Циркуларнaта економија и зелената агенда меѓу приоритетите за економски развој
Интервју со Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и извршен директор во „Ариљеметал“ Скопје. Во интервјуто Ангелоски говори за приоритетите на коишто треба да се осврне македонската економија во периодот што следи, како капиталните инвестиции, инфраструктурата, енергетиката, иновациите, зелените технологии, циркуларната економија и др. Ангелоски зборува и за женското менаџерство и претприемаштво и смета дека на жените треба да им се овозможи фер шанса за напредување, но, исто така, дека и жените мора сами да ги зголемат амбициозноста и посветеноста кон напредување во кариерата. Претседателот на ССКМ е активен поддржувач и учесник на „Марили Бизнис Форум“ во организација на агенција „Марили“.
МАРИЛИ: Господине Ангелоски, кои се Вашите ставови, во кои сегменти на македонската економија треба најитно да се интервенира за да се обезбеди одржлив развој на економијата во 2024 година и во блиска иднина?
АНГЕЛОСКИ: За успешно планирање и водење на бизнисите многу е важно да постои предвидливост бидејќи без тоа не може да се носат деловни одлуки што ќе дадат позитивни резултати. Генерално, како држава, постојано доцниме со решенијата. Кога немате точни конкретни решенија за актуелните проблеми, бизнисите се обидуваат да рационализираат, со цел да обезбедат одржлив опстанок.
Тоа значи дека нема инвестиции и развојна компонента што носи додадена вредност. Во приватниот сектор во нашата земја работат околу 700.000 луѓе. Кога тонат компаниите, тонат и сите овие луѓе и нивните семејства, а се доведува во прашање и обезбедувањето средства за функционирање на државните институции.
Од друга страна, навистина се многу мали шансите македонските компании да инвестираат. Ако станува збор за производните капацитети, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетиката, на приватниот сектор не му се дава адекватна можност. Дополнително, административните процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија ниту, пак, доволно компетенции правилно да се менаџираат процесите.
Во периодот што доаѓа приоритет треба да бидат: капиталните инвестиции и инфраструктурата, енергетиката, иновациите, зелените технологии и циркуларната економија. Со подеднаква важност ги издвојувам стратегиските македонски производни гранки, како прехранбената индустрија, металите, градежништво и друго. Мислам дека доколку се обрне внимание на вистински начин на овие важни сектори, растот на македонската економија може да биде драстично побрз од сегашниот и конечно да успееме да фатиме приклучок кон нивото на другите слични економии како нашата.
МАРИЛИ: Како единствен претставник на коморска организација од регионот на Југоисточна Европа бевте дел од Годинешниот состанок на Светската коморска федерација во Париз. Кои беа главни теми на дискусија?
АНГЕЛОСКИ: Светската коморска федерација, како единствен глобален форум што ги обединува стопанските комори од целиот свет, дејствува на зајакнувањето на врските помеѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис-заедницата во најрелевантните светски организации, како Организацијата на Обединети нации – ООН, Г-20, Светската трговска организација, Светската банка, како и Европската банка за обнова и развој. Генералниот совет максимално работи на тоа бизнисите да тргуваат на меѓународно ниво. Сè што правиме во името на бизнисот води кон помирна, одржлива и попросперитетна иднина за сите, отворање нови пазари за нашите компании, привлекување странски инвестиции, јакнење на нашата економска позиција преку поврзување со другите комори и поддршка на микро, малите и средните компании.