„Визиа“ прави офталмолошки прегледи со последна генерација компјутеризирана опрема
Интервју со д-р Саша Петров и д-р Жанина Петрова-Грајиќ, сопственици и менаџери на ПЗУ Центар за очи „Визиа“ во кое зборуваат за улогата на првиот центар за очи кој го провоцираше и го забрза развојот на офталмолошката хирургија во Македонија, за генерациите пациенти за кои „Визиа“ е конфирмиран стандард и гарантирана сигурност, како и за тоа дека личниот пример за успех, истрајност и храброст се најдобар начин да се покаже дека во животот сѐ се може ако има јасна цел и визија
МАРИЛИ: Д-р Петров, што значи да се биде авангарда во приватниот бизнис, особено во делот на медицината? Какви видови услуги може да добијат пациентите во Центарот за очи „Визиа“?
ПЕТРОВ: Приватниот бизнис бара константно адаптирање кон пазарот и моментниот развој во технологијата и во медицината. Ние не го намаливме квалитетот на нашата работа низ сите овие 19 години постоење, туку напротив, го зголемуваме со купување нова опрема и перманентна едукација преку соработката со стручњаци од Париз. Пациентите во „Визиа“ можат да добијат комплетна офталмолошка услуга почнувајќи од најмала возраст преку кабинетот за страбизам, потоа сите офталмолошки прегледи со последната генерација на компјутеризирана опрема. Во нашата оптика можат да се изработат сите видови очила, понатаму, од оператива ги работиме сите патологии на преден сегмент од кои најчести се катаракта, глауком, анти-вгф и да не ја заборавиме рефрактивната хирургија.
МАРИЛИ: Од денешна временска дистанција, според Вашето мислење, колку се реализира Вашата визија за работењето на Центарот „Визиа“?
ПЕТРОВ: Можам да бидам горд со успесите што ги постигнавме во „Визиа“. Ние се појавивме во време кога во нашата држава недостасуваше приватна очна хирургија, во далечната 2002 година, а во тој момент првпат покажавме еден друг амбулантски пристап на операциите за кои дотогаш пациентите мораа да лежат со денови во болниците. Со тоа го провоциравме и го забрзавме развојот на офталмолошката хирургија во Македонија. Денес веќе доаѓа втората генерација од оние први оперирани пациенти на почетокот и за кои сме конфирмиран стандард и гарантирана сигурност. А тоа е нешто што многу значи и за пациентите и за нас.
МАРИЛИ: Како се справувате во овој период со кризата со Ковид-19 и дали, и покрај сѐ, воведовте некои новини или апаратури што ќе го подобрат Вашето работење?
ПЕТРОВ: Минатата година беше тешка за сите, па и за нас. На почетокот на епидемијата постоеше голема несигурност и моравме да преземеме максимални мерки за да се заштитиме и ние и пациентите. Успеавме да се приспособиме без комплетно да престанеме со работа со тоа што ја намаливме фреквенцијата на закажувања, ги воведовме сите препорачани заштити и мерки од Министерството за здравство, но и со логичен и едуциран пристап без непотребно малтретирање на пациентите. Брзата и ефикасна работа на сите вработени со помош на вкупната софистицирана опрема ни овозможи да бидеме продуктивни без долго задржување и ред на чекање.
МАРИЛИ: Како дел од семејниот бизнис на ПЗУ „Визиа“ кажете ни што значи континуирано успешно да се менаџира, колку знаење, надградба, следење на современата технологија, но и слух за потребите на пациентите се потребни?
ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Пред сѐ, сметам дека секој семеен бизнис има предност и предодреденост успешно да се развива и да се надградува затоа што фамилијарната поврзаност на партнерите овозможува подобро меѓусебно разбирање и дополнување, посебно како во нашиот случај кога се работи за брат и сестра. Ние се познаваме меѓу себе и точно знаеме кој од нас двајца во кој дел е подобар и на тој начин успешно се дополнуваме почнувајќи од решавање на секојдневните обврски и потреби, па сѐ до донесувањето на важни и клучни одлуки.
Сепак, сметам дека најважно од сѐ е што и двајцата подеднакво се вложуваме во работата, секогаш го даваме максимумот од нас и подеднакво сме посветени на секојдневните обврски. Од родителите сме воспитувани со исти принципи на чесност и истрајност, заради што и сите овие 20 години успешно постоење и работење можеме да се пофалиме со континуиран успех и надградување на Центарот за очи „Визиа“.
Една од моите „мани“ е што и покрај завршувањето на работното време, постојано размислувам за сѐ што може да придонесе „Визиа“ да оди напред. Честопати ми се случува и во текот на ноќта мислите да ми бидат окупирани. Идеи за промени, за воведување новитети, како и сѐ друго што може да води во прогрес на нашите приоритети.
МАРИЛИ: Како успешна жена менаџер, но и сопруга и мајка на две деца, дали сметате дека личниот пример може да помогне не само во семејството туку и во општеството пошироко за развој на женското менаџерство, лидерство и претприемаштво?
ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Секако, личниот пример за успех, истрајност, храброст се најдобриот начин да се покаже дека во животот сѐ се може ако има јасна цел и визија, особено кога постои и истрајност и храброст да се стигне до зацртаната цел.
Една од моите главни особини е упорноста во тоа што сум го замислила. А кога во реализирањето на таа цел ја имам и поддршката од најблиските, тогаш нема препреки. За секој зацртан проект треба да се има и храброст да се дооди тој пат. Како пример за мојата храброст е што на 35 години, како постојано вработен лекар хирург во тогашната Воена болница одлучив да дадам отказ и со брат ми да почнеме наш семеен приватен бизнис во кој ќе продолжиме да се надградуваме како лекари хирурзи. Храброста за ваквиот чекор беше поткрепена со едукација и посветеност на струката уште како млади доктори. По мојот личен пример и на сличен начин тргнаа да чекорат и моите деца, со максимално вложување и зацртана цел да го постигнат максимумот во својата професија.
МАРИЛИ: Кон што ќе бидете фокусирани во идниот развој на Вашиот бизнис?
ПЕТРОВА-ГРАЈИЌ: Веќе подолго време активно сме во потрага по млади офталмолози што ќе станат дел од тимот на „Визиа“. Се разбира, следењето на новите достигнувања со посета на меѓународни конгреси и едукации ни овозможува дел од буџетот на фирмата да се насочува во купување нови апарати, како за дијагностика, така и за оператива. Само со држење чекор со напредокот во нашата професија, како и со начинот на нашата работа, се надевам, ќе редиме уште многу родендени.
Статијата е прочитана 1324 пати.