреба за подобра стратегија, вложувања и промоција“

Интервју со Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора и потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, како и генерален менаџер на „Генерал Турист Груп“ од Скопје.

Керим во интервјуто дава осврт на годината што изминува од туристички аспект, говори за тоа на што треба да се посвети повеќе внимание, за промоција на македонскиот туризам во светот, како и за тоа што треба да примениме од земјите од регионот како одлични мерки за подобрување на состојбите во туристичко-угостителската индустрија.

МАРИЛИ: Г-дин Керим, како претседател на Туристичко-угостителската комора при ССКМ, како ја оценувате годинава што изминува? Ја заокружува ли Македонија 2024-та како успешна туристичка година? Има ли раст на ноќевањата на странски туристи, во однос на минатата година и во однос на пост-ковид периодот?

КЕРИМ: Во година соочени со две големи војни, со избори во земјата, со многу хигиенски несредени градови, недостаток на добра инфраструктура, патишта, со недостаток на работна сила и уште многу други фактори, може да се каже годинава што изминува и покрај сите околности, директни и индиректни, е позитивна за македонското туристичко стопанство, со зголемување на целокупниот туристички промет, во сите сегменти, како во туристичкиот, така и во угостителскиот.

Нотирано е зголемување на ноќевањата на странските туристи, како и на домашните туристи во целина. Годинава, во однос на минатата има зголемување од околу 20%, но не и зголемување во однос на 2019 година.

Генерално, 2024 година ќе заврши позитивно за туристичкото стопанство со проекција од 1,6-1,8 милиони туристи.

МАРИЛИ:  Статитистиката покажува дека во изминатиот период најбројни странски туристи се граѓаните на Р. Турција (Туркије). Според Вас, на што се должи тоа?

КЕРИМ: Традиционално, гостите од Туркије се најбројни туристи во изминативе 10 години. Ние од 2007 година работиме на промоција на Македонија како дел од Балканот и сиот тој труд во изминативе 17 години резултира со се поголем број на турски гости во Македонија.

Ние имаме прекрасни места за посета, убава гастрономија, убави историски споменици, имаме одлични авиоконекции со Истанбул, Измир, Анталија, и сето тоа кога ќе се собере, дава резулатат за најбројни туристи во Македонија.

Само во месец јули, јас имав 35 репортажи и интервјуа за турски медиуми, каде отворено ги поканив турските граѓани да ги посетат Скопје и Македонија во поголем број, што на мое задоволство успеа, и 2024 година ќе биде рекордна година по бројот на туристи од Туркије во Македонија.

МАРИЛИ: Вие сте амбасадор на македонскиот туризам во светот. Кои конкретни чекори и мерки ги преземате за да ја промовирате нашата земја и да привлечете поголем број на странски туристи?

КЕРИМ: Последниве неколку години со оглед на тоа дека немаме промоција на државата како што заслужуваме, преземав многу иницијативи за промоција на нашата преубава држава.

Туристички амбасадори коишто ги промовираат нашите туристички и вински дестинации во земјите каде што се: Петар Грашо од Р. Хрватска, Томаж Кавчиќ од Р.Словенија, Сузана Периќ од Р.Србија, Патриција Кирилова од Р.Бугарија, Хакан Туна од Туркије, се само дел од плејадата познати личности, инаку мои пријатели, коишто ја промовираат Македонија.

Исто така, во изминатиов период имав многу интервјуа репортажи за медиумите во Туркије, со цел дополнително да ја испромовирам Македонија.

Во 2025 година планираме промоција на Македонија како дестинација во Њујорк, Чикаго, односно во Соединетите Американски Држави (САД) и во Торонто, Канада, со цел да привлечеме што поголем број туристи од Северна Америка.

Исто така, планираме промоција и во Азија, односно во Кина, Кореја и Филипините, заедно со реномирана авиокомпанија како би била промоцијата достоинствена.

Соседните држави да не ги заборавиме, Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција, каде исто така ќе имаме активности за да привлечеме уште повеќе туристи.

МАРИЛИ: Вие сте долгогодишен туристички работник и сопственик на бизнис токму во туристичко- угостителската индустија. Кои се главните забелешки на странските туристи кога ја посетуваат нашата земја? Што треба да направиме за да бидеме туристички поатрактивни?

КЕРИМ: Странските туристи пред сѐ, многу се задоволни од Македонија како дестинација. Убавата природа, преубавата гастрономија и прекрасните вина се главниот адут на туристичките работници.

Хотелските комплекси со светски брендови кои ги има само во Скопје и Гевгелија треба да бидат присутни и на Охридското крајбрежје и тоа е една забелешка од странските гости, генерално.

Имаме забелешки и за хигиената, за жал, и за сервисот на услугите, но генерално, поради недостигот на работна сила, туристите со разбирање го прифаќаат овој недостиг бидејќи за жал, станува збор за глобален проблем.

Ние во Македонија мораме да внимаваме на љубезноста при сервисирањето на странските туристи потоа мораме да најдеме адекватни кадри за туристичката фела, со цел да ја подобриме услугата кон гостите и мора да се подобри хигиената во сите делови од државата за да имаме убав фидбек од странските туристи.

Ние како Комора работиме целосно за подобрување на сликата на туристите од нивниот престој во Македонија.

МАРИЛИ: Што можеме да научиме и практикуваме од регионот во однос на подобрување на условите, стратегијата и промоцијата на туризмот како една од најбитните стопански гранки за економски развој?

КЕРИМ: Многу добро прашање, ќе се потрудам најдипломатски да ви го одговорам. Ние како дестинација треба да одлучиме какви туристи сакаме во наредните години, дали со подлабок џеб, дали сакаме конгресни туристи, дали сакаме туристи за спортски настани, или пак масовен туризам со релативно поевтини цени од соседството.

Македонија пред 10 години беше многу понапред од Србија и Албанија, но сега видно заостануваме зад нив и по бројот на туристи и во промоцијата на туризмот.

Се надевам дека позитивните примери од нивната промоција ќе ги искористиме во нашата промоција во идните години. Пример, Албанија инвестираше во документарни програми на француските, шпанските и италијанските ТВ канали со години и добија одличен фидбек. Србија инвестираше во ресорти, во зимските центри, во бањите и во Белград како дестинација, и сето тоа резултираше со голем број на туристи.

Ние имаме шанса да ја испромовираме Македонија со проектот Скопје – Град на културата за 2028 година и да имаме одличен резултат.

МАРИЛИ: Покрај промоцијата на природните убавини, според Вас, колку е важно да се промовираат уникатни и интересни приказни од облата на ено-гастро концептот?

КЕРИМ: Ние многу малку промовираме вакви концепти и се надевам дека во новата стратегија ќе бидат повеќе присутни.

За да се промовира и ено-гастро концептот мора и сопствениците на овие видови да се вклучат поактивно во целата идна промоција со нивни предлози, сугестии, за тоа како да се испромовира ова неоткриено катче од македонскиот туристички потенцијал.

Ние имаме прекрасна гастрономија, преубави концептуални ресторани со врвни кулинарски специјалитети, врвно вино и кога ќе го споите сето ова, тоа е формулата за успех со одлична промоција.

МАРИЛИ: Сметате ли дека туризмот е префинета и чувствителна стопанска дејност во која жените успешно се снаоѓаат и дали сметате дека во нашата земја треба да се зголеми бројот на жени кои ќе работат во овој сектор?

КЕРИМ: Жените се двигатели во многу сектори и мора што поактивно да бидат вклучени во рецептивниот туризам. Мора да се мотивираат жените претприемачи што поактивно да се вклучуваат во туризмот.

Можам да констатирам дека жените доминираат во агенциското работење во државата и секако дека треба да се зголеми бројот на жени претприемачи во другите сегменти од туристичкото работење како хотелиерството и угостителството.

МАРИЛИ: Како претседател на Туристичко-угостителска комора,  што треба да се преземе ургентно, за да е претстави „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година“ во вистинско светло?

КЕРИМ: Ние како Скопјани треба да се гордееме што имаме чест да бидеме домаќини на европскиот шлаг во културата.

Сепак, би сакал да констатирам дека ние доцниме со промоцијата на овој историски настан за нашиот главен град.

Јас би иницирал што поскоро да се состави комитет за организација и промоција на Скопје 2028 - Туристичка дестинација, односно Европска престолнина на културата, со конкретни планови и програма за активности и за конкретна промоција, проекти за чистење на градот, за конкретизирање на главните артерии каде ќе бидат настаните во Скопје, како и туристичка промоција на Скопје како дестинација во 2025 и 2026 година, со цел да имаме рекорден број на туристи во Скопје 2028 година.

Реклама и промоција на сите можни настани да се прави на Скопје со цел да имаме два милиони туристи само во Скопје во 2028. Нема да биде лесно, но со добра организација и максимален труд ќе успееме, уверен сум во тоа.

МАРИЛИ:  Што сметате дека треба да биде базична стратегија или среднорочен план за развој на туризмот, посебно во 2025 година?

КЕРИМ: Како што наведов претходно, со квалитетен комитет за туризам можеме да направиме многу убави работи за преубава туристичка промоција на Македонија. Заедно сме посилни и заедно можеме поубаво да функционираме кога целокупната туристичка фела ќе допринесе за подобра туристичка промоција. 

Исто така, потребна е промоција во вид на организација на македонски вечери со најубавите македонски вина, сирења, кашкавали, ајвари во европските метрополи, каде ќе бидат поканети медиумите од тие земји, туроператорите и инфлуенсерите и во присуство на министерот за туризам и култура, Македонија ќе биде испромовирана на најевтентичен начин.

Потребен е и маркетинг по медиуми како CNN, Eurosport, но и дигитални реклами на социјалните мрежи како Фејсбук, Тик Ток и Инстаграм.


Статијата е прочитана 213 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско