МАКЛАБ ја организира 5.Меѓународна конференција „Квалитет и компетентност“ наменета за лабораториите за квалитет на животната средина

Интервју со м-р Магдалена Трајковска Трпевска, основач и генерален менаџер на „Технолаб“ и претседател на Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела МАКЛАБ, во кое зборува за претстојната јубилејна конференција „Квалитет и компетентност“ која ќе се одржи од 29.09 до 02.10.2022 година во хотел „Силекс“ во Охрид

 

МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е Вашиот ангажман околу Меѓународната конференција „Квалитет и компетентност“ што ја организира МАКЛАБ, чиј претседател сте Вие. За каква конференција станува збор, кога ќе се одржи, на што ќе биде ставен фокусот и од каде се ќе имате гости?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Оваа година, Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела МАКЛАБ, чиј претседател сум јас, во соработка со Институтот за акредитација на Република Северна Македонија ја организира петтата Меѓународната конференција „Квалитет и компетентност“ 2022. Станува збор за јубилејна, петта конференција со меѓународно учество, која требаше да ја организираме минатата година по повод 10-годишното постоење на МАКЛАБ, но заради Ковид пандемијата ја одложивме за оваа година. Конференција ќе се одржи во Охрид од 29.09 до 02.10.2022 година во хотел „Силекс“. Со особен интерес ја организираме конференцијата по петти пат, со што сме чекор поблиску до нашата цел: поврзување на лабораториите од нашата држава но и од европските држави, при што преку размена на сопствени искуства создаваме компетентна, ефикасна и одржлива структура за квалитет на национално, регионално и меѓународно ниво. 

Всушност, конференцијата „Квалитет и компетентност 2022“ ја организираме со цел:

·        Промовирање на квалитетот и компетентноста на лабораториите и инспекциските тела

·        Размена на искуства и меѓусебно информирање

·        Надградување, унапредување и промовирање на лабораториите за тестирање и калибрација и испекциските тела преку презентација на нивните достигнувања, развојни резултати, искуства и предизвици при имплементацијата на системите за квалитет

Теми на годинашнава конференција се:

ü Национална и европска законска рамка за обезбедување квалитет и  Промовирање на акредитацијата како потврда на квалитетот

ü Основни принципи и развојни трендови во лабораториите за тестирање, калибрација и инспекциски тела, колку и како ги користиме модерните технологии

ü Квалитетот како имиџ на лабораториите за тестирање и калибрација, инспекциските тела и телата за сертификација, предизвици и решенија

ü Тестирање и контрола во животната средина, индустријата и земјоделството 

ü Улогата на лабораториите во развојот на стопанството

ü Испитување и сертификација на производи наменети за домашниот пазар и за европските пазари

Работните сесии на конференцијата „Квалитет и компетентност 2022“ содржински ќе ја следат целта на конференцијата и во рамките на сесиите ќе бидат презентирани трудови од повеќе области на лабораториската пракса кои меѓу другото се поврзани со обезбедување квалитет на лабораториите за тестирање и калибрација согласно меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2018. 

Се надеваме дека 5. Меѓународната конференција „Квалитет и компетентност 2022“ ќе ги надмине нашите очекувања, особено во сегментот на споделување искуства и проширување на можностите за идна соработка.

Веќе имаме пријавено учесници како од нашата држава така и од странство. Особена чест имаме да бидеме домаќини на претставници од Меѓународната асоцијација на лаборатории „Еуролаб“ со седиште во Брисел, од хрватската асоцијација на лаборатории „Кролаб“, од турската асоцијација „Турклаб“. Исто така, најавено е присуство и на директорите на акредитационите тела на лаборатории од Р. Србија, од Босна и Херцеговина, од Црна Гора, од Хрватска и од Албанија кои, во рамките на посебна сесија т.н. регионална средба ќе ги споделат со сите учесници своите искуства и достигнувања во областа на акредитацијата на лабораториите и инспекциските тела од регионот.  

Сигурна сум дека со 5. Меѓународната конференција „Квалитет и компетентност 2022“ ќе бидеме чекор понапред кон компетентна, ефикасна и одржлива структура за квалитет призната на национално, регионално и меѓународно ниво. 

 

МАРИЛИ: Што претставува МАКЛАБ, кој го сочинува членството и која е целта на нејзиното делување?

ТРАЈКОВСКА ТРПЕВСКА: Македонското здружение на лаборатории и инспекциски тела МАКЛАБ е национална, невладина и непрофитна организација формирана во 2011 година со цел здружување на лабораториите за тестирање и калибрација како и инспекциски тела од нашата држава со следните проектирани цели:

- Меѓусебна соработка помеѓу лабораториите и инспекциските тела

- Споделување искуства и достигнувања со цел унапредување на квалитетот и компетентноста

- Промоција на ефективно тестирање, калибрација и контрола

- Промовирање на акредитацијата како потврда на компетентноста на лабораториите и инспекциските тела

- Размена на искуства и информации преку организирање на семинари, стручни предавања, работилници и конференции

Од 2013 година МАКЛАБ е член на Европската социјација на лаборатории за тестирање ЕУРОЛАБ, а од 2015 на Европската асоцијација на лаборатории за калибрација ЕУРОКАЛ.

Лабораторијата на „Технолаб“, која беше и иницијатор за формирањето на МАКЛАБ е една од првите членки на ова здружение, а членови се и лаборатории за тестирање и калибрација како и инспекциски тела од различни области: заштита на животна средина и заштита при работа, фармацевтска индустрија, експлоатација на руди, медицински лаборатории, прехранбена индустрија, испитување на материјали, геомеханички испитувања, криминалистика, заштита од јонизирачко зрачење, тестирање на возила, испитување на земјоделски производи и други области.

 

Активностите на МАКЛАБ генерално се насочени кон промоција и унапредување на системите за квалитет преку одржување, развој и надградба на компетнтноста на лабораториите и инспекциски тела во Македонија и пошироко.

Во текот на своето постоење МАКЛАБ интензивно работи на исполнување на своите цели преку организирање обуки, семинари, стручни предавања и конференции. На обуките до сега учествуваа над 700 претставници од лабораториите и инспекциските тела, а на конференците „Квалитет и компетентност“ организирани секоја втора година од постоењето на МАКЛАБ (2013, 2015, 2017 и 2019година ) имаше повеќе од 400 учесници од Македонија, регионот и пошироко од Европа.

Од основањето МАКЛАБ е редовен учесник на конференциите што ги организира хрватското здружение на лаборатории КРОЛАБ, со кој имаме потпишано меморандум за соработка, како и на редовните годишни собранија на ЕУРОЛАБ. Оваа година јас, како претседател на МАКЛАБ присуствував и имав свое обраќање на Генералното собрание на Еуролаб кое се одржа во Рим под покровителство на Италијанската асоцијација на лаборатории АЛПИ.