П.И.К.Ко Македонија - повеќе од 20 години партнер од доверба во прехранбената индустрија

Интервју со Викторија Шотароска Трајкова, генерален менаџер на П.И.К.Ко Македонија и регионален менаџер за П.И.К.Ко Косово и П.И.К.Ко Албанија. Шотароска Трајкова говори за дведецениското искуство на компанијата во Македонија, нејзиното успешно работење, и пребродувањето на повеќеслојните кризи од изминатите три години. Шотароска Трајкова во интервјуто зборува и за тоа што е потребно и како е да се биде жена менаџер и приватно исполнета жена.
МАРИЛИ: П.И.К.Ко ДООЕЛ Македонија како дел од интернационалната групација П.И.К.Ко АД која е застапена во повеќе држави на Балканот е една од најбрзорастечките иновативни компании во областа на трговија со суровини во сите области од прехранбената индустрија. Кажете ни, од кога постоите и со што се занимавате?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Компанијата П.И.К.Ко ДООЕЛ Скопје како дел од групацијата П.И.К.Ко АД со седиште во Софија во Бугарија, за прв пат е регистирана на македонскиот пазар во 2001 година, така што веќе белeжиме над 20 години успешно работење.
Главната дејност е трговија со суровини и функционални додатоци од сите области на прехранбената индустрија. Соработката со реномирани светски производители на суровини за кои сме официјални претставници/дистрибутери за пазарите во регионов во сиве овие години наназад, наметна едно ново, динамично, разнообразно и професинално развивање на прехранбениот сектор.
Горди сме што сме дел од тој развој и горди сме што нашите клиенти гледаат во нас партнер од доверба на кој можат безгрижно да се потпрат.
МАРИЛИ: Дали во континуитет ја надополнувате листата на вашите суровини во портфолиото и кој е главниот критериоум и услов за избор на истите?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Во нашето портфолио има над 2.000 видови на суровини кои во континуитет ги поддржуваме на лагер во нашиот магацин. Секако портфолиото се менува според потребите на пазарот и актуелноста на различни ставки. Со цел да бидеме атрактивен доставувач на суровини и да ги следиме потребите на локалните производители, задолжително нашето портфолио го надополнуваме со нови суровини, а особено функционални додатоци кои се важни за следење на светските трендови.
Најновите случувања и трендови ги следиме благодарение на сите информации кои ги добиваме од нашите партнери производители на суровини, посета на светски саеми каде што има производители од цел свет и каде што се претставуваат сите иновации, како и според барањата на нашите клиенти. Секогаш сме среќни и горди кога ќе успееме да помогнеме во иновирање на некој производ кај клиентите како и подобрување на крајните својства на истите и добивање на додадена вредност.
МАРИЛИ: На кои пазари во регионот и пошироко сте присутни и каква е вашата флексибилност во делот на дистрибуција на производите?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Компанијата е интернационална со главно седиште во Софија Бугарија. Матичната фирма е основана во 90-тите години што значи дека е присутна на бугарскиот пазар повеќе од 30 години. По десетина години од нејзиното успешно работење и развивање, истата решава да се прошири регионално, па така во 2001 година е основана П.И.К.Ко Македонија.
Нашата успешна Македонска приказна сакавме да ја пресликаме и пошироко и да излеземе од нашите граници, па така во 2005та година ја отворивме канцеларијата во Косово, а во 2013 ја отворивме П.И.К.Ко Албанија во Тирана.
Двата пазари Косово и Албанија во целост односно комерцијално, финансиски и логистички се подржуваат од тимот на П.И.К.Ко Скопје.
Нашата компанија постои исто така со свои канцеларии и магацини во Србија и Романија, тие два пазари се под целосна контрола на матичната фирма.
Поради големината на компанијата апсолутно неопходно е сите процеси да се интерни, така да и логистиката како алка во целиот синџир е една од најважните која го подржува беспрекорното реализирање на сите увози и извози.
МАРИЛИ: Колку тимот на П.И.К.Ко успеа да се трансформира и прилагоди на актуелните кризи и дали новите производи значат успешно менаџирање во кризни услови?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Флексибилноста во работењето е еден од водечките и основни карактеристики во работењето на една компанија. За овие 20 години поминавме низ премногу предизвици, најверојатно низ сите тие предизвици и низ целиот тој процес на фокусирање за пронаоѓање на решенија на сите проблеми, толку многу се исчеличивме што претходните три години, професионално и исправено ги пребродивме.
Флексибилноста која ја споменав е клучниот и најважен фактор, во целиот тој изминат период кога голем предизвик беше снабувањето на стоката од далечниот исток ние моравме да пронајдеме алтернативни решенија за брза и квалитетна испорака на суровини од поблиските краишта, поради умешното и домаќинско работење во подобрите времиња, успеавме да ги пребродиме и финаскиските премрежја кои доаѓаа од драстичното покачување на цената на суровините, потоа енергетската криза, падот на производството кај повеќето од производителите, а со тоа и намалувањето на побарувачката на суровини.
И тековнава година ја гледаме како година на голем финансиски предизвик, но ги превземаме сите мерки и тековно ја следиме целокупната ситуација со цел да превземеме соодветни и брзи решенија. Најважно од се продолжуваме да сме поткрепа на нашите клиенти како сериозен, лојален и професионален доставувач, а секако очекуваме и бараме соодветен однос од нивна страна со цел продолжување на успешната соработка.
МАРИЛИ: Дали и колку вложувате во Вашите вработени, во смисла на нивно доусовршување, разни обуки, семинари...?
ШОТАРОСКА ТРАЈКОВА: Човечките ресурски се најважните ресурси на било која компанија во било кој сектор, без разлика дали компанијата има автоматизирани или полуавтоматизирани процеси, човечкиот фактор е едноставно главниот фактор за успех.
Земајќи го предвид погоре посоченото, едноставно инвестицијата во вработените е неминовна и најнеопходна. Ние имаме обуки и учествуваме во различни програми за обучување на вработените, обуки за продажни вештини, обуки за меки вештини кои ја подобруваат комуникацијата, со клиентите и доставувачите, а со тоа се подобруваат и преговарачките вештини, обуки за емпатија и емоционална интелегенција, обуки за менаџирање на време, обуки за секторот логистика, како и посета на задолжителни предавање и информативни сесии за самиот оддел, обуки и посета на семинари за финасии. Тоа значи, за секој сектор и за секој оддел, задолжително надоградување на годишно ниво.
Комерцијалниот сектор како движечки сектор во нашата фирма, задолжително ги посетува сите работилници и обуки, организирани од нашите доставувачи со цел следење на новитетите, како што претходно наведов посета на светски саеми каде што се следат сите иновации.
МАРИЛИ: Каде се наоѓа денес прехранбената индустрија во земјава споредено со регионот имајќи ја предвид глобалната криза која силно го погоди овој сектор од македонската економија?