Мојсовска, претседателка на НФФ: „Повеќе да се работи на едукација и промоција на постоечките мерки за рурални средини“
Во насока на зголемување на видливоста и препознавањето на клучната улога на жените од руралните средини во земјоделството и руралниот развој, Националната федерација на фармери по 17. пат организира настан за одбележување на Меѓународниот ден на руралната жена – 15 Октомври.
Настанот се одржува во битолското село Дихово, во чии рамки ќе се реализира трибина на тема „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“. На трибината ќе се зборува за предизвиците и можностите за економското зајакнување на жените во руралните средини, информираат од Националната федерација на фармери.
Предвидено е да бидат доделени и признанија за успешни рурални жени и невладини организации, кои придонесуваат за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните области.
„На настанот, свое обраќање имаат Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, Сашо Ангеловски, регионален директор за регион Европа во Шведската организација за развој We Effect и Карин Рау, менаџер на проектот: Поддршка на диверзификацијата на економските антивности во руралните подрачја на Југоисточна Европа(SEDRA II). На панел-дискусијата ќе говорат Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието на Република Северна Македонија, Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на мажите и жените, Билјана Петровска – Митревска, проект менаџерка во Национална федерација на фармери, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка и рурална жена од Преспа и Лилана Стоилковска, млада земјоделка и рурална жена од село Митрашинци, беровскиот регион, а воедно ќе биде презентиран и извештајот на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија – „Родова еднаквост и зајакнување на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“, се појаснува во соопштението на НФФ.
Настанот, организиран од Националната федерација на фармери со поддршка на Шведската организација за развој We Effect, има за цел да го обедини гласот на руралните жени и да ја подигне свеста за нивната клучна улога во локалните заедници и општеството.
„На настанот учествуваат 200 учесници од различни институции, невладини и меѓународни организации, како и амбасади. Најбројни ќе бидат жените од руралните средини од Република Северна Македонија, на кои им изразуваме длабока почит и благодарност преку ова симболично одбележување. Имено, Меѓународниот ден на руралните жени беше назначен во 1995 година од страна на граѓанските организации на четвртата светска конференција за жените во Пекинг и беше прогласен за официјален ден во 2007 година од страна на Генералното собрание на ОН, се додава во соопштението на Националната федерација на фармери.
„Жените од руралните средини се соочуваат со бројни предизвици: социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите. Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност е привремено решение кое треба да се изнајде системско решение. Ние сме тука да ја продолжиме борбата за нашите права“, изјави денеска Мојсовска.
Во текот на вчерашниот ден пак, претседателката на НФФ, Васка Мојсовска, учествуваше на Собраниската комисија за еднакви можности на мажите и жените, каде се одржа Јавна расправа на тема: „Рамноправност на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“. На расправата беше презентиран извештајот на Државниот завод за ревизија „Родова еднаквост и зајакнување на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“, објавија на Фејсбук страницата на
.Мојсовска истакна дека е потребно повеќе да се работи на едукација и промоција на постоечките мерки за руралните средини, како и зголемена соработка меѓу институциите и невладиниот сектор, за подобрување на економската и социјалната положба на руралните жени.
Статијата е прочитана 291 пати.