„ЕЛИТ“ – Здружение на жени менаџери кое со своите активности го обликува светот и се бори за жените во бизнисот

За реализираните проекти во 2024 година на ЕЛИТ – Здружение на жени менаџери, за одлично организираниот „Светски економски форум на жени лидери – Балкан 2024“ и идните планови на Здружението, зборува претседателката на ЕЛИТ,  Ленка Угриновска.

За настанот „Жена Лавица“ кој го организира ЕЛИТ секој ноември, поточно во месецот на претприемаштво, говори овогодишната добитничка на наградата, проф. д-р Македонка Димитрова, универзитетски професор.

МАРИЛИ: Како претседателка на Здружението на жени менаџери „ЕЛИТ“, како ја оценувате 2024 година, со оглед дека организиравте „Светски економски форум на жени лидери – Балкан 2024“?

УГРИНОВСКА: Оваа година, нашето здружение успешно ги реализира зацртаните програмски активности  и  даде свој придонес да се зголеми улогата на жената во бизнисот и опшеството, особено преку успешно  организираниот  „Светски економски форум на жени лидерки – Балкан 2024“. Кога жените напредуваат во едно опшество, целиот општество има корист,  имаме подобар живот и подобра иднина, особено за новите генерации. Само со постојана надградба на жената се  рушат бариерите и се зголемува  посветеноста на жените во градењето еднакви можности и просперитет за сите. Само така ќе го обликуваме светот како подобро место за живеење.

„Економскиот бизнис форум на жени лидерки Балкан 2024“ се одржа на 2. и 3. октомври  во Скопје. во организација на ЗЖМ „Елит“ и Г100 крилото за комуникации, застапништво и медијација  од Македонија. Г100 е меѓународен клуб на жени лидерки од целиот свет, има 100 сектори и повеќе платформи за вмрежување на жените со една едиствена цел - подобар свет за сите.  Јас, како претседавачка за Македонија на ова крило во изминатите години успеав да вклучам многу моќни жени лидерки од земјата и ние сме најбројно крило во овој глобален клуб  Г100. На највисоко организациско ниво, Форумот пречека околу 511 учесници од Западен Балкан, Европа, Индија и Египет. Ова беше извонреден настан за зајакнување на жените во бизнисот и за градење соработка меѓу жените лидерки од Балканот и пошироко. Покажавме дека умееме да реализираме еден ваков светски форум кој беше  медиумски покриен и високо професионално квалификуван и од високи јавни личности и меѓународни институции во земјата.

Завршен  е двегодишниот  проект финанасиран од ЕУ „Потпри се на младите“ кој го спроведовме заедно со Македонската Фондација за Развој на Претпријатијата и  Рурална коалиција и Јуниор Ачивмент. Нашето здружение максимално се заложи и даде придонес во политиките за намалување на одливот на младите од нашата земја, особено во руралните средини. Во рамките на овој проект спроведовме повеќе работилници, над 30 обуки на младите и жените во руралните средини и логистички го помогнавме формирањето на пет младински совети во руралните опшини, со цел младите да се здобијат со вештини и да го подобрат својот капацитет за да можат да се вклучат во заедницата и дадат придонес во социјалната локална економија.

Проектот „Големо Срце“ по трет пат  го организираме во чест на нашата почината потпреседателка Олгица Илоска, која беше голем филантроп и борец за подобар свет. Оваа година наградата ја доделивме на Мариа Дуда, моќна млада жена која прави добрини преку нејзиниот социјален бизнис.  Таа има свој ранч “The country side“ во село Ранковце кај Крива Паланка, кадешто ги вдомува болните животни, ги лекува, а потоа тие, особено коњите, ги лекуваат децата од ранливите групи со хипотерапија. На тој начин таа го развива својот социјален бизнис и ги усреќува децата и болните луѓе кои во друштво на животните ја забораваат својата тага, болка и недостатци. Покрај плакетата и беа донирани финансиски средства за нега на животните во ветеринарната служба и храна.

Во ноември, месецот  на претприемништвото традиционално го организиравме изборот  на „Жена Лавица“ за  тековната година што е согласно на нашите програмски активности и мисија женското претприемништво и лидерство во бизнисот да станат значаен фактор во македонската економија.

Организиравме  4 трибини со актуелни теми во рамките на 10 годишниот проект „Женско лидерство во бизнисот“ кој е самофинансирачки. Досега  над 2000 жени учествувале на трибините кои се бесплатни, водени од говорници кои се експерти во својата професија со цел да поттикнеме и охрабриме повеќе жени да се одважат и да ги отпочнат своите успешни деловни приказни, а некои да се одлучат да застанат на раководни позиции во компаниите. Бевме активно вклучени во многу настани во невладиниот, во јавниот и во приватниот сектор поврзани со женските прашања.

МАРИЛИ: Кои се плановите и актуелностите што ќе ги преземе „ЕЛИТ“ следната година?

УГРИНОВСКА: Во 2025 ќе продолжиме со слична динамика со нашите гореспоменати проекти согласно Оперативната програма 2023-2025. Токму сега ги дефинираме нашите  нови активности и ги усогласуваме финансиските можности за нивна реализација..

Се разбира дека  посебен акцент како и во изминатиот период ќе бидат:

-Поддршката  на политиките на  ЕУ до 2026 да има 45- 50 % жени во управувачките структури во компаниите кои ротираат на берзата согласно акциски планови за родова еднаквост во земјите на ЕУ.

-Поддршката на политиката на ОН за родов баланс и Агендата за одржлив развој и други меѓународни институции и форуми.

-Ќе се стремиме да создадеме критична маса заедно со невладиниот, приватниот  и јавниот сектор за покренување на Иницијатива до Законодавниот дом за донесување на системски мерки (квоти-непопуларни но, неопходни ) во земјата за поголемо учество на жените во управувачките органи во  големите компании кои котираат на берзата.

-Ќе работиме на промовирање на жените на лидерските позиции  кои се клучни во градењето и примената на  одржливоста во бизнисот преку тнр. ESG (Environmental, Social, and Governance) известување (reporting). Јакнењето на жените во корпоративните улоги може да води кон подобри резултати во ESG.

-Ќе ја зајакнеме нашата улога во развивањето на политиките и во процесите на одлучување со цел да се зголемат можностите на женското лидерство во:

- Животната средина и климатските промени  што е од клучно значење за создавање инклузивни, одржливи и праведни политики во Северна Македонија.  

- Енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите ресурси и циркуларната економија каде со менаџирање на природните ресурси  ќе се  придвижи економскиот раст  и одржливост во земјата

За нас важи правилото дека само заедно и тимски може да одиме ДАЛЕКУ во реализација на нашите поставени цели.

МАРИЛИ: Неодамна ја добивте статуетката „Жена Лавица“ за 2024 година, награда која Ви ја додели „ЕЛИТ“ – Здружение на жени менаџери. Што претставува оваа награда и што значи истата за Вас?

ПРОФ. ДИМИТРОВА: Добивањето на признанието „Жена Лавица“ од Здружението на жени менаџери ЕЛИТ е голема чест. Ова признание е симбол за жени кои покажуваат исклучително лидерство, иновативност и посветеност во унапредувањето на родовата еднаквост, но и креирање на подобро општество за сите. Да се ​​биде избрана меѓу 11 силни женски лидерки ги нагласува колективните напори и достигнувања на жените кои се стремат кон напредок во нашето општество.

Ова признание не само што е олицетворение на моето лично и професионално патување, туку служи и како инспирација да продолжам да се залагам за зајакнување и лидерство на жените во сите сфери на општеството. А, мојата животна мисија ќе продолжи да биде создавање општество на кое младите ќе гледаат со оптимизам и со можност за просперитет, впрочем ова треба да прерасне кон колективна цел во Македонија.

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања околу интернационализацијата на женското претприемаштво и лидерство, со оглед на тоа дека постојано соработувате со успешни жени на меѓународно ниво? Наведете неколку неодамнешни средби и кои се заклучоците и бенефитите од истите?

ПРОФ. ДИМИТРОВА: Интернационализацијата на женското претприемништво и лидерство претставува клучен чекор за размена на искуства, знаења и најдобри практики помеѓу жените лидерки од различни делови на светот. Дигиталните технологии ни овозможуваат инстантно поврзување со целиот свет, најразлични платформи нудат деловни можности и услови за работа од дома. Мојот придонес кон овој тренд беше промоцијата на „Претприемачки ѕвезди“, дигитална збирка на 12 студии на случај и придружен видео материјал за млади претприемачи од ЕУ и Македонија во соработка со Џуниор Ачивмент Македонија. Во улога на уредник и обучувач за развој и примена на нови современи методи во претприемачкото образование имав можност да соработувам и да се вмрежам со повеќе од 50-тина едукатори и истражувачи од Источна Европа, а сознанијата дека нашите претприемачи совладуваат исти или слични препреки со оние од Европа беше поттик повеќе да се промовираат студиите и да им се помогне на младите претприемачи преку размена на искуствата.

Во однос на мојот истражувачки опус и соработка со истражувачи и академици од странство, годинава имав можност да соработувам со професори од Универзитет МСА од Каиро, Египет на чијашто конференција бев почесна говорничка на тема поврзана со бариери за одржливост кај бизнисите во Европа, на Универзиетот Тор Вергата, Рим, Италија разменувавме искуства за одржливост на претприемачите бизниси. Во октомври 2024 година, Скопје беше домаќин на Women Economic Forum – Balkans 2024 & G100 Meeting, каде јас претседавав со организацискиот одбор и имав голема задача да го креирам програмскиот дел. Беше промовирана и https://www.sheconomy.in/, дигитална бизнис платформа за жени-претприемачки, која е бесплатна за градење бизнис на жените од целиот свет. 

Оваа година учествував и бев говорник за одржлив развој на Г100 Лидерски самит кој се одржа во Португалија. Се поврзавме и се инспириравме од успешни жени од светски калибар, а нивното мото за постојано учење, менторирање и споделување - заедно сме посилни ме поттикна за размислувам за нови програми за поддршка на жените во 2025 година.

Кога станува збор за женска соработка, сакам да ја споменам уникатната програма за жени лидерки (Women of Impact Leadership Program) развиена од Инспирит Коучинг, во која имав чест да бидам избрана да учествувам во 2024 година, во конкуренција на повеќе од 300 жени од Македонија со потенцијал за влијание во општеството кон позитивни промени. Оваа напредна програма за зајакнување на лидерските капацитети ми помогна да се трансформирам за да ги насочам моите заложби и планови кон конкретни цели и да научам да барам поддршка, но и да кажам “не“. Една од најголемите придобивки од оваа програма е што со лидерките-истомисленички продолживме да соработуваме професионално и да дизајнираме иницијативи за подобро утре.

Сето ова значи дека жените добиваат поддршка во исполнување на целите, што е за поздравување. ЕЛИТ – Здружението на жени менаџери во кое членувам, е само една од организациите кои веќе 15 години успешно ја спроведува оваа агенда. Но, иако има можности, треба поинтензивно да работиме на нивната промоција, размена на ресурси, менторство и создавање системи за поттикнување на нова генерација жени лидерки кои ќе ги надминат традиционалните бариери.

 


Статијата е прочитана 136 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско