МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ одбележува 6. роденден
МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ е формиран со мотив да ги обедини најуспешните жени менаџери што биле дел од проектот на агенција „Марили“ – „Избор на најуспешни жени менаџери“ и да овозможи нивна подобра комуникација, соработка и размена на идеи и искуства. Идејата наиде на големо одобрување и желба позитивната енергија што ја носат овие жени во себе да ја споделуваат не само за бизнис проекти, туку и за проекти од општо општествено значење и да бидат гласот на жената во општеството за нејзините севкупни права, а особено за нејзините лидерски позиции во бизнис заедницата.
МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ (МБК) е формиран на 7 декември 2016 година и во него членуваат жени менаџери што биле дел од изборите за најуспешни жени менаџери кои ги спроведуваше агенција „Марили“ во изминатите 26 години, а има и почесни членки. Клубот има свои симболи, заштитно лого, значка и клуб-картичка за секоја членка. Мометално активни членови се над 150, а од оваа година во него се вклучени и жените менаџери што беа дел од последната манифестација која имаше регионален карактер, па дел од МБК се и менаџерки од Хрватска, Србија и од Црна Гора. Целта беше да се овозможи взаемна поддршка и соработка особено во услови на продолжена криза, водејќи се притоа од мотото „Заедно сме посилни“, но излегувајќи од границите на нашата земја, што беше и една од целите на овој Клуб уште при неговото формирање.
Во рамки на средбите на МБК досега се одржани бројни едукации, хуманитарни акции, разменувани се искуства и идеи, а во услови на пандемиска и продолжена криза овозможена е зголемена соработка и взаемно помагање за полесно надминување на тешкиот период. Сето тоа со посредство на агенција „Марили“ која ги споделуваше информациите на сите членки.
Мисијата на Клубот се продлабочуваше постојано и во текот на овие изминати шест години ги надмина првично поставените цели. Денес МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ ги третира најзначајните бизнис теми поставувајќи ги на високо општествено ниво, како што беше и со последниот проект – Марили Бизнис Форум, кој треба да понуди практики и решенија за најгорливите економски проблеми согледани од регионален аспект и да даде одговори за значењето на современиот личен менаџмент од аспект на лична трансформација и адаптација кон менаџирање во услови на криза.
Денес жените менаџери, лидери и претприемачи претставуваат значајно јадро на македонската економија, а нивните искуства, практики и сознанија даваат витални идеи за надминување на актуелните состојби. Тие се креатори на општествената стварност и пример за младите генерации за тоа како се чекори по трнливиот пат на успехот. Овие жени даваат поттик не само во борбата за женски права, туку и за извојување на битките со кои се соочуваат една млада држава и нејзината мала економија.
Агенција „Марили“ со МАРИЛИ БИЗНИС КЛУБ ќе продолжи да биде мост за взаемно помагање и комуницирање меѓу своите членки, разменувајќи и споделувајќи информации за полесно да се постигне целта – жената да го завземе местото во општеството што го заслужува.
Статијата е прочитана 503 пати.