Полски уметници го затворија музичкиот репертоар на 65. „Охридско лето“

Репертоарот на класична музика на годинешното 65.издание на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер беше заокружен со концерт на извонредните уметници на хармоника од „Моушн трио“ од Полска.
Нивниот настап во црквата „Света Софија“ се одржа во рамките на традиционалната Полска вечер што секоја година се одржува на фестивалот. Вечерта ја отвори полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора.
-Чест ни е што нашите полски уметници ќе бидат завршница на музичкиот дел на фестивалот. Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на директорот и тимот на „Охридско лето“ за целата организација и за тоа што го овозможија овој настан. Уметниците од ова трио ги запознав пред точно 26 години во Чикаго. Јас таму бев конзул а тие само што ја започнуваа нивната музичка кариера и беа во Чикаго за да настапат на приватен настан. Ми кажаа дека се труделе да заработат повеќе пари за да си обезбедат поквалитетни инструменти. Таа вечер ја воодушевија публиката, и од тој настап, не само што станаа доволно успешни да си ги дозволат најдобрите хармоники во светот, туку и снимија 14 компакт дискови и одржаа стотици концерти. Р С Македонија е 45-тата земја во која имаат настапувано, рече полскиот амбасадор Бримора.
Полското трио хармоники со името „Моушн трио“ е познато по нивниот специфичен начин на комбинирање на страста која извира од традицијата на музиката од Источна Европа со прецизноста и строгоста на делата на големите класични композитори.
Предводени од Јануш Војтарович, членовите на триото често изведуваат сопствени, оригинални композиции кои се засноваат на нивното класично музичко образование на Академијата за музика во Краков и на нивната љубов кон традиционалната музика со која израснале. Основано во 1996 година, триото започнува да свири на улиците низ Европа, а потоа прераснува во ансамбл кој е признаен на класичната музичка сцена. Настапуваат низ целиот свет, а уникатноста продолжуваат да ја градат со имплементација на звуците на рок и техно со што нивниот нетипичен израз добива сосема нови нијанси.
За нив велат дека да се доживее „Моушн трио“ е како да се присуствува на рецитал на Паганини и концерт на групата „Металика“ во живо. Толку е моќен и возбудлив нивниот звучен свет, а сепак тоа го постигнуваат исклучиво со употреба на нивните хармоники – без дополнителни семплери, лупови или технолошки трикови. Нивната неверојатна изведувачка вештина ги поместува границите на интерпретација и прави тие да бидат една од највозбудливите формации од овој тип на светската сцена. Нивната музика е оригинална, еден вид спој на минимализам, џез и рок кој комплетно ги редефинира постоечките звучни пејзажи кои хармониката како инструмент може да ги долови, и на тој начин создава сосема нова слика за неговите можности. Албумите на триото се одлично прифатени од стручната критика и им носат бројни награди и од класичната, но и од џез-сферата.
Членовите на триото сметаат дека единствен начин да се задржи вниманието на денешната публика е да се експериментира со звуците на хармониката и да се извлечат од инструментот звуци кои досега никогаш не се слушнати, да се развиваат нови форми со цел да се креира возбудлива музика која ќе продолжи постојано да носи нови изненадувања.
Статијата е прочитана 66 пати.