Новата реалност се повеќе значи успешна интеграција на напредните технологии и иновации во бизнис моделите
Интерву со Александра Наќева Ружин, проф на Американ колеџ во Скопје и поранешен амбасадор на Македонија во Кралството Шведска во кое говори за процесите на едукација и водење бизнис во услови на пандемија со Ковид-19, за функционирањето на Советот на амбасадори, за искуството како претставник на државата во Шведска, за своето слободно време.
МАРИЛИ: Вие сте професор по јавни финансии на Американ колеџ во Скопје, а на оваа позиција дојдовте после Вашата дипломатска функција како амбасадор на Македонија во Кралството Шведска. Како денес ја реализирате наставата во услови на епидемија и колку сте задоволни Вие но и Вашите студенти? Како ќе течат завршните испити?
НАЌЕВА-РУЖИН: По завршување на дипломатскиот мандат во Шведска, кон средината на 2018 година со задоволство повторно се вратив на професорската кариера на Американскиот колеџ во Скопје. Велам се вратив, од причини што мојата соработка со Универзитет датира речиси од неговите почетоци, односно од 2008 година, кога го поставив курикулумот за предметот Јавни финансии за англиската група студенти и го поддржав етаблирањето на Факултетот за деловна економија и бизнис во наредните неколку години. Ентузијазмот и посветеноста на професорскиот кадар и администрацијата и тогаш и денес се на мошне високо ниво, со таа разлика што во денешно време, во однос на периодот пред десетина години техничката подготвеност на Универзитетот е исклучително унапредена. Оттука, подготвени ја пречекавме ситуацијата со прекин на физичката настава и мерките за социјално дистанцирање воведени за справување со Ковид-19 пандемијата и продолживме со едукација на студентите речиси една недела по воведување на здравствените мерки. Имено, наставата отпочнавме да ја обавуваме онлајн преку синхрона комуникација со помош на видео-конференциската платформа WEBEX, дополнета со асинхрона комуникација, односно поставување на образовните материјали на платформата Moodle, преку која се реализираат и испитите на студентите. Морам да кажам дека на самиот почеток имав одредени резерви во однос на успешноста во пренесување на знаењето на студентите преку електронски платформи, а поради губењето на напосредната комуникацијата која е својствена за физичкото одржување на часовите. Имено, класичните часови отсекогаш сум ги сметала за клучни за образовниот процес, меѓу другото и поради енергијата која се споделува меѓу професорот и студентите и можноста да се прилагоди темпото, длабочината и опфатот на предавањето согласно нивните предзнаења за темата, интересот и брзината на совладување на материјалот. Но, моите иницијални стравувања се покажаа за неосновани. Студентите одлично го прифатија новиот начин на обавување на наставата и испитувањето, активно се вклучени во истата и покажуваат одлични резултати на испитите. Можноста да се вклучат во образовниот процес од удобноста на своите домови, преку електронски платформи кои ги познаваат и со кои едноставно ракуваат, се покажа како огромна предност која веројатно, во одреден обем, ќе биде задржана и по укинување на мерките. Универзитетот капитализираше во ваквата непредвидлива и поврзана со бројни неизвесности ситуација и го зацврсна своето реноме и репутација како врвен приватен Универзитет во земјата.
МАРИЛИ: Од каде љубовта кон едукацијата и колку години сте професор? Вие сте и одличен оратор, па каде се се стекнавте со овие предзнаења?
НАЌЕВА-РУЖИН: Љубовта кон ораторството и едукацијата ја негувам уште од факултетските денови, кога, како дел од управувачките структури на најголемата, меѓународна студенска организација АИЕСЕК, во соработка со бизнис секторот и академските институции организиравме врвни настани на кои се јавував во улога на говорник. На ваквите бројни конференции, форуми и семинари организирани на клучни теми од интерес за земјата во периодот на пазарна транзиција - на пример за структурните рефоми во земјата, развојот на финансискиот сектор, берзанско работење итн., особен предизвик и задоволство ми беше примената на највисоки професионални стандарди во организацијата и спроведување на истите, меѓу другото и преку ангажирање врвни говорници од кои црпев искуство и инспирација. Во текот на мандатот како потпретседател за проекти, а потоа и како неколкугодишен претседател на АИЕСЕК, ораторските вештини имав прилика да ги доразвијам и како дел од Балканскиот тренинг тим преку кој, заедно со моите колеги од земјите од регионот и од Австрија, имаме одржано бројни предавања во земјата и странство на повеќе теми кои тогаш се сметаа за новитет во регионот, а кои и денеска се подеднакво актуелни во областа на комуникацијата и едукацијата.
