Проф. д-р Јана Клопчевска: „Биотехнологијата е една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст во иднина“
Интервју со д-р Јана Клопчевска, научник, иноватор и вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.
Во интервјуто проф. Клопчевска говори за биотехнологијата како една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст, за иновациите во прехранбената индустрија, за прототипите и иновациите креирани во Отворената Градска лабораторија, за работата со студентите, но и за нејзината безрезервна поддршка за жените во бизнисот и женското претприемаштво.
Проф. Клопчевска, исто така, како консултант, зборува и за тоа колку реалниот сектор се потпира на иновациите, новините и науката и каква е соработката на бизнис заедницата со научните институции.
МАРИЛИ: Вие сте вонреден професор и иноватор. Колку често сте присутни на меѓународни настани посветени на иновациите? Колку ги пренесувате искуствата во вашето работење?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Како вонреден професор и иноватор, често присуствувам на меѓународни настани посветени на иновации, бидејќи тоа е суштински дел од мојата работа. Во последниве години се посветив освен на обучување во делот на scientist to business, а неуморно и најпосветено на citizen science или на суштината на научиците.
Моето последно интернационално излагање беше на FoodTech 2024, или најпрестижната Конференција за храна во регионов. Овие настани се одлична можност да ги споделам резултатите од проектите кои ги менаџирам и да бидам во тек со најновите трендови и откритија во полето на светските иновациите.
Што се однесува до пренесувањето на искуствата во моето работење, секогаш се трудам да ги интегрирам научените лекции од овие настани во моите предавања и истражувања.
На овој начин, моите следбеници, тука би ги вклучила и граѓанскиот сектор, не само студентите, бизнис секторот секако, кои добиваат актуелни информации и вештини од помош во нивната кариера или работа. Секогаш ги применувам стекнатите знаења и во моите проекти, како во образованието, така и во зелените иновациите.
МАРИЛИ: Сметате ли дека биотехнологијата ќе биде најбрзорастечка индустрија на иднината? Каква е свесноста по ова прашање во нашата земја?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Биотехнологијата е една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст во иднината, поради нејзините апликации во различни сектори, како што се здравството, земјоделството, енергетиката и заштитата на животната средина.
Со постојаното напредување во генетиката, биоинженерството и развојот на нови терапии, вакцини и одржливи решенија, биотехнологијата ветува дека ќе има клучна улога во глобалната економија. Во однос на свесноста за биотехнологијата кај нас, сè уште е во процес на развој, но во поразвиените земји, биотехнологијата е веќе централен дел од биоекономскиот и научниот дел. Во Македонија, иако постојат иницијативи и истражувања поврзани со биотехнологијата, и доста се вложува во едукација, инфраструктура и промовирање на оваа област, сепак, со зголемување на интересот за глобални предизвици, како што се климатските промени и прехранбената безбедност, биотехнологијата ќе биде во се поголем пораст во нашата земја.
Клучна е соработка меѓу универзитетите и приватниот сектор, како и подигнување на свесноста кај младите за кариери и можности во биотехнологијата.
МАРИЛИ: Како може да се спроведат иновациите во македонската прехранбена индустрија која не толку одамна беше најпродуктивната стопанска гранка во нашата земја?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Иновациите во македонската прехранбена индустрија играат клучна улога во ревитализирањето на оваа стопанска гранка. За да се спроведат успешно иновации, потребна е поддршка од владата, приватниот сектор и академските институции. Освен дигитализацијата во технологијата, интернет на нештата и паметното земјоделие, доста битна е одржливоста и зелените иновации, особено делот на намалување на отпадот.
Развивањето на технологиите за рециклирањето на отпад, што ќе ја зголеми одржливоста на индустријата. Користење на биоразградливите материјали би можело да биде примамливо за домашниот и за странскиот пазар, особено со оглед на зголемената побарувачка за зелени производи.
Би сакала да напоменам дека инвестициите во истражување и развој (R&D) се доста битни во развој на нови производи и технологии, како и подобрување на постоечките процеси преку истражувања.
Особен акцент се дава на развој на функционална храна или храна со додадени вредности или храна за специфични здравствени проблеми што може да ја зголеми конкурентноста на македонските производи на странските пазари.
Секако, поттикнување на образовните програми во областа на прехранбената технологија, менаџментот и одржливоста ќе создадат компетентна работна сила која ќе ги поддржи иновациите.
Владата би требало да понуди субвенции и програми за иновации и модернизација во прехранбената индустрија, како и финансиска поддршка за стартапи кои работат на нови технологии, но и можности на приватно - јавни партнерства меѓу компании и владата, што може да поттикне заедничко вложување во иновациите.
МАРИЛИ: Што сѐ се работи во Отворената Градска лабораторија која е единствена од ваков тип во регионот? Наведете неколку позначајни прототипи или инововации, кои сте ги подготвиле во лабораторијата?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Отворената Градска лабораторија е навистина еден уникатен простор во регионов и пошироко каде освен собирање и сепарација на отпадот се врши негова валоризација и трансформација во прототипи и иновации, преку различни бизнис и стартапи, а со помош на партнери, како УНДП.
Преку едукација и регирутирање на таленти, се врши развој на активности, се донесуваат одлуки за управување и се интервенира во регулативи, како и мапирање на отпадот во целиот екосистемот. Ние ја замислуваме иднината на Скопје без отпад.
Последните прототипи кои беа направени со стартапи во државата беа нов вид на текстил од отпад при производство на микросалати, репеленти од отпад од кафе, играчки за деца од отпадот од кафе, перници наполнети со лушпа од кафе, како и парфем од отпад од кафе за потребите на козметичката индустрија.
МАРИЛИ: Со вашите студенти редовно работите на нови иновации во областа на молекуларната гастронимија? Кажете нѝ нешто повеќе за тоа?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Во делот на молекуларната гастрономија, особено во изминатите неколку месеци, бевме доста активни при креирање на молекуларната храна за неколку познати компании во државава.
Се трудиме таа храна да биде комплетно задоволство за присутните кои имаат можност да јадат специфични и интересни креации од шеќер, скроб, на пример нашето мени е од скроб и се јаде. Потоа се пишува со јадливи пенкала, се јадат корпи со кавијар и микросалати и сето тоа е еден вид на ументност, која ја чувствуваме преку вкусови, инертни гасови, како дел од уживањето и секако, разновидни ароми за сите сетила.
МАРИЛИ: Како ја оценувате соработката со бизнис заедницата, каде често сте присутни како консултант? Дали реалниот сектор сѐ почесто се потпира на науката и иновациите кои можат да не направат извозно атрактивни во повеќе индустрии?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Соработката со бизнис заедницата, кога се работи за консултации, може да варира, но генерално гледано, се забележува позитивен тренд во зголемување на свесноста за важноста на науката и иновациите. Сѐ повеќе компании сфаќаат дека за да останат конкурентни, особено на меѓународно ниво, мораат да ги прифатат новите технологии и да соработуваат со истражувачи и експерти од различни области. Во Македонија, реалниот сектор постепено почнува да се потпира на науката, но овој процес може да биде побавен отколку во поразвиените земји.
Компаниите што ги препознаваат предностите на иновациите и науката, особено во сектори како земјоделство, прехранбена индустрија и фармацевската индустрија, полесно го наоѓаат својот пат на извозните пазари.
Сепак, во одредени индустрии и мали бизниси, иновациите сѐ уште се гледаат како дополнителен трошок, наместо како инвестиција за долгорочна одржливост и раст.
Клучот за поуспешна соработка лежи во едукацијата на бизнисите за можностите што науката и иновациите ги носат, како и во поголемо поврзување на академската и истражувачката заедница со приватниот сектор.
Јавните и приватните партнери, треба заедно да креираат услови каде што иновациите и новите технологии стануваат дел од секојдневните бизнис операции, со цел да се зголеми конкурентноста на домашните производи и услуги на глобалниот пазар.
МАРИЛИ: Вие сте поддржувач на жените во бизнисот и женското претприемаштво. Според Вас, што е важно за напредок на жената во кариерата? Дали е тоа образованието, формално и неформално, доедукација, поддршка од најблиските, поддршка од колегите, храброста и визијата, или пак нешто сосема друго?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Поддршката на жените во бизнисот и женското претприемаштво е клучна за креирање поинклузивно и динамично општество.
Според мене, напредокот на жената во кариерата зависи од комбинација на повеќе фактори и образование, било да е тоа формално или неформално. Истото е основа за изградба на квалитетни знаења и вештини, но денешниот свет бара брзо и постојано учење и прилагодување. Постојаното усовршување, преку работилници, онлајн курсеви, менторства и конференции, е клучно за жените да останат конкурентни и ажурирани со новите трендови.
Емоционалната и практичната балансираност е значаен фактор за успехот на жената, особено е битна избалансираност на приватниот и професионалниот живот. Жените треба да имаат самодоверба да ги следат своите визии и да излегуваат од зоната на удобност. Успешните жени во бизнисот знаат како да се прилагодат на промените, брзо учат и се подготвени за нови предизвици.
Флексибилноста е неопходна за навигација низ сложените деловни динамики. Постоењето на менталитет за постојано подобрување, прифаќање на неуспесите како можности за учење и одржување на високо ниво на самодоверба се исто така клучни, особено во земји или компании каде што родовата еднаквост е дел од корпоративната култура
МАРИЛИ: Покрај тоа што се забележува дека активно ја следите модата, Вие ги поддржувате и домашните компании кои креираат модни парчиња со тоа што ги носите истите. Сметате ли дека креативноста во државата е на завидно ниво?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Сметам дека креативноста во државата е на многу високо ниво, особено кога станува збор за модата и дизајнот. Домашните дизајнери успеваат да создадат уникатни и иновативни парчиња кои ја одразуваат нашата култура и традиција, но исто така следат и глобални трендови. Она што е посебно значајно е фактот дека сè повеќе локални брендови добиваат меѓународно признание, што зборува за нивната квалитетна работа и креативност.
Поддршката на домашните компании е важна за одржливоста на креативниот сектор и за охрабрување на новите генерации да продолжат со своите идеи и проекти. Мислам дека со соодветна поддршка и промоција, нашиот моден сектор може уште повеќе да се развие и да ја претстави државата на глобално ниво. Особено ми е драга последната соработка и поддршката во иновативната кампања на брендот Минимал Мк, која беше во правец на идентификација на кариерно-реализирани жени од различни професии, целосно различни една оддруга, а кои оставаат еден голем фоотпринт во државава.
Статијата е прочитана 592 пати.