„ЕАМ“ Штип - Единствена вертикална трикотажна компанија во Македонија што произведува за светски брендови
Интервју со Марија Патриклиска, менаџер во Оддел за човечки ресурси во „ЕАМ“ ДОО Штип. Семејна текстилна компанија со долгогодишна традиција за производство на трикотажни материјали и готови производи од нив. Компанијата соработува со многу домашни, но и странски компании, меѓу кои: „Mercedes“, „BMW“, „Porsche“, „Heineken“, „BOSCH“, „T-Home“, „A1“, „MAN“, „Siemens“, „TESLA“, „GооdYear“, „Mischelin“, „Макпетрол“, „Силбо“, „Вивакс“ и други.
Говорењето за себе во прво лице ми е една од најслабите страни, вели за себе Патриклиска. Се смета себеси за едноставна личност и ги обожува патувањата со семејството. „Најголемо животно достигнување ми се синовите“, вели таа.
Патриклиска е овогодишна лауреатка, добитничка на статуетка „Жена водилка“, прогласена за една од најдобрите менаџерки во земјава и регионот, на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.
МАРИЛИ: „ЕАМ“ е најголема текстилна фабрика во Македонија со сопствено производство. Од што се состои Вашиот асортиман? Своевремено „ЕАМ“ имаше и сопствени плантажи на памук. Како започна оваа приказна и што претставува таа од денешна дистанца?
ПАТРИКЛИСКА: „ЕАМ“ ДОО Штип е семејна текстилна компанија со долгогодишна традиција за производство на трикотажни материјали и готови производи од нив. Шиеме маички, поло маички и дуксери.
Генерален менаџер на компанијата е Александар Патриклиски, а јас сум менаџер во Одделот за човечки ресурси.
Памучните плантажи се убав сегмент од растот и развојот на „ЕАМ“, кој има своја силна симболика.
Прво, нивното постоење е поврзано со перманентниот порив на компанијата кон бескомпромисен квалитет.
Пред повеќе од 10 години, во ситуација на глобален дефицит на квалитетни увозни материјали, а во исто време и вртоглава инфлација на памукот на светскиот пазар, менаџментот на „ЕАМ“ донесе одлука за сопствено производство на нашата главна суровина.
Така, во 2011 година, по цели 30 години од последната жетва на памук во Македонија, штипскиот регион ги доби првите плантажи на памук, кои своевремено се протегаа на површина од околу 55 хектари.
Во однос на споменатата симболика, компанијата „ЕАМ“, со целиот свој тим вработени зад себе, низ овој пионерски чекор ја афирмира и својата некогашна улога на пионер во современиот дизајн за изработка на компјутерски, графички и ликовни обликувања.
По неколку години ги запревме активностите на плантажите на памук под притисок на неповолните климатски услови за оваа индустриска култура, како долгорочен резултат на глобалното затоплување.
Но оваа приказна, која во преден план ја има природата, живее и денес во духот на зелената парадигма, па на местото на некогашните плантажи сега се наоѓаат фотоволтаици што ја покриваат целокупната потрошувачка на енергија на компанијата „ЕАМ“ во текот на годината.
МАРИЛИ: Вие, пред сѐ, сте извозно ориентирана компанија што работи на многу странски пазари и за голем број познати странски брендови. Наведете со кого соработувате?