Оттогаш, имам учествувано како говорник, модератор и фасилитатор на над 30-ина национални и меѓународни настани во земјата и во странство, а предавања имам одржувано и на Универзитетот во Питсбург, САД, Универзитетот во Стокхолм, Шведска и на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во текот на севкупната над 20-годишна професионална кариера речиси и да нема период во кој не сум ангажирана како предавач или говорник.
МАРИЛИ: Ве познаваме како дологодишна жена менаџер во приватниот бизнис. Оттаму, кои се Вашите сознанија и препораки за тоа како приватниот сектор да се справи со кризата предизвикана од коронавирусот?
НАЌЕВА-РУЖИН: Со оглед на мојата, повеќе од една деценија ангажираност на врвни менаџерски позиции во корпоративниот финансиски сектор, со големо внимание ги следам приликите и развојот на состојбите со постојната здравствена и економска криза и реперкусиите врз реалниот сектор во земјата и глобално, кои, морам да искоментирам, се далеку од позитивни. Со исклучок на неколку индустрии како фармацијата, производство на основни добра и услуги и сл., останатите индустрии се длабоко погодени од падот на глобалната побарувачка за добра и услуги и инвестициската потрошувачка. Компаниите, без оглед дали станува збор за големи корпорации, микро, мали и средни претпријатија или стартапи, разбирливо, се примарно насочени кон справување со кризната ситуација на краток и среден рок. На краток рок, односно за времетраење на кризата, примарната ориентација е заштита на здравјето на семејството и на вработените, одржување на ликвидноста и опстанок на компаниите. Со оглед на проектираниот драматичен пад на економската активност на глобално ниво оваа година, компаниите истовремено се насочени и кон унапредување на ефикасноста во работењето преку кратење на непродуктивните трошоци, реорганизација на деловните процеси и сл. за да ги ублажат негативните ефекти врз профитабилноста и да овозможат континуитет на бизнисот на некој среден рок.
Сепак, она што го предодредува идното пазарно позиционирање на бизнисите е нивниот капацитетот за долгорочно стратешко планирање. Како и секоја криза од глобални размери и постојната наметнува бројни ризици, но воедно носи и можности за бизнисите од реалната економија, а чие препознавање и искористување ќе ја предодреди нивната успешност на долг рок. Имено, и покрај сеприсутната неизвесност, присутни се и т.н. „слаби сигнали“ кои ги наговестуваат идните пазарни трендови. Според мене, особено во периодот на пандемијата, се поизразена е свесноста на потрошувачите за ризиците асоцирани со климатските промени и импактот од истите врз луѓето и биолошките системи. Оттука, извесна е се поартикулирана преференца кон еко-производи и услуги и нивна испорака до крајните потрошувачи на начин кој ќе го намали негативниот импакт врз животната средина, како и примена на т.н. „чисти“ („зелени“) технологии и бизнис модели во индустриското производство кои ќе обезбедат одржлив економски развој и заштита на животната средина. Моја препорака до бизнисите е да се фокусираат на прилагодување на корпоративната мисија и вредноста на нивните производи/улуги кон вака изменетите пазарни услови и преференци на клиентите и да изградат стратегии, внатрешна инфраструктура и капацитет кои ќе фасилитираат проширување на постојните и освојување нови пазари.
МАРИЛИ: Кои ќе бидат компаниите кои најбрзо ќе се изборат со кризата, според Вас, колку во оваа ситуација се согледува потребата од иновации и современи технологии во комуникациите и маркетингот?
НАЌЕВА-РУЖИН: Деловното опкружување, потребите на потрошувачите, дистрибутивните канали и останати пазарни прилики се предмет на континуирани промени и ниту една индустрија не е поштедена од нивно влијание. Сепак, здравствената и последователната економска криза предизвикаа нагли и неочекувани дисрупции на глобалните трговски текови и ќе придонесат за значајни пазарни промени во многу пократок рок од редовните, континуирани промени. Оттука, идните лидери во пооделните индустрии ќе бидат оние кои стратешки и агилно ќе успеат да се адаптираат кон овие промени, а со оглед што иновациите се само поинаков израз за адаптација кон промените, идните компании-лидери де факто можат да се поистоветат со иновации.
Новата реалност се повеќе значи успешна интеграција на напредните технологии во бизнис моделите и процеси, капацитет за агилно следење и толкување на пазарните трендови и респонзивност кон истите преку иновирање нови производи/услуги, усвојување дигитални алатки за комуникација со клиентите и промоција на брендот и производот, и иновативни канали на дистрибуција.
Компаниите кои располагаат со капацитет - техничка инфраструктура и човечки капитал за интегрирање на идните трендови и напредни технологии во стратешките планови и деловните процеси ќе успеат да капитализираат од кризата и да ги унапредат својата репутација и пазарната позиција во периодот што следува. Во денешниот дигитален свет речиси и да не постојат недостапни клиенти и пазари, прашањето е само колку добро може да се одговори на потребите на потрошувачите со иновативни производи, промовирани со алатките на дигиталниот маркетинг.
МАРИЛИ: Како поранешен амбасадор во Шведска, кажете ни како ја доживеавте оваа земја од аспект на однос кон иновациите и нивната имплементација? Како го објаснувате нивниот избор да одат по свој пат во справување и со оваа криза и во борбата со Ковид-19, заради што се уникатни во Европа и во светот?
НАЌЕВА-РУЖИН: И покрај популација од само 10 милиони, Шведска во континуитет е рангирана на врвот на Глобалниот индекс за иновации. Земјата негува долга традиција во овој домен, видно од фактот што некои од најистакнатите иноватори во светската историја, како Целзиус и Нобел доаѓаат токму од Шведска, иако не помалку значајни се и иновативните компании од денешно време, како „Тетрапак“, ИКЕА, „Скајп“ или „Спотифај“. Оттука, во текот на 4-годишниот дипломатски мандат во Шведска, покрај што овие подвизи ми предизвикуваа длабока почит и ми претставуваа инспирација, се посветив на осознавање на основите за истите, како и на идентификување на можностите за нивно пресликување во домашната економија. Моите обсервации се дека покрај стабилната политичка и економска клима, предвидливи политики и значајни инвестиции во истражување и развој, одговорот за нивниот успех треба да се бара и во адаптибилноста на бизнис секторот, заложбите за одржливи практики и особено фокусот врз „чистите“ технологии. Имено, адаптибилноста игра голема улога за иновативноста, од причина што компаниите не се држат носталгично до застарени методи и индустрии, туку се подготвени да ги адаптираат производството и бизнис процесите кон новите пазарни потреби.
Понатаму, шведските бизниси со децении се посветени кон иновирање и развој на одржливи решенија, така што денес, кога потрошувачите на глобално ниво очекуваат од бизнисите да применуваат засилени мерки за намалување на негативниот импакт врз животната средина, Шведска е подготвена за освојување на глобалните пазари. Земјата е пионер и лидер на пазарот на „чистите“ технологии, кој е еден од најбрзорастечките сектори во домашната економија, првенствено благодарејќи на владина поддршка за стартапите во овој сектор и поддршката за примена на енергетска ефикасност и на „зелени“ практики во идустријата. Токму поради ваквата глобална репутација на Шведска во доменот на иновации и „чисти“ технологии, со големо задоволство од почетокот на минатата година се вклучив како советник на Шведскиот Институт од Стокхолм во програмата за иновациско лидерство во Западниот Балкан.
Што се однесува до неортодоксниот пристап на Шведска за справување со Ковид-19 пандемијата, којшто им донесе јавни критики, но и побуди интерес кај светската јавност, во неколку наврати и јавно им честитав на одважноста да се применат политики спротивни на оние во остатокот од светот. На овој начин земјата, всушност, служи како „контролна група“ во глобалниот социјален експеримент на мерки за заштита на јавното здравје, а што е особено значајно за постфестум идентификување на најсоодветниот одговор на пандемијата. Во моментот бројот на жртви е значителен, но за да се извлечат финални заклучоци и ставови околу исправноста на шведските методи, сепак, треба да се почека додека состојбите со заразата целосно се стават под контрола на глобално ниво.
МАРИЛИ: Дел сте и од Советот на амбасадори во земјата. Може ли да споделите повеќе информации околу функционирањето на Советот, од кога членувате во него и кои се неговите цели?
НАЌЕВА-РУЖИН: Активно се вклучив во работата на Здружението за надворешна политика и меѓународни односи „Совет на амбасадори“ уште од неговото основање во април минатата година. Советот е составен од поранешни амбасадори и министри за надворешни работи кои споделуваат силен интерес за унапредување на надворешната политика на земјата и на нејзините односи со земