Владата даде зелено светло за повисоки еколошки такси на нафтените деривати

Еколошката такса за увоз на безоловниот бензин се зголемува за 3,1 денари, а за останатите горива 3,5 денари

 

Владата синоќа го усвои предлогот за измени на Законот за животна средина со кој се зголемуваат еколошките такси за увоз на нафтени деривати за 3,5 и 3,1 денар. Сега на потег ќе биде Собранието кое ќе треба да ги усвои предложените измени.

Предлогот предвидува повисоки давачки за увоз од 3,5 денари за: моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстралесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут). Зголемување од 3,1 денар е предвидено за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 г/л, како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите.

„Основната цел поради која се предлагаат овие измени и дополнувања се доуредување на делот за финансирање во животната средина, доследна примена на начелото ’загадувачот плаќа‘ и прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина“, се вели во соопштението од Владата.

Петходно, пак, Владата го усвои предлогот за намалување на ДДВ за електрична енергија за домаќинствата со што ДДВ за струја се намалува од 18 отсто на 5 проценти за периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година. Според предлогот, за периодот од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 ДДВ ќе изнесува 10 проценти, а од 1 јули 2023 повторно ќе се врати на 18 отсто.

 


Статијата е прочитана 716 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско