НФФ со државна поддршка овозможи малите производители на храна да продаваат од куќен праг

Интервју со Васка Мојсовска, сопственичка и генерален менаџер на „Агро Калем“, Тимјаник, претседател на Националната федерација на фармери (НФФ) и неуморен борец за подобрување на правата на земјоделците. Мојсовска во интервјуто зборува за развојот на семејниот бизнис, производството на здрава храна во државата, унапредување на правата на руралната жена и земјоделците, како и за важноста од автоматизација и воведување нови технологии во областа на земјоделието. Како претседателка на НФФ, Мојсовска говори за сите успеси кои ги постигнале како федерација, а се во полза на земјоделците, како и заложбите за измени на закони и правилници, сѐ со цел да се подобрат условите за живот на руралното население и луѓето од ранлива категорија, жените, младите и лицата со попреченост од рурални средини.

МАРИЛИ: „Агро Калем“ Тимјаник е семејна компанија која годинава одбележува 15-годишен јубилеј. Што беше најважно да се обезбеди континуитет и постојан раст?

МОЈОСОВСКА: Пред  27 години јас и мојот сопруг Гоце Мојсовски  почнавме една борба за опстанок за нас и за нашите деца, во транзициско општество, исполнето со многу предизвици и препреки. Во тој период шансите за вработување за нас двајцата беа многу мали, затоа што и немаше избор многу за децата од село, и така ние почнавме да работиме земјоделство  и лозарство односно тоа што го знаевме отсекогаш да го работиме.

За потребите на нашите лозови насади започнавме сами да произведуваме лозови садници, и така чекор по чекор, година по година, почнавме да го зголемуваме производството на лозовите садници.

Напоредно, почнавме и со производство на овошните садници и зголемување на лозовите насади со трпезни сорти на грозје кои што се барани на домашниот и странскиот пазар.

Природно дојде да ја создадеме во 2009 година и АГРО КАЛЕМ, семејната компанија која продолжи да работи со внесување на новитети во производството сѐ  со цел да се постигне се подобар квалитет на производите, но и инвестирање во олеснување на процесот на производство. Самото производството на садници и на трпезното грозје бара огромна посветеност  и тимска организација на работата во која се вклучени сите членови на нашето семејство, ние двајцата и нашите деца и секако тука клучна улога има и љубовта, волјата и желбата за работа. Бидејќи што и да работиме, ако не го сакаме и ако не го работиме тоа со љубов, нема резултати.

МАРИЛИ: Дали производството на овошни и лозови садници е наменето само за македонскиот пазар или пак и за извоз? Исто така, производители сте и на високосортно трпезно грозје. На кои пазари го пласирате истото?

МОЈОСОВСКА: Нашите лозови и овошни садници се наменети за нашиот, македонски пазар. Имаме повеќе видови на овошни садници од цреши, круши, јаболки, сливи, кајсии, дуњи, мушмула, вишна и трпезни и вински сорти од лозовите садници и сите тие се продаваат овде во Македонија за подигање и обновување на овошни и лозови насади.

Најголем дел од трпезното грозје произведено на нашите лозови насади оди за извоз на странските пазари.

МАРИЛИ: Покрај другите дејности, Вие произведувате и маџун, природен органски производ со исклучителни квалитети и ефекти за здравјето на луѓето. Во што сѐ помага оваа „чудесна напивка“?

МОЈОСОВКА: Нашата ќерка Ангела Јовановиќ, која од малечка е вклучена во нашата работа и гледајќи ги долгогодишните проблеми со откупот на винското грозје и со ниските откупни цени на истото, кога дипломира на Факултетот за Земјоделски Науки и Храна - лозарство и овоштарство реши да продолжи да работи во нашата семејна компанија и дојде на идеа нашето винско грозје да почне  да го преработува и од него да произведува маџун - производ  добиен од ширата на грозјето кој што нашите баби го користеле како замена за шеќер.

Во самиот процес на производство на традиционален начин но со современи машини за преработкии помогнаа обуките и работилниците  од Националната Федерација на Фармери каде што и самата е член веќе неколку години. Така настана „ДОМАШЕН НЕГОТИНСКИ МАЏУН“ производ којшто можат да го конзумираат луѓе  од една година до 101. Сите знаеме дека највкусната храна се прави од грозје, а само од неговиот сок се добива производ со карактеристичен мирис, слатко-кисел вкус и арома – чудото од лек кој поттекнува од Тиквешијата – неговото височество МАЏУНОТ.

Научно е докажано дека МАЏУНОТ се наоѓа на прво место како лек за регенерација на црниот дроб, а болните од жолтица и цироза имаат доста олеснувања и подобрувања  во лекувањето со маџун. Маџунот е полн со хранливи материи и спаѓа меѓу најздравите природни сирупи кои што можат да се внесат во човечкиот организам, 100%природен без додаден шеќер.

Придобивки од маџунот: -го зајакнува имуниетот кај деца и возрасни - ја зајакнува крвта -го намалува воспалението - го намалува холестеролот -помага при варењето на храната во организмот -помага во борбата против инфекции -ги прочистува токсините од телото -го регулира крвниот притисок -ги ублажува симптомите на надуеност За Маџунот се вели дека е хранлив како мајчиното млеко.

Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот Маџунот помага за:

- Подобрување на вашето здравје - Зајакнување на имунитетот кај деца и возрасни - Ја зајакнува крвта - Настинки и инфекции на дишните патишта - Нарушена функција на црниот дроб - Го намалува холестеролот - Делува антиканцерогено - Жолтица, алкохолизам, цироза Маџунот е хранлив како мајчиното млеко содржи: - Витамини(Б1,Б2,Б3,Б6,Ц,А,Д) - Минерали(калиум, натриум, калциум, фосфор,железо) - Енергетски супстанци - Танини - Антиоксиданси - Флавоноиди - Гроздов и овошен шеќер Маџунот е природен производ добиен од гроздов сок (шира).

Изобилува со минерали, витамини, енергетски супстанции, танини, флавоноиди, органски киселини, гликоза и фруктоза од шеќерите што се застапени во ширата како неопходни елементи што ја овозможуваат неопходната енергија за работа на мускулите, а посебно на срцевиот мускул.

МАРИЛИ: Како претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ), имате ли податоци кои и какви органски и здрави производи произведуваат нашите фармери и дали некои од нив се наменети за извоз?

МОЈСОВСКА: Нашите вредни земјоделци произведуваат голем број на производи кои се органски и здрави за конзумирање, почнувајќи разни производи од мед, сирење, градинарски култури, преработки од овошје и зеленчук низ целава наша Македонија.

Сите тие производи се застапени на нашиот, но и на странскиот пазар. На иницијатива на НФФ, пред неколку години заедно со Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна се изработија и правилниците за продажба од куќен праг и сега истите тие производители на преработките од земјоделските производи  имаат можност истите производи легално да ги продаваат од куќен праг.

Овие правилници многу им ја олеснија работата на истите овие земјоделци затоа што тие преку правилниците за продажба од куќен праг  можат да се регистрираат во Агенцијата за храна како мали оператори на храна и без страв од страна на потрошувачите да си ги продаваат своите преработки.

Најголем дел од овие мали оператори на храна им помогнаа и грантовите од 10.000 евра кои што МЗШВ преку националната програма за рурален развој ги додели токму на овие мали оператори на храна и секако саемите кои што се организираат каде што можат да се претстават. Овие саеми, освен што ги организира МЗШВ, и ние како Национална федерација на фармери ги организираме за нашите членови кои што се регистрирани мали оператори на храна. Сите овие поддршки треба да продолжат, сѐ со цел нашите земјоделци преку преработките да направат својот земјоделски производ да вреди неколку пати повеќе од откупните цени  и да му додаде вредност на својот земјоделски производ.

МАРИЛИ: Колку е важна автоматизацијата во областа на земјоделието? Какви се Вашите искуства од воведувањето на иновативни решенија и технологии?

МОЈСОВСКА: Внесувањето на нови технологии во производството и инвестирање во истите е наша основна работа и ние секоја година гледаме сѐ повеќе и повеќе да си ја олесниме работата во производството.

Секако дека се многу важни тие нови технологии, особено во заштитата на нашите земјоделски прозводи од климатските промени, но тука, честопати важна улога имаат и финансиите, но и изводливоста на истите иновации.

Најголем проблем во моментов е недостатокот од работна сила во земјоделството и затоа бараме начини, колку можеме, со разни машини да ја замениме работната сила.

А секако дека е важна автоматизацијата на земјоделството, но овде имате и операции во земјоделството каде што работната рака мора да биде присутна како што е случајот со бербата на трпезното грозје каде што треба тоа да биде внимателно обрано и спакувано за на пазар и ниедна машина тоа не може да го направи, освен човекот.

МАРИЛИ: Во рамки на НФФ во изминатите години направите  многу за руралната жена. Што е предвидено во таа насока во тековната година?

МОЈСОВСКА: Целиот тим на НФФ, Управниот одбор, извршната канцеларија и членството посветено работат на лобирање во измени на закони и правилници, сѐ со цел да се подобрат условите за живот на руралното население и луѓето од ранлива категорија, а тоа се жените, младите и лицата со попреченост од рурални средини.

И сами рековте дека многу работи се променија од нашето лобирање од иницијативите за правилниците за продажба од куќен праг. Едни сме од иницијаторите за измените во Законот за вино за регистрација на семејните винарии, грандовите за жените од рурални средини и последната наша иницијативата со подршка на WE effect, успеавме да најдеме привремено решение за надоместок за мајчинство за регистрираните индивидуални земјоделки преку Фондот за пензиско осигурување, односно секоја регистрирана земјоделка, којашто ќе се оствари во улогата на мајка, ќе може да аплицира преку програмата за социјална осигураност на жените преку Министерство за земјоделство и ќе добие деветмесечен надоместок за мајчинство од 100.000 денари во 2024 година.

Во 2023 година таа сума беше 81.000 денари, оваа година лобиравме за зголемување. Така што овој 30-годишен проблем, оваа година на наша иницијатива, привремено се реши.

Но, ние не застануваме со работа и во 2024 година. Веќе почнавме со работа за изнаоѓање на системско решение за овој проблем каде што преку работната група која што ја формира НФФ, во која членуваат претставници од Министерство за  земјоделство, Министерство за Труд и социјална политика, Фондот за здравство, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за јавни приходи, Правниот факултет и Платежната агенција, ќе работиме на изнаоѓање на системско трајно решение за породилно отсуство за регистрирани земјоделки и за болничко боледување за регистрирани индивидуални земјоделци.


Статијата е прочитана 1326 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско