АСП -ПАК Охрид - 1.000 плетени производи од полиетилен достапни на пет континенти
Интервју со Спасе Спасески, менаџер за развој во АСП-ПАК од Охрид. Компанија од Охрид која произведува околу 1.000 производи што се употребуваат во повеќе индустрии: земјоделие, градежништво и продажба на мало. Во интервјуто Спасески зборува дека преку своја застапничка мрежа АСП-ПАК активно учествува на пет континенти, односно на 46 пазари во светот, извезуваат во 15 земји членки на ЕУ, на Балканот, во Израел, Јужноафриканската Република, САД, Канада, Чиле и Аргентина, додека пак преку дистрибутерска мрежа ги пласираат своите производи и во Австралија, Јужна и Централна Америка.
МАРИЛИ: АСП-ПАК е семејна компанија што започна локално, а во изминативе две децении стана глобално ориентирана. Со што точно се занимавате и на кои пазари пласирате свои производи?
СПАСЕСКИ: Компанијата е основана во 2000 година и започна со green-field инвестиција во опрема за производство на плетени производи од полиетилен за пакување земјоделски производи.
Почетната инвестиција на АСП-ПАК од еден милион долари е со годишен капацитет од приближно 140 тони плетени производи, 25 нови вработувања и примарен пласман на три пазари и тоа: домашниот, во Македонија, потоа во Србија и Албанија.
Во изминативе 23 години во производствените капацитети на АСП-ПАК се инвестирани повеќе од 30 милиони евра, вработени се 150 квалификувани работници и персонал со над 80 висококвалификуван стручен кадар. Годишниот капацитет на производството е зголемен за 30 пати од иницијалниот.
Производното портфолио се состои од приближно 1.000 производи за кои има примена во повеќе индустрии и тоа: земјоделие: пакување земјоделски производи, заштита на насади и оранжерии, Harvest Nets - маслинки и лалиња; градежништво: скелски мрежи, предупредувачки мрежи за БЗР, заштитни мрежи за товари; Retail: заштита и брендирање на спортски терени, декоративни тенди за сенка, retail пакувања за овошје и зеленчук.
Денес, 99 % од годишните приходи од сопственото производство АСП-ПАК ги обезбедува од извоз. Преку своја застапничка мрежа активно учествуваме на пет континенти, односно на 46 пазари во светот, извезуваме во 15 земји членки на Европската Унија, Балканот, Израел, Јужноафриканска Република, САД, Канада, Чиле и Аргентина, додека преку нашата дистрибутерска мрежа нашите производи се пласираат и во Австралија, поголем број држави во Јужна и Централна Америка.
МАРИЛИ: Вие сте една од ретките компании што 15 години пласира на израелскиот пазар. Што значи да се развие мрежа на набавувачи во оваа земја? Каков е ефектот од менаџмент искуството со израелскиот пазар и дали во Вашето работење ги имплементирате иновациите?
СПАСЕСКИ: За пазарот на Израел важи еден познат епитет - tough market, односно „тежок пазар“. Тоа најмногу се должи на фактот дека Израел е географски мала земја со развиена инфраструктура, пазарот е зрел во многу сектори, во одредени индустрии и сектори постои регулатива на ниво на државата со која се заштитува домашното производство од конкуренција, но не треба да ги изоставиме и културолошките одлики на израелскиот народ што, од една страна, влезот на пазарот го прават тежок, но, од друга страна, доколку имаме mindset на вредна и смела работа, фокусот прво повеќе го ставаме на заедницата во која живееме отколку на самите себе, а тие ни обезбедуваат сигурност на долг рок на тој пазар.
АСП-ПАК работи на 46 пазари, тоа се 46 различни култури, но во сите земји работиме со исти и сродни сектори, така што во изминативе 23 години бевме во можност многу добро да ги осознаеме одликите и спецификите на работата.
Генерално, во своето производство АСП-ПАК има усвоено два технички стандарда, во согласност со потребите на пазарите, работиме по европски стандарди што исто се прифатени на пазарот во Израел или, пак, по американски стандарди што важат во САД, Канада, Средна и Јужна Амерка.
МАРИЛИ: Вие сте дел од младата, напредна генерација што дава свој придонес во развојот на компанијата според светски стандарди. Колку Вашите знаења и визија помогнаа полесно да се надминат актуелните кризи? Кажете ни нешто повеќе за инвестициите во обновливите извори на енергија?
СПАСЕСКИ: Ние младите имаме среќа што некој пред нас, односно татко ми, го отворил и започнал да го гради овој пат. За мене, откако знам за себе, АСП-ПАК е мое секојдневје и дел од моето детство, моето воспитание. Секојдневно дома се разговараше за успесите и за предизвиците на фирмата. Оттука потекнува моето неформално образование.
АСП-ПАК ми овозможи да се образувам во Западна Европа со стипендија, но во договорот имаше клаузула дека потрошените средства треба да ѝ ги вратам на компанијата, односно добив кредит за школување. За мене, студирањето на запад беше голема придобивка од многу аспекти. Од живот, образование, среќавање различни култури. Мора да признам дека животот таму е многу привлечен, општествата имаат голем број предности и сето тоа имаше големо влијание врз мене. Посебно нивниот однос кон работата, вредностите и воспоставените правила.
Откако дојдов во АСП-ПАК особено се трудам да ги почитувам и имплементирам овие вредности во наши услови, заедно со стекнатите семејни вредности.
Нешто и за биогасната електрана. Идејата за вложување во енергетиката воопшто не е нова во АСП-ПАК ниту, пак, е поттикната од актуелните состојби на пазарот на енергија во светот. Во АСП-ПАК, барем веќе 15-20 години, визионерски се разгледува можноста еден ден фирмата да стане енергетски независна. Откако во државата се создаде амбиент и регулатива за вложување во енергетскиот сектор и откако стекнавме доволно знаење, пред 12 години почнавме да ја остваруваме својата визија за енергетска независност.
Имаме изградено и оперираме со фотонапонски електрани, мали хидроелектрани и со биогасна електрана. Исто така, минатата година на кровните површини на производните хали инсталиравме фотонапонски електрани со капацитет од 1,2 MW, со што директно ќе го намалиме конзумот на електрична енергија за околу 22 % на годишно ниво.
МАРИЛИ: Бележите извонредни успеси во областа на екологијата. АСП-ПАК е компанија со нула отпад и изработувате производи од целосно рециклирачки полимери. Што точно значи тоа и каква е Вашата усогласеност со европските регулативи во однос на рециклирањето на отпадот?
СПАСЕСКИ: Европските регулативи се тие што диктираат строги критериуми во секој дел од индустријата, па така и за производите за пакување храна. Регулативите постојано се ажурираат и критериумите стануваат сѐ построги. Тие критериуми мора да се следат и да се исполнуваат за да може да се опстане на пазарот. Некои земји имаат и свои посебни критериуми. Првенствено тие се однесуваат на безбедноста на пакувањето, тоа да нема влијание врз храната што се пакува, пакувањето да биде произведено во согласност со еколошките регулативи и да биде рециклирачко, односно за долготрајна употреба.
Во однос на техничко-технолошките квалитети на производите, секоја година се трудиме и успеваме да поставиме еталон на квалитет во индустриите за рашел пакувања. Во изминативе 20 години ефикасноста на пакувањата е зголемена повеќе од четирипати, односно заштедата во употребата на полиетилени во пакувањата е четирикратно намалена.
Пред седум години АСП-ПАК започна проект за искористување на отпадот кај полиетиленот што го создаваме во производството. Тимот за развој во компанијата работеше на поставување постројка за ефикасно производство на „рафија“ - конец што има широка примена во раноградинарското производство и лозарството. Проектот беше кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и успешно пуштен во работа во 2019 година.
МАРИЛИ: АСП-ПАК од мала прерасна во општествено одговорна компанија со 260 вработени. Според Вашето мислење, колку е важно вложувањето во човечки ресурси за развој на една компанија?
СПАСЕСКИ: АСП-ПАК е компанија што е создадена врз основа на двозначноста на самото име „ПАК“. „ПАК“ што значи пакување и „ПАК“ што значи повторно. Токму тоа „повторно“ е нашето мото, што значи секогаш има повторно за да се постигне успех, за да се придонесе во општеството, за да се усовршат производите и технологијата, за да се усовршат вработените и работната атмосфера.
Почетниот капитал на АСП-ПАК беа токму тој „mindset - пак“, идејата, визијата, кредитот од Светска банка и дваесетина вработени од тогаш веќе затворената фабрика „Стружанка“ од Струга, кои имаа практично искуство со технологијата рашел. Уште оттогаш е воведена практика на обука, усовршување и трансфер на знаења меѓу колегите и тоа трае до денес.
Во „ДНК“ на фирмата е нашиот работен амбиент што се базира врз фер и принципиелни односи меѓу сите вработени и перцепција дека сите сме голема фамилија со заеднички предизвици и заедничка цел.
МАРИЛИ: Првпат воведувате сопствено производство на фуражни култури во Овчеполието. Кажете ни нешто повеќе за овој проект и за визијата за идниот развој на земјоделството во државата?
СПАСЕСКИ: АСП-ПАК, заедно со партнерите, изгради биогасна електрана за производство на електрична и топлинска енергија од когенеративни единици, лоцирана во селото Сарамзалино. Погонското гориво на електраната е биогас што се произведува од органски отпад и биомаса.
Проектот за биогасна електрана во непосредна близина воспоставува напредно земјоделско производство на фуражни култури – претежно силажна пченка, а за таа цел воспоставивме соработка со фарми од локалниот регион што се набавувачи на шталско ѓубре и работиме на соработка со компании што се преработувачи на храна и се планира нивниот органски отпад да биде рециклиран во електраната.
Што се однесува на сопственото производство на биомаса, планирано е до крајот на 2023 година биогасната електрана да воспостави сопствен систем за прецизно наводнување на 235 хектари, а веќе четири години на овој проект работат колегите заедно со тим на инженери и испорачатели на опрема од Израел.
Уште во 2021 година прецизната иригација ја тестиравме на нашите површини, на почетни 100 хектари, а со тоа, можам да кажам, идејата „пустината на Овче Поле да ја претвориме во Оаза“ станува реалност.
Во наредните три години во рамките на биогасната електрана ќе се воспостави и оранжериско производство на површина од четири хектари. На овој начин ќе се искористат вишокот топлинска енергија и CO2, односно издувните гасови од процесот, а ќе се насочат како инпути во директното раноградинарско производство.
Македонија традиционално била земјоделска земја, но во транзициските години оваа традиција била напуштена. Македонија треба да работи на тоа да стане извозник, а не увозник на земјоделски производи.
Статијата е прочитана 2993 пати.