Македонија2025 со рекордни резултати во 2025: Поддржани 2.573 лидери и таленти, 168 бизниси и 190 стипендисти

Скопје, 12 декември 2025 - Македонија2025 ги објави резултатите од својата работа во 2025 година, при што организацијата постигна рекордни успеси во поддршката на економскиот развој, лидерството и глобалната поврзаност на земјата. Во 2025 година, Македонија2025 имплементирала, преку повеќе од 40 програми и иницијативи со кои се поддржани 168 компании, доделени се 190 стипендии за едукација и усовршување, а 2.573 лидери и таленти биле директно опфатени со програмите за развој. Организацијата исто така бележи значително зголемување на својот општествен импакт, со 94 активни членови во управните и советодавните тела и развиени шест клучни предлог-политики кои веќе се интегрираат во национални стратегии и реформски процеси.

2025 беше година на значајни исчекори и во однос на глобалната дијаспора. Македонија2025 ја спроведе првата и најголема глобална анкета на дијаспората со над 1.400 учесници од повеќе од 40 земји, чијашто анализа веќе е основа за новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030. Во партнерство со Владата беше лансирана и кампањата „Македонска дијаспоро, добредојде дома“, која допре до над 20.000 иселеници ширум светот, а организацијата учествуваше во креирањето и на повеќе стратешки документи во областите дигитализација, конкурентност, високо образование, научно-технолошки развој и односи со дијаспората.

Паралелно, Македонија2025 продолжи континуирано да ја зајакнува бизнис-заедницата и човечкиот капитал преку програми насочени кон модернизација, дигитална трансформација и развој на лидерски компетенции. Преку Центарот за дигитална трансформација – GoDigital беа изработени 30 детални проценки на дигитална зрелост, 15 дигитални стратегии за компании и беше обезбедена практична техничка поддршка за пет компании во процесот на имплементација на нови дигитални решенија. Овие услуги им помогнаа на фирмите да го подигнат својот степен на конкурентност, да ги оптимизираат процесите и да воведат алатки што ја забрзуваат нивната интеграција во современите економски текови. Воедно, 553 професионалци и менаџери посетуваа специјализирани обуки, работилници и вебинари, со што се создаде поширока заедница на практичари кои активно ја применуваат стекнатата експертиза во своите организации. Како дел од напорите за градење силна генерација претприемачи, 27 млади менаџери и основачи на компании го надградија своето бизнис знаење преку реномираната обука што ја спроведе канадската Ајви бизнис школа во рамки на проектот „Лидер“, со што мрежата на алумни се прошири на 451 член.

Во делот на лидерството, програмите на Македонија2025 и годинава изградија нова генерација на носители на промени. Престижната програма за образование на извршни директори Зафировски, на Келог Школата за менаџмент (САД) во 2025 година ја завршија пет македонски извршни директори кои стекнаа врвни глобални менаџерски знаења и пристап до меѓународна мрежа на лидери. Со ова, нашата Зафировски алумни заедница достигна до 51 член. Дополнително, 5 професионалци беа дел од програмата за извршно образование во Канада, комбинирајќи академски модули со практично учење и размена на искуства во канадски компании. Стипендиската програма за студентска извонредност „Атанас Близнакоф“ поддржа 121 студент, а особено значајно е што 75% од нив беа поврзани со ментори - успешни македонски професионалци од земјата и дијаспората - кои им помогнаа да ги развијат своите кариерни насоки, академски капацитети и професионални амбиции. На овој начин, програмите на Македонија2025 не само што обезбедуваат финансиска и образовна поддршка, туку создаваат и силен еко-систем на идни лидери, поврзани со глобалната мрежа на знаење и можности.

Во хуманитарната сфера, како одговор на трагедијата во Кочани, организацијата обезбеди 55.356 евра за медицинска опрема за три здравствени установи во Скопје и Кочани, а Клубот на амбасадори на Македонија2025 донираше средства за реновирање на дел од детското одделение во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.

Посебно влијание во 2025 година имаше и 14-тиот годишниот Самит Македонија2025, кој повторно се позиционира како водечки бизнис-настан во регионот. Со повеќе од 700 учесници, 38 говорници од 15 земји и богата програма од панели, дискусии и B2B средби, Самитот беше фокусиран на економскиот раст, дигиталната трансформација, иновациите и улогата на дијаспората во забрзувањето на развојот на земјата, создавајќи платформа за идеи и партнерства што ги поврзуваат бизнисите дома и во светот.

Со овие резултати, Македонија2025 ја заокружува 2025 година како една од најуспешните досега, поставувајќи високи стандарди за економски развој, иновации и вклученост на дијаспората, и поставува темели за уште поамбициозна агенда во 2026 година.

 

Погледнете повеќе во “Македонија2025 достигнувања за 2025 година„.


Статијата е прочитана 59 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско