Успех е кога знате дека има ЈАС и НИЕ и нивното место во животот

Интервју со Маја Бабиќ, извршен и оперативен менаџер на „Баги Комуникации“ во кое говори за тоа како се организира голем настан, зборува за разликата во организацијата на настани за себе и за клиент, за одговорноста да се организира концерт на отворено, но и за наследената љубов кон книгите, за клубот „Инер Вил Скопје Еуропеа“ - една од најстарите волонтерски сервисни женски организации, за хуманоста, грижата за екологијата и за животните. Бабиќ е една од топ 10 најуспешни жени менаџери за 2019 избрана од агенција „Марили“.

МАРИЛИ: Вие сте извршен и оперативен менаџер на „Баги Комуникации“ веќе 20 години. Тоа е семејна фирма што годинава ќе одбележи 30-годишен јубилеј, па кажете ни што работи „Баги Kомуникации“, издвојте некои позначајни проекти од биографијата на фирмата?
БАБИЌ: „
Баги Комуникации“ е компанија што се занимава со организација на секаков вид настани – корпоративни, промотивни, концерти. Тоа е мојата дома полни 20 години. Во неа научив сѐ што знам за организацијата на настани. Тоа е компанија што ми ги даде најубавите и најстресните моменти во мојот живот. Навидум изгледа едноставно да се организира настан затоа што сите ние приватно сме биле во можност да организираме некој настан. Но има разлика кога организирате за себе и за вашите блиски и кога тоа го правите за клиент. Мора да проникнете во неговите вкусови, потреби, очекувања, да се вклопите во издвоениот буџет и да испорачате производ каков што замислил. Кога правиме концерти на отворено за голем број публика, за што сме особено специјализирани, одговорноста се зголемува. Бидејќи, од една страна, го имате клиентот, а, од друга, публиката. И сите имаат очекувања од вас. Дополнително што во настаните нема поправен, ако нешто не е подготвено или испланирано како што треба, нема простор и начин да се поправи. Се оди во real time. И токму таа одговорност е причина за зголемена доза на адреналин од кој, еве, признавам и официјално, сум сериозен зависник. Нашата работа најчесто е „зад камерите“ и, главно, работите се завршуваат пред да почне самиот настан. Ретко сме експонирани, тронот им го препуштаме на вистинските ѕвезди, оние на сцената. Кога би ги набројувала нашите проекти, веројатно ќе ви го заземам целото списание. Но еве само од последниве години можам да издвојам дека сме горди на концертите на Влатко Стефановски во Филхармонија и оној во Антички минатата и оваа година со Мирослав Тадиќ, на јубилејниот концерт на пијанистот Дино Имери, на предновогодишните настани во Скопје, на Пивофест во Прилеп, на конференцијата на Светската царинска федерација... листата е долга.

МАРИЛИ: А која е Маја Бабиќ во прво лице? Поседувате огромна домашна библиотека од повеќе од 600 книги. Од каде љубовта кон книгите, дали е тоа запишано во Вашите гени?
БАБИЌ:
Маја Бабиќ е скопјанка со балкански гени. Миксот од Далмација, Романија, Србија, Бугарија и Скопје е дар на кој сум многу благодарна. Дури и моето детство и растење беше микс од две различни, но исклучитено благородни опкружувања. Од една страна, имав семејство на високи интелектуалци и научници, опкружена со книги, уметници и култура воопшто, а, од друга страна, семејство со беспрекорен однос кон семејството, домаќинството и вистинските човечки вредности. Овие различности ми овозможија да ги научам и да ги согледам сите агли на животот, поставувајќи ги вистинските приоритети и вредности на вистинско место. Очигледно дека влијанието на уметноста било доминантно, па така и јас одлучив да запливам во тие води. На почетокот како новинар во повеќе медиумски куќи, водејќи го секторот театар, а подоцна и во мојата матична куќа „Баги Комуникации“. Инаку, љубовта кон книгите има малку култна заднина. Колекцијата на мојот дедо, д-р Бошко Бабиќ, брои повеќе од 5.000 книги и, всушност, целиот мој живот е поврзан со тој мирис на нови и стари, блескави и правливи книги, но и со голема љубопитност за содржината на секоја од нив. Книгите ме следат цел живот, па дури и мојот животен партнер дојде со „мираз“ во форма на љубов кон книгите. Неодамна моравме да ја прошириме нашата домашна библиотека за да направиме место за нови наслови, па синот успеа да изброи повеќе од 600. Се надевам дека еден ден нашите деца ќе знаат да ја чуваат и да ја сакаат оваа вредност што ќе им ја оставиме.

МАРИЛИ: Вие сте и претседател на клубот „Инер Вил Скопје Еуропеа“. За каква организација станува збор и кои се Вашите активности и заложби како претседател?
БАБИЌ:
„Инер Вил“ е една од најстарите волонтерски сервисни женски организации, со активности во повеќе од 140 земји. Постои веќе 96 години и навистина сум горда што ѝ припаѓам на оваа организација. Оваа година мене ми припадна честа да го носам претседателскиот мандат (2019/2020) на клубот „Еуропеа“, што го сметам за голема одговорност. Инаку, нашиот клуб е составен од исклучителни дами, секоја врвна во својот домен на дејствување. Различни сме, но во едно сме сосема исти, сакаме и можеме да влијаеме, да помогнеме и да промовираме подобар свет за сите. Гордо стоиме зад акцијата „Pay it Forward“, како и зад конференциите по повод Денот на толеранцијата. За жал, во нашата земја има и повеќе отколку што треба поводи и причини за помагање, се трудиме да лоцираме вистински адреси каде што би можеле да дадеме свој придонес. Минатата година ја отворивме темата за врсничко насилство и се надевам дека ќе продолжиме во иста насока. Сега сме во подготовки за годинашнава дебата по повод Денот на толеранцијата, каде што повторно главна тема ќе бидат жената и нејзината улога во модерното општество. 

МАРИЛИ: Хуманоста е Ваша голема карактеристика, што се потврдува и со тоа што сте член на Управниот одбор на здружението „Борка“, но еднакво се грижите и за екологијата, а имате многу љубов и за животните. Кој е Вашиот став, како да се унапреди животната средина и како подобро да се грижиме за животните?
БАБИЌ:
Активизмот ми е во крвта. Всушност, не поднесувам неправда и зависна сум од ред и дисциплина. Веројатно затоа и имам потреба да се ангажирам во вакви здруженија и да се борам секојдневно. „Борка“ и Биба Додева за мене се синоним за истрајност, посветеност и вистински вредности. Со Биба сме и приватно пријателки и таа ја знае мојата приказна како cancer survivor. Секоја поддршка за овие луѓе е добредојдена. Што се однесува до животната средина или животните, што да ви кажам повеќе од она што досега е кажано безброј пати. Па, зар постои човек на планетава што не сака квалитетен воздух и здрава природна средина? Зар има некој на кој нема да му заигра срцето од повредено или беспомошно животно? Јас едноставно не можам да бидам глува и слепа. Кај нас ова се споредни теми или барем е така за оние што треба да носат решенија. Овие две прашања, всушност, се постулатите на цивилизациското битисување што кај нас сериозно се нарушени. Секако, треба да тргнеме и од себе и промените да ги направиме токму однатре. Кога секој од нас би дал свој придонес и кога тоа би се мултиплицирало, тогаш секако ќе има резултати. 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена во делот на бизнисот, но гледаме дека сте ангажирана и во многу други активности. Како изгледа еден Ваш работен ден?
БАБИЌ:
Една од работите за кои сум благодарна во животот е дека ниеден ден не е сличен на претходниот. Можеби ритамот е сличен – дома, работа, дома, но содржината е секојдневно различна. Работата ми дозволува сама да си го одредувам темпото, можам да работам и на отворено, во парк, во канцеларија, на терен. Но секогаш предизвикот е различен. Најчесто работам паралелно на неколку проекти и сакам во секој од нив да пронајдам доза адреналин. Не сум човек што може да биде затворен во четири ѕида со стриктно работно време, но затоа знам сѐ да сработам во 2 часот по полноќ ако за тоа имам инспирација. Исто е и со домашните обврски, попрво ќе ме начекате како пеглам или средувам навечер отколку наутро. Денот ми започнува околу 6 часот бидејќи имам прецизен будилник на четири нозе. Инаку, по природа не сум ранобудник, всушност, јас сум голема спанка, но мојот миленик Дилан е тој што диктира кога треба да започне денот. Ми треба време да ми „проработи“ организмот, па затоа преферирам првиот еден и пол час да го поминам во тишина, сама со себе и со голема доза кафе.

Во овој период полека го будам организмот и ги артикулирам мислите, правам план за денот што следува, набрзина прелистувам што има на социјалните мрежи и нормално добивам доза гушкање со Дилан. Колку и да имам работа или обврски, попладневните часови секогаш се резервирани за долга прошетка со Дилан и за дружба со моето „кучкарско“ друштво што, исто така, ме исполнува. Тоа се моменти за релаксација и за физичка активност. Во вечерните часови преферирам да останам дома, некако се заситив од излегувања и забави, па ако може остануваме дома, во релаксирана атмосфера. Со оглед дека со сопругот работиме заедно, неминовно е навечер да одвоиме време за сумирање на денот што поминал, за правење планови за наредниот период, а многу често знаеме да влеземе во креативна фаза и да доаѓаме до нови идеи и решенија за некои идни проекти.

МАРИЛИ: Според сево ова, имате максимално исполнета дневна агенда. Колку разбирањето од семејството е важно за да се постигнат резултати на сите полиња?
БАБИЌ:
Има еден стих на групата „Ван Гог“ што вели: „Ако станемо, губимо све“. Тоа е главната девиза што ме води, а моето семејство добро го знае тоа. Нема застанување, нема откажување, можеби понекогаш се потребни кратки паузи за земање здив, но, главно, одиме напред. Шаблон ќе биде ако зборувам за тоа колку е важна поддршката од семејството, но тоа е вистината. Замислете да имате партнер што постојано ќе негодува поради вашето темпо, ако тој сака попладневни дремки, а вие попладнето сте дури на половина со обврските. Тие работи не одат така. Поради тоа, секој го избира тоа што му одговара и го добива тоа што го заслужува. За среќа, со мојот сопруг сме во иста професионална приказна и сосема се разбираме.

Имам возрасен син, го родив многу млада, на 20 години и од оваа дистанција можам да кажам дека тоа е една од моите најдобри одлуки во животот. Знаете, јас сѐ уште се чувствувам доволно млада и силна за нови предизвици, а обврските околу детето веќе не се толку обемни. Тој порасна со сите мои ангажмани, знае дека работното време на неговата мајка не е исто како на повеќето мајки на неговите другари и тоа го прифати уште од мал. Важен е балансот, ако успеете да одговорите на барањата на семејството, тогаш не гледам причина да изостане поддршката.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е успешна менаџерка, како ја дефинирате успешната жена?
БАБИЌ:
Лично сметам дека сите жени се менаџерки. Па, зар има поголем менаџмент од тоа да имате способност да менаџирате и во домот и на работа. Зар домаќинките се помали менаџерки од оние со кариера? Замислете менаџирање на две-три деца, сопруг, домаќинство, семеен буџет. А успешна жена, според моето мислење, е онаа што се чувствува успешна. Знаете, поимот за успех е индивидуален и различен во различни средини или култури. За некого тоа е полна банковна сметка или огромен орман со чевли и чанти. Или, пак, академски титули и врвно образование. Или егзотични патувања. За некого, пак, е полна куќа и мирис на свежо печен колач со јаболка. А за мене, пак, поим за успешност е совршената рамнотежа во животот и задоволството од сама себе. Успешна жена е онаа што има соништа и сила да ги исполни. Често успешноста е видлива во очите на жената, во нејзината насмевка или ако сакате во секоја брчка на нејзиното лице. Зашто секоја од нив има своја приказна и се крие некој предизвик што бил успешно надминат. Успех е кога знате дека има ЈАС и НИЕ и нивното место во животот. Успех е да научите да се менувате и да ги прифатите добрите нешта. Да се погледнете во огледало и да знаете која сте и каде одите. Животот ме научи дека секој период си носи свои убавини и свои предизвици. Не се плашам од иднината и се обидувам да уживам во сегашноста.
 


Статијата е прочитана 2081 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско