РК „Алкалоид“ најдобра екипа, Евгениј Поп Ацев спортист на годината - доделени наградите „13 Ноември“

По повод ослободувањете на Градот Скопје, Сојузот на спортови во текот на вчерашниот ден организираше свеченост за доделување на наградите „13 Ноември“ на спортисти, тренери, спортски работници и организации, кои изминатата година постигнаа одлични резултати и придонесоа за развој и унапредување на македонскиот спорт во различни категории, објави Gol.mk

Свеченостa се одржа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ каде беа доделени 10 награди на предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот. Оваа награда претставува признание за исклучителниот придонес на добитниците, кои оставиле трајна трага во развојот на спортот и во промоцијата на спортските вредности во нашата заедница. 

Наградата „13 Ноември“ - Спортист му беше доделена на еден од најуспешните македонски пливачи Евгениј Поп Ацев, кој минатата година го преплива Ла Манш, во должина од 33 километри, со време од 9 часа и 43 минути, и со тоа стана петтиот Македонец кој го препливал каналот. 

Наградата Тренер ја доби македонската ракометна легенда Кире Лазаров, кој предводејќи го РК Алкалоид стигна до титулата ЕХФ Европски куп за мажи 24/25, а наградата Спортска екипа му припадна токму на ракометниот клуб Алкалоид. 

Наградите Спортски работник за животно дело ги добија поранешната атлетичарка Божурка Ѓошевска и Кирил Михаилов, спортски фоторепортер и организатор на автомобилиски трки. Ѓошеска како тренер на атлетскиот клуб Работнички и професорка во ДУФК М.М.Брицо, целиот свој работен век го посвети на спортот, развојот на атлетиката, создавајќи врвни атлетичари, додека  Михаилов е активно вклучен во организација на автомобилистички трки во рамките на АМСМ уште од 80-тите години на минатиот век и до ден-денешен е активен фоторепортер на сите автомобилистики натпревари.

Останатите пет награди им припаднаа на спортските работници М-р. Горан Мицкоски (стручен соработник во Џудо федерација на Македонија и дел од организациски тим на македонската џудо федерација), Јордан Тасевски (Претседател на Македонската федерација во Спортско Стрелаштво), спортскиот новинар во порталот „Екипа“, Владимир Булатовиќ, како и на Александар Аргироски (професор по физичко образование, спорт и здравје во ООУ „Петар Поп Арсов“ од Скопје) и професорката Ана Јакимовска Стричевиќ од ДУФК М.М. Брицо – Скопје.

Наградите „13 Ноември“ се доделуваат по 55-ти пат, традиција што започна уште во 1970 година.

 

Извор: Gol.mk

 

 


Статијата е прочитана 79 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско