Успешно завршената задача значи задоволен клиент
Интервју со Искра Спироска Ивановска, генерален менаџер на „Тим консалтинг“ во кое објаснува за што е специјализирана оваа консултантска куќа и какви професионални услуги нуди, за тоа како бројните сертификати со кои располага компанијата и квалитетот со кој се извршуваат обврските придонесуваат за ширење на бизнисот, а зборува и за тоа колку личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството
МАРИЛИ: Со што се занимава Вашата компанија „Тим консалтинг“, какви услуги нуди и во кои области?
СПИРОСКА ИВАНОВСКА: Фирмата „Тим Консалтинг“ е специјализирана консултантска куќа што нуди професионални услуги во работењето во областа на финансиите, ревизијата, сметководството, даночниот консалтинг, изработката на инвестициски програми и бизнис-планови, процени, менаџмент консалтинг, финансиски длабински анализи, основање друштва и вршење на сите структурни промени во друштвата.
МАРИЛИ: Дали и колку многубројните сертификати со кои располага компанијата, како и квалитетот со кој ги извршувате обврските придонесуваат за ширење на бизнисот и дали соработувате и со меѓународни компании?
СПИРОСКА ИВАНОВСКА: Нашата компанија поседува сертификат Century International Gold Quality Era Award, издаден од меѓународната компанија „Century International Quality Era Award“, која го потврдува задоволството од клиентите, лидерските способности, стратегиското планирање во согласност со системот QC100 Total Quality Management. Компанијата поседува сертификат BIZZ за успешен деловен лидер што работи на иновативен и систематски начин, издаден од меѓународната компанија „World confederation of businesses“. Исто така, компанијата поседува сертификат за квалитет IASS 2020-2022, сертификат за животна средина IASS 2021-2023, сертификат за коректна фирма - за одлична репутација и етаблираност во бизнисот, како и за коректно спроведување на обврските кон клиентите и кон партнерите. Нашата компанија поседува и лиценца за работа на друштво за вршење сметководствени работи, лиценци за овластени сметководители, лиценци за овластени проценители во областа на недвижен и движен имот, капитал на трговски друштва, машини и опрема и транспортни средства.
Сертификатите, лиценците и уверенијата се документи што го потврдуваат квалитетот на услугите што нашата компанија ги пласира на пазарот, меѓутоа, нашата компанија се труди квалитетот на извршените услуги кон клиентите да биде секојдневен и постојан.
Наше мото е: успешно завршената задача значи задоволен клиент.
МАРИЛИ: Колку е тешко во континуитет успешно да се менаџира со специјализирана консултантска куќа, особено како е да се работи во услови на криза предизвикана од пандемијата со ковид?
СПИРОСКА ИВАНОВСКА: Навистина претставува предизвик, особено за помлада личност како мене, да се менаџира консултантска куќа, а предизвикот стана уште поголем во кризата поради пандемијата со ковид. Природата на нашата работа налага да се одржува постојана комуникација со клиентите, да се споделуваат документација и информации, комуникација со институциите, да се запазуваат законските рокови, сѐ што беше забрането во периодот на пандемијата. Кризата поради пандемијата со ковид претставуваше тест за тоа колку брзо менаџерот може да се справи со кризни ситуации, со промена на системот на извршување на работните задачи, справување со стравот на вработените, така што беше потребна голема умешност да се спроведат сите промени во компанијата и тие никогаш да не се одразат врз квалитетот на извршените услуги кон клиентите и кон запазување на законските рокови за извршување на работните обврски. Беа потребни дополнителна енергија, време и труд сето тоа да се менаџира, балансира и стабилизира, меѓутоа, јас верувам дека промената е единственото константно нешто во животот, а пандемијата со коронавирусот само го потврди тоа и ме направи појака и посигурна личност.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?
СПИРОСКА ИВАНОВСКА: Сметам дека успешните жени менаџери ја имаат умешноста својата енергија, визија и мисија, пред сѐ, да му ја пренесат на својот тим, а понатаму и на другите луѓе со кои работат и соработуваат. Едноставно, жената менаџер претставува огледало на својата организација и на своите соработници. Таа е онаа што може да инспирира, да мотивира, да организира, да креира и да ги поддржи вработените во одредени ситуации, одржувајќи баланс помеѓу вработените и клиентите, како и да се справи со секоја ситуација и предизвик во текот на работата. Жените менаџери се силни жени, жени што стојат на свои нозе и смело чекорат напред, но тие се и оние што никогаш не забораваат на сите луѓе што им помогнале и сѐ уште им помагаат во остварувањето на нивната мисија. Затоа сметам дека жените менаџери со своите лични примери на успешност и истрајност во остварувањето на својата идеја, желба и визија, претставуваат голем поттик за создавање на идните генерации жени менаџери што цврсто ќе зачекорат на своја територија. Сметам дека помладите генерации треба почесто да имаат можност да слушаат и да бидат во близина на успешни жени менаџери затоа што сметам дека жените имаат умешност и моќ таа искра на потенцијал што се крие кај помладите генерации да ја разгорат во нивните срца и да бидат дел од создавањето на една нова и успешна приказна.
Статијата е прочитана 818 пати.