Поликлиниката „Дента ЕС“ е синоним за современа стоматологија со примена на револуционерни методи
Интервју со д-р Елена Василевска-Ѓеоргиева, специјалист по ортодонција, член на Управниот одбор на поликлиниката „Дента ЕС“ во кое зборува за модерната ортодонција, за американскиот систем Damon кој како водечки во светот на ортодонцијата се применува во поликлиниката, за причините за имплементирање услуги од областа на фацијалната естетика при целосен третман на пациентите и тоа не само како медицински оправдано, туку и по барање на пациентите и за разубавување, но ги открива и мотивацијата и енергијата што ги користи за раст, развој, постојана едукација и одново вложување на секое ниво, а со една единствена цел - да остави белег зад себе
МАРИЛИ: Д-р Василевска-Ѓеоргиева, накратко претставете ни ја поликлиниката „Дента ЕС“, со што се занимава, од кога постои и колку високостручни кадри имате вработено?
ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Поликлиниката „Дента ЕС“ ја формиравме заедно со мојот сопруг пред повеќе од 15 години, во 2005 година. Најпрво започнавме како стоматолошка ординација, а во 2012 година, по неколку проширувања на капацитетите и на самиот тим, прераснавме во стоматолошка поликлиника со стоматолози специјалисти од областа на орална хирургија, ортодонција, протетика, како и тим од општи доктори по стоматологија. Од самиот почеток нашата визија беше да се погрижиме нашите пациенти да добијат висококвалитетна услуга со применети најнови светски трендови. Бројот на задоволни клиенти се зголемуваше како резултат на препораките, а тоа одеше рака под рака со нашата континуирана едукација и усовршувања. Секој од нас специјализираше во областа што најмногу му лежеше. Јас завршив специјализација по ортодонција, а сопругот по орална хирургија. Така природно дојде и потребата да ја прошириме својата дејност, да се прошириме и просторно, како и да го прошириме тимот.
Денес поликлиниката „Дента ЕС“ е синоним за современа стоматологија со специфичен и интегративен пристап што го имаме во третманот на нашите пациенти, вклучително најнови уникатни, револуционерни светски методи применети во Македонија. Сместени сме во наменски проектирани и модерно опремени простории за нашата дејност. Располагаме со најсовремена апаратура од областа на модерната стоматологија, а веќе две години го применуваме и процесот на дигитална стоматологија. Дигиталната стоматологија, всушност, претставува имплементација на протетски изработки со само една посета, а започнува со земање дигитални отпечатоци. Земањето дигитални отпечатоци ми помогна и мене за развој на дигиталната ортодонција, т.е. изработка на дигитални алајнери, односно невидлива ортодонција.
Денес, имаме 21 вработен, од нив осум доктори, а другите се дентални хигиеничари и асистенти, како и администрација.
МАРИЛИ: Ваша специјалност е ортодонцијата. Објаснете ни го накратко системот Damon и кои се привилегиите од неговата примена?
ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Јас сум специјалист по ортодонција од 2011 година, но оттогаш, па сѐ до денеска во континуитет се надградувам во сферата што ми е од интерес. Почнувајќи од специјализацијата следев голем број едукации, семинари, курсеви, од кои најголем дел во странство: Германија, Франција, Италија, Унгарија, Шпанија, Америка.
Сѐ оди напред, па и во нашата професија се менуваат пристапите во третманот. Денес модерната ортодонција еволуира и сѐ повеќе се работи функционална ортодонција, т.е. се земаат предвид функцијата, виличниот зглоб, дишењето, зборувањето, фонацијата, а естетиката и убавата насмевка финално да ја заокружат целината. За да напредувам и за да го применувам успешно наученото се сертифицирав за работа со пасивни самолигирачки ортодонтски системи, а системот Damon е американски систем што е водечки во светот на ортодонцијата. Поради сето ова и го избрав системот Damon како иновативен систем што овозможува индивидуален пристап за секој пациент.
Во меѓувреме со доедукација за третман на нарушување на темпоромандибуларниот зглоб и кога работам реконструкција на зглоб на пациенти, потребен ми е систем со благи сили бидејќи третманот е многу суптилен. Исто така, имплементирав и дополнителни дијагностички средства и третмани, од електромиографски мерења, кондилографии, до мерење на постура кај деца, која може да е нарушена и заради лоша позиција на темпоромандибуларниот зглоб (виличен зглоб).
МАРИЛИ: Вие сте едукатор по ортодонција не само во нашата земја, туку и пошироко. Може да го објасните ова!
ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Работејќи интезивно со својата посветеност и едукација, станав и интернационален едукатор и предавач за овој систем. До денес имам одржано повеќе од 200 едукации локално во Македонија, регионално на Косово, Албанија, Србија, Бугарија, Хрватска, но и во светски рамки на семинарите KOL во Египет, Италија, Германија, Јордан, Грција, ОАЕ. Во 2015 година бев избрана и за прв амбасадор и претставник на Македонија во ААО (Американската асоцијација по ортодонција), која е предводник и лидер во светот на ортодоцијата. Исто така, бидејќи сум една од ретките ортодонти сепецијализирани за третирање на нарушувања на темпоромандибуларен зглоб, која е многу специфична и суптилна проблематика, имам одржано голем број курсеви и за третман на темпоромандибуларни нарушувања, како во земјава, така и во странство.
МАРИЛИ: Во „Дента ЕС“ се вршат и голем број интервенции од областа на фацијалната естетика. Што подразбира овој метод и колкав е интересот во нашата земја за овој вид корекции?
ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Имплементирањето услуги од областа на фацијалната естетика се наметна како нужен, неразделен дел при целосен третман кај нашите пациенти. Најпрво користењето на фацијалната естетика беше корективна, т.е. медицински оправдана, а потоа и по барање на пациентите и за разубавување.
Имено, апликацијата на Botullinum Toxin (кај нас познат како ботокс) е неопходен дел во третманот на бруксизам, хиперактивна мускулатура во текот на ортодонтски третман, третман на невралгии. Потоа хијалуронските филери ги користевме кај пациенти со асиметрии, лузни на усни, како периорбитални импланти. Мезотерапијата ја користевме како терапија за болка, за главоболка поради нарушување на темпоромандибуларен зглоб, блокада на нерви. ПРП (Platelet Rich plasma) е третман со сопствена крв што, исто така, го аплициравме најпрво во зглоб, потоа во орално-хируршки интервенции, заедно со коска, за надоместување на коска, кај пародонтална хирургија. И кога сето ова го работевме во стоматолошки цели, природно дојде да се прелее и во естетика бидејќи верувајте многу е полесно да работите филери, мезотерапија ПРП во естетски отколку во терапевтски цели.
Од пред пет години работиме и мезо конци со кои, во согласност со најновите трендови, се прави и целосен нехируршки фејс-лифтинг.
МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира? Како успешна жена менаџер дали сметате дека личниот пример може да го поттикне развојот на женското менаџерство, преприемаштво и лидерство во нашата земја?
ВАСИЛЕВСКА-ЃЕОРГИЕВА: Важна е синергијата. Јас и мојот сопруг веќе 15 години успешно ја водиме и развиваме нашата приказна и како милуваме понекогаш да кажеме нашето „трето дете“ – „Дента ЕС“. Во сето тоа се дополнуваме, делиме заедничка визија. Во тој контекст личниот придонес е клучен. Тој е оној што може да направи разлика. Но, секако, имајќи предвид една поширока слика.
Кога го живееш својот сон, се вложуваш беспоштедно, секојдневно барајќи одговори на многубројните прашања што си ги поставуваш. Што можам да направам за да им помогнам најпрво на нашите пациенти? Што е она што можам да го направам за да ја подигнам стоматологијата на повисоко ниво во Македонија, а притоа и да бидам признаена и почитувана и во светски рамки? Како на најдобар можен начин да бидам достоен репрезент на својата земја? Одговорите на овие прашања ми даваат мотивација и енергија што ја канализирам и ја користам за раст, развој, постојана едукација и одново вложување на секое ниво, а со една единствена цел да оставам белег зад себе.
За мене ова е добитна комбинација. Успехот зависи од визијата и од вложениот труд за нејзина реализација. Не ги делам луѓето на мажи и жени, туку на успешни и помалку успешни. Сигурна сум дека со својот начин на функционирање, членството во многубројни организации, изборот за Жена менаџер во 2015, повеќе проекти на Европската банка за поддршка и развој, сум придонела да се креира една успешна приказна што има потенцијал за поголем раст и развој. А со самото тоа да оставам скромен белег, но препознатлив.
Среќна сум што во година како што беше 2020, исполнета со огромен предизвик, сепак, успеавме да се издигнеме над пандемијата. Да се потсетиме што е важно и успешно да ја пребродиме воведувајќи највисоки стандарди за превенција.
Статијата е прочитана 1623 пати.