Лидер во вклучувањето на косовските жени во економијата и општеството – НВО „Лејди“

Интервју со Санија Мурати, лидерка и менаџерка на проекти за поддршка на жените во Косово, добитничка на наградата „Круна на успехот“ доделена од Владата на Косово. Во интервјуто таа говори за заложбите за афирмација на косовската жена во разни сфери, за НВО „Лејди“, за единствената Советничка куќа за жени на Косово, за организацијата „Balkan Women Association“ основана од шест силни организации на жени од Западен Балкан со цел взаемна поддршка, размена на искуства и подбро позиционирање на сите жени на овие простори, како и за проектот „Women Book“ кој содржи 60 истории на исто толку успешни жени претприемачки од регионот

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е наградата „Круна на успехот“ што на крајот на минатата година Ви ја додели Владата на Косово за Вашите заложби околу афирмација на косовската жена во повеќе сфери. За каква награда поточно станува збор? 

МУРАТИ: „Круна на успехот“ е награда што по прв пат се доделува на Косово. Владата на Косово во соработка со НВО „Лејди“ одлучи да додели награди на 50 посебно успешни жени во различни сектори што дале голем придонес во развојот на косовското општество и пошироко. Станува збор за жени активистки, жени во бизнисот, културата, новинарството, медицината, ИТ секторот, спортот...

Во сите овие години имам добивано голем број награди. Меѓу другите е и посебната благодарница добиена 2010 година од Хилари Клинтон за поддршка и јакнење на потенцијалот на жените на Косово. 

Морам да признаам дека и овој пат се чувствував мотивирано добивајќи ја наградата доделена од Владата на Косово. Сите добитнички, подеднакво како и јас, имаме дадено долгогодишен животен придонес во сферите во кои делуваме и убаво е да се знае дека Владата ги препознала нашата работа, вложувања и постигнати резултати.

 

МАРИЛИ: Наградата претставува заокружување на Вашите активности на повеќе полиња, на полето на женското претприемништво, економско јакнење на жената, борбата против насилството врз жената... Во таа насока, кои се најзначајните проекти на кои сте најдолго посветена и со кои сте постигнале  најголеми резултати? 

МУРАТИ: НВО „Лејди“ постои од 2005 година. Се занимаваме со вклучување на жените и младите во економијата и општеството, како и со нивно економско осознавање преку програми за ориентирање, психо-социјални советувања, тренинзи, посредувања при вработувања, вработувања...  

Долги години успешно имплементираме различни проекти, но она што сакаме да го издвоиме и што е особено важно за нас, нашите членки и општество во кое живееме е фактот дека сме прва и единствена Советничка куќа за жени на Косово и дека тој наш самоинициран проект денес е еден од столбовите за развој на косовските жени и млади.

 

МАРИЛИ: Што Ве поттикна да ги третирате проблемите на косовската жена, колку во тоа има придонес Вашето лично искуство?

МУРАТИ: Животното искуство е ризница на знаења на секој од нас. Тоа не учи како треба или не треба да се постапува низ животот, каде се кријат одговорите, како да се бараат и пронаоѓаат решенија и колку сме подготвени да се бориме за нашите права, потреби и подобар живот. Како деловна жена, како мајка и некој што живеел на различни простори на Западен Балкан, моите потреби беа многу слични со потребите на жените со кои бев опкружена. 

Неброено пати во животот сум барала одговори на различни прашања и за да дојдам до нив честопати сум била принудена да тропнам на повеќе врати. Ретко сум имала прилика да добијам јасен одговор од првиот обид. Тој факт ме наведе на идејата на жените да им создадам услови за „скратување на патот“. Денес на Косово постојат конкретни врати на кои секоја жена може да тропне и да добие јасни, конкретни и брзи одговори.

 

МАРИЛИ: Поседувате моќ да ги обединувате жените не само на Косово, туку и пошироко, за што е доказ проектот „Women Book“, како и регионалната конференција што ја одржавте минатата година. Како од оваа дистанца денес гледате на резултатите од овој проект?