„Импера Плус Инженеринг“ – компанија што го освојува енергетскиот пазар

Интервју со Драгица Устапетрова- Атанасова, генерален менаџер на „Импера Плус Инженеринг“ во кое говори за дведецениското работно искуство во енергетскиот сектор, макотрпната работа и трудот што ги вложила, како и за идејата за основање на сопствена команија и развој на истата. Устапетрова- Атанасова говори за тоа дека енергетиката, како стожер на економијата во државата, мора да биде колку што е можно побрзо вклучена во процесот на дигитализација, но и за нејзиното уверување дека со љубов, работа, зацртана цел и резултати, успехот е неминовен.

 

МАРИЛИ: Повеќе од две децении успешно работите во секторот енергетика, а од неодамна сте сопственик и на компанијата Импера Плус Инженеринг? Од кога постои компанијата и со што сѐ се занимава?

УСТАПЕТРОВА-АТАНАСОВА:  Идејата за сопствена компанија во мене созреваше подолг период. Акумулираното искуство и знаење од годините што ги поминав во техничко надградување, раководење и менаџирање на тимови и процеси, резултираше со отворање сопствена компанија пред една година.

Импера Плус Инженериг се занимава со проектирање, надзор и консултантски услуги во делот на енергетиката и градежништвото и полека, но сигурно почнува да се препознава на пазарот на кој работиме.

 МАРИЛИ: Што значи денес да се работи во енергетиката, која е директно поврзана со информатичката технологија, какви дигитални модерни решенија се нудат и каква е состојбата на таа тема во земјава и во регионот?

УСТАПЕТРОВА-АТАНАСОВА:  Од дипломирањето, па до денес, целиот работен век им го посветив на енергетиката и градежништвото. Од доцните деведесетти години до денес има големи промени во условите и начинот на работа. Кога првпат се вработив, сѐ уште постоеше цртање на хартија, принтање на озолит и рачно копирање, а денес ретко некој млад инженер знае што е тоа рапитограф и како се употребува. Се користат толку софистицирани софтверски решенија што дури и нам, како технички образувани личности, ни е проблем да ги следиме.

Дигитализацијата е процес што ни претстои, сакале ние или не. Во развиениот свет таа веќе во голема мера е навлезена во сите пори во општеството. Кај нас срамежливо и сѐ уште со голема недоверба се прифаќаат промените што се неминовни. Дел од повозрасните генерации сѐ уште сакаат да видат хартија за да поверуваат во тоа што го потпишуваат, сакаат да видат пари за да знаат дека платиле. Колку побрзо се прифати фактот дека сме дел од процесот на дигитализација, толку побрзо ќе тече процесот. Енергетиката, како стожер на економијата во државата, мора да биде колку што е можно побрзо вклучена во тој процес.

За да може целиот енергетски систем и сите процеси поврзани со енергетиката да се дигитализираат, потребно е најпрво да се подигне свеста на релевантните фактори во државата, потоа да се направат промени во законската регулатива поврзана со тоа, да се детектираат сите институции што ќе бидат носителите на тие промени и на крајот се лицата што ќе треба да бидат свесни за големината на процесот што треба да го реализираат.

Секогаш ќе постои отпор затоа што за секоја нова работа и промена се потребни ново учење и дополнителни ангажмани, потребно е откажување од моменталниот комфор и ретко некој сака да смени нешто што веќе функционира.   

МАРИЛИ: Со оглед на енергетската криза, како и водењето грижа за заштитата на животната средина, засилено се зголемува производство на електрична енергија преку обновливи извори. Дали има доволно експертски тимови за проектирање и изведба, како и водење вакви проекти што ќе ги следат ЕУ-стандардите? Конкретно, како треба да се движи развојот на обновливи извори на енергија во земјава?

УСТАПЕТРОВА-АТАНАСОВА:  Ние сме генерации што живееме во време во кое се натпреваруваме со големите климатски промени. Од една страна ја имаме зголемената потреба од електрична енергија, а од друга страна е потребата за заштита на околината и нашите живеалишта од кое, пак, во голем дел зависи и опстанокот на човештвото. Во едно такво опкружување и притисок, енергетиката ќе претрпи големи промени, а тука еден од носителите ќе бидат обновливите извори на енергија.

Во нашата држава во моментот најголемиот број енергетски проекти се однесуваат на производството на електрична енергија од сонце и ветер.

Постојат стручни и експертски тимови што добро ја владеат проблематиката и одлично си ја одработуваат задачата.

Но мора да се напомене дека развојот и реализацијата на нови проекти за производство на електрична енергија, со цел зголемување на уделот на обновливи извори на енергијa е комплексен процес во кој, освен проектантите, вклучени се и институциите и лимитирачките законски услови што го забавуваат процесот. Кај сите тие фактори мора да се зголеми свесноста, со предизвиците мора да се соочиме, а тука носители на промени ќе бидат токму инженерите енергетичари.

МАРИЛИ: Вашето работно портфолио е исклучително. Сте работеле во повеќе компании, членка сте на повеќе професионални национални и меѓународни здруженија, автор сте и коавтор на многу трудови. Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата?

УСТАПЕТРОВА-АТАНАСОВА:  Нема некоја посебна формула за успех. Мојот работен животен пат беше со мали, но сигурни чекори. За разлика од денешните генерации што сакаат инстант успех и позиции, јас ги поминав сите степени што еден инженер треба да ги помине за да стигне до позицијата што ја имам денес. Почнувајќи од инженер соработник, па до генерален менаџер во сопствена компанија. Во текот на целиот работен век технички се надградував, но паралелно учев и нови вештини што во тоа време немав можност да ги сознам на факултетот. За мене не постоеше „не знам и  не можам“, туку само труд и време за колку тоа „не знам“ може да стане „знам и можам“.

Никогаш не сум се декларилала како жена во професијата, туку како инженер. Моето лично убедување е дека само со работа и резултати  се доаѓа до местото во фелата. Кога нешто се работи со љубов и постои зацртана цел, успехот е неминовен.

 МАРИЛИ: Која е Драгица Устапетрова-Атанасова приватно, што значи да се биде успешна жена менаџер и која е Вашата тајна за баланс помеѓу приватните и деловните обврски?

УСТАПЕТРОВА-АТАНАСОВА: Балансот тешко се прави, речиси е невозможен. Функционалноста е возможна ако се постават приоритети, долгорочни и краткорочни. Само ако на титулата мајка се гледа како на привилегија, а не товар, може да се прави балансот помеѓу работните обврски и фамилијата. Драгица приватно е сопруга на доктор специјалист радиолог и мајка на осумнаесетгодишен син и дванаесетгодишна ќерка.

Да се биде професионално активен и да се биде сопруга и родител истовремено тешко се балансира. Сложеноста се зголемува кога и двајцата родители се амбициозни и посветени на својата професија.

Додека децата беа помали и целосно зависни од нас, беше потешко. Сега веќе потребата од нашето физичко присуство е намалено, а зголемена е потребата од времето поминато во разговор.

И тогаш, а посебно сега, битен ни е квалитетот на поминатото време, а не квантитетот. Без помош отстрана, со меѓусебна поддршка, со секојдневна координација и понекогаш откажување од лично зацртани агенди, неосетно се прави балансот. Се радуваме на меѓусебниот успех повеќе од сопствениот и се трудиме да им оставиме позитивен пример на оние што најмногу ги сакаме.

 


Статијата е прочитана 3656 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско