Изложбата „ТАА“ претставува етнолошко-антрополошка, животна приказна за значењето и улогата на жената

Интервју со м-р Славица Христова, кустос советник во Музеј на град Скопје и една од авторките на изложбата „ТАА“ во кое зборува за идејата преку изложба да се претстави жената како важна алка во целокупниот живот во семејството и надвор од него во периодот од крајот на 19. век до денес, за користењето музејски материјали, како и фотографии во приватна сопственост меѓу кои и на агенција „Марили“ од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“

 

МАРИЛИ: Во тек е етнолошката изложба „ТАА“ во Музејот на град Скопје посветена на значењето и улогата на жената од крајот на 19.век до денес. Која беше идејата за еден ваков проект?

ХРИСТОВА: Долгогодишното искуство како кустос етнолог во етнолошкото одделение на Музејот на град Скопје, научно-истражувачките проекти и изложби укажуваа на потребата од проучување и претствување на жената низ текот на времето до денес. Идејата беше да ја издвоиме жената како важна алка во целокупниот живот во семејството и надвор од него. Претставувајќи ја нејзината положба во традиционално-патријахално општество во 19. и во почетокот на 20. век, во периодот помеѓу двете светски војни, повоените децении, нејзиното прилагодување на новите општествени и економски процеси со кои постепено се еманципирала, до денес кога ја потврдува својата важност. Идејата не е изложбата да има феминистички призвук, таа е етнолошко-антрополошка, животна. Следната година во нашата програма е планирана и изложба за ТОЈ - мажот. Со големо задоволство истражувавме за ТАА - жената, ја осмисливме и поставивме изложбата во Музеј на град Скопје, која беше отворена на 1 декември, вклопувајќи се во 16 дена активизам против родово-базирано насилство насловено „Не молчи, Не трај, Стави крај“.

 

МАРИЛИ: Кои периоди беа зафатени, какви материјали користевте и од каде ги обезбедивте?

ХРИСТОВА: За да се постави етнолошка изложба потребно е поседување богато културно наследство во музеите. Нашиот музеј веќе 70 години многу активно собира, проучува, чува и презентира етнолошко културно наследство. Во нашиот музеј најстарите етнолошки предмети потекнуваат од средината на 19. век се до 80-ите години на 20. век. Нивното чување во музејските депоа е особено деликатно поради материјалите од кои се изработени предметите, волна, памук, свила, метал, дрво, глина, стакло итн. Тие се предмети од материјалната, социјалната и од духовната култура на граѓаните на Скопје и неговата околина. Етнолошкото одделение уште пред 15 години имаше визионерски поглед и започна да собира материјали од нашата понова културна историја до 80-ите години, предмети кои веќе имаат музејска вредност. Благодарение на високата свест на скопјани речиси сите собрани предмети, кои се над 1.000 се донирани. Затоа, поставувањето на излобата „ТАА“ и сите претходни, за нас се големо задоволство, затоа што нашите збирки тоа ни го овозможуваат.

„ТАА“ опфаќа временски период повеќе од 100 години, крајот на 19. век, 20. век и завршува денес, во 21. век. Периодот на 19. и 20. век го прикажавме со музејски материјал, а 21. век, благодарение на донација на материјали, голем дел од нас авторките и голем дел од наши соработници. Изгледот на жената, нејзината позиција беше претставен преку фотографии од сите опфатени периоди. Музејската збирка оригинални фотографии ни овозможи презентација на жената за 19. и 20. век, а за поновиот период користевме фотографии од приватна сопственост. Особено значајни за нас, беа фотографиите овозможени од агенцијата „Марили“.

 

МАРИЛИ: Покрај Вас кој се учествуваше во подготовката на оваа изложба?

ХРИСТОВА: Во музејските кругови на нашиот град, ние, авторките на изложбата „ТАА“, Славица Христова, Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Тачевска сме познати како долгогодишен тим. Сите етнолошки проекти и изложби изминатите години ги остваруваме како тим. Секоја од нас има нешто што може да го направи подобро од другите. Но, најубавото во тимската работа се безбројните и долги дискусии, расмислувања, дополнувања, а идеите извираат од сите нас. Конструктивната работа, организираноста, напорот ни овозможува по успешно завршен проект да се чувствуваме среќно и исполнето. 

 

МАРИЛИ: На настанот беше користена и поезија од домашни автори каде е опеана жената низ различни периоди. Колку ова му даде духовна димензија на целиот настан и го подигна културното ниво на промоција на жената кај нас?

ХРИСТОВА: Духовниот свет на жената воопшто, беше цел на претставување на изложбата. Во сите периоди во кои беше претствена таа постоел различен но длабок идеал за нејзината убавина, внатрешна или нејзиниот надворешен изглед. Облеката визуелно го претствува тој воспоставен идеал на одредено време и таа по неа е пропознатлива. Но, богатиот внатрешен свет на жената, нејзината убавина, цврстина, одлучност, положба, ја испеал народниот пеач преку многуте македонски народни песни собрани од Миладиновци и други народни собирачи. Таа била инспирација на многу уметници, а нашите познати македонски поети Блаже Конески, Ацо Шопов, Благоја Стефановски ја опеле во многу песни посветени на жената. За наша среќа, ние денес ја имаме Ана Бунтеска. Мислам дека нема жена што не ги чита песните на Ана на социјалните мрежи. Таа ги вдахновува своите чувства, дава потстрек, мотив, желба на сите, бидејќи може јасно да се почувствува дека зборовите излегуваат длабоко од нејзината душа. Ана на сите ни подарува чиста благородна мисла на постоење, борба, став...на секоја жена. На отворањето на изложбата нејзините стихови ги презентираше актерката Драгана Левенска. Таа со многу чувства рецитираше неколку песни, кои сите со големо задоволство молкум ги слушаа. По завршување на отворањето, коментарите на гостите беа дека би сакале уште да слушаат поезија од Ана. Нашето задоволство е големо, бидејќи поезијата ја зачини нашата изложба со најубавиот зачин, љубов и поезија. 

 

МАРИЛИ: Колку преку оваа изложба можат да се извлечат заклучоци за динамиката на развојот на жената и нејзиното етаблирање во општеството?

ХРИСТОВА: Секоја изложба има кратко траење, таа се поставува, трае извесен период, според просторните можности на музејот, а каталогот кој е придружен за секоја изложба е тој што ја остварува големата цел. Нешто да остане за нас, но и за идните генерации. Наша колешка го однесе дома каталогот и го даде на својата ќерка, која почнала да го чита пред целото семејство и предизвикал дискусија помеѓу машките и женските членови на семејството, се поставувале различни прашања и мислења што треба да прави жената, што мажот, колкава е почитта итн. По читањето на каталогот ни пишуваа и други жени, кои сметаа дека ова треба да го читаат и нивните деца за да знаат како нивните прабаби, баби, мајки живееле. Ваквите реакции ни даваат за право да мислиме дека нашата задача за претствување на животот на латентно, но и манифестно ниво ќе допре до што повеќе луѓе и нашата мисија ќе биде остварена.

 

МАРИЛИ: Колку е важно за младите генераци да ги следат ваквите културни и етнолошки процеси и да го познаваат историјатот на развој за суштински да го согледаат коренот на промените?

ХРИСТОВА: Едукативната функција на секоја изложба е особено важна. Соработката на Музејот со училиштата беше на високо ниво до периодот на пандемијата. Меѓутоа, има и други начини изложбата да допре до младата публика. Тие можат да прочитаат на социјаните мрежи и да ја посетат изложбата. Сите присутни мајки на изложбата дојдоа со своите ќерки. Се надеваме дека сите млади луѓе кои ќе можат да го земат во рака каталогот ќе бидат привлечени да го прочитаат, да размислуваат, да научат... Факултетот за етнологија и антропологија своите студенти ќе ги донесе на изложбата која за нив ќе биде проектна задача. Се надеваме дека ќе влијаеме барем малку да се надминат стреотипите, патријахалните сфаќања или семејното насилство, кое кај нас се уште е само домашен проблем.

 

МАРИЛИ: Жената во денешното современо време ја претставивте преку нејзиниот напредок на полето на бизнисот како успешна жена менаџер и лидер. За таа цел користевте материјали од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ на агенција „Марили“ која годинава одбележа 25-годишен јубилеј. Колку сметате дека еден проект, како овој на „Марили“ ја отсликува реалноста за позицијата на жената во македонското современо општество?

ХРИСТОВА: Во периодот на транзицијата, 90-ите години на 20 век, во нашата држава беа затворени многу индустриски капацитети. Многу мажи останаа без работа. Во тој период овие општествено-економски промени за жената беа нов предизвик. Многу жени храбро застанаа во заштита на своето семејство. Тие се одважија да ја „земат работата во свои раце“ и почнаа да отвораат свои бизниси. На манифестно ниво ја истакнувале важноста на „главата на семејството“, мажот, но во реалноста, жената била таа која го обезбедувала економскиот опстанок на своето семејство. Многу жени почнале самостојно да работат, да создадат своја кариера, да бидат успешни, а притоа да го чуваат своето семејство. Целиот период од 25 години успешна работа, агенцијата „Марили“ ги поттикнувала жените избирајќи секоја година најуспешни жени-менаџерки. Изборот на 10 жени секоја година значи колку многу успешни жени има во нашата држава. Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ ја остварува својата мисија посветена на афирмација на жената и е поттик за сите да започнат да ја реализираат својата цел. Агенцијата „Марили“ ги потврди и нашите истражувања за просперитетот и успешноста на жената денес.

 

МАРИЛИ: Што покажаа Вашите истражувања при подготовката на изложбата „ТАА“, каква е жената на 21.век во нашето општество и дали храброста претставува значајна доблест, со оглед дека жените прават голем исчекор во заземање на лидерските позиции во севкупниот општествено економски живот?ХРИСТОВА: Во текот на истражувањето за изложбата имавме став дека многу работи ни се познати за жената, ние сме жени. Како напредуваше истражувањето мислевме дека во носењето заклучоци не треба да поаѓаме од нашите ставови и мислења. Колку подлабоко навлегувавме сфативме дека жената е особено комплексно прашање во кое се содржани патријахални и современи гледишта испреплетени едни со други за различни животни прилики. Сепак, суштината на денешната жена е дека таа е одважна и храбра да прифати секаков предизвик во однос на работата, но од друга страна, сепак, е патријахална и има почит кон родителите, семејството, моралните норми. Иако статистиката во однос на лидерските функции, кај нас, не оди во прилог на жената, сепак, таа е присутна на значајни места и делува секаде каде што има можност. Такви жени, познати или не, среќаваме постојано околу нас, тие се храбри и доблесни да ги остварат сите свои цели кои си ги поставиле. Благодарност до агенцијата „Марили“ која умее да даде дополнителен елан и да им ја признае и озваничи нивната успешност. 

 

МАРИЛИ: Вие сте кустос советник во Музеј на град Скопје речиси 30 години. Кои се најзначајните изложби и монографии на кои сте работеле?

ХРИСТОВА: Да се работи во музеј е навистина големо задоволство. Да можете да ги допрете, почувствувате, помирисате стогодишните предмети, да ја допрете мекоста на волната, шушкањето на свилата, стариот ковчег, мебел, амајлија, е вистинско задоволство. Но, тоа е материјалното културно наследство, а приказната за секој од музејските предмети е предизвик да се напише, сподели. Мојата музејска работа започна со предметите, а се надополни со приказните. „Животот во градот Скопје 1918-1941 година“ беше првиот обемен научно-истражувачки проект, приказна за нашиот град. Долгогодишно истражување на стари скопјани, учење на сите маала и култни места, запознавање со цел еден живот. Монографијата беше подарок за сите стари скопјани и за нашиот град.

Се редеа многу проекти и изложби за етничкото шаренило на градот во 19. и почеток на 20. век, за културниот идентитет на градот Скопје по војната до крајот на 70-ите години кога за првпат изложивме нешто што се уште на сите ни е познато, за невестинските фустани од 19. век до денес, со изложени над 50 невестински фустани, изложба посветена на сите донирани предмети во музејот „Дарови“ со која се заблагодаривме на сите донатори, духовни празници Прочка и Пролетни празнувања на која изложба беа претствени сите духовни празници во пролетниот празничен циклус, ја претствивме материјалната култура на Македонците муслимани, изложбата „За спомен и долго сеќавање“ беше посветена на оригиналните фотографии во Музејот од крајот на 19. век, во Белград ја претставивме збирката фотографии на фотограф аматер Милун Мрвиќ, кој живеел во Скопје во 30-ите години на 20. век. Минатата година ја објавивме монографијата „Скопје ВИА Солун“ обемно истражувања за двата града и нивната поврзаност географска, трговска, културна, роднинска во Отоманската империја до денес.
   

МАРИЛИ: Освен љубовта кон музејската работа се занимавате и со изработка на облека. Кажете ни нешто повеќе околу тоа и дали притоа се инспирирате од богатите народни носии?

 

ХРИСТОВА: Мојата музејска работа е тесно поврзана со моето хоби, изработка и креирање на облека. Љубовта кон облеката уште од 15 годишна возраст ми се надополни со музејските збирки облека. Народната носија инспирира со нејзината посебна колоритност и вез. Иако претствува предизвик, не може да се достигне нејзината уникатност. Инспирацијата е во комбинацијата со бои. Позната кошула „црногорка“ од Скопска Црна Гора е комбинација на волна извезена со густ вез „црнетица“ во црна и тегет боја, која со извезените „прутови“ потсетува на облакодерите во Њујорк. Тоа за мене е инспирација, стилизирана употреба на паспули, траки... Ме исполнува работата со рака, ме воодушевува мекоста на природниот материјал, готово парче. Двете мои работи ми прават една целина која е дел од мене.


Статијата е прочитана 1582 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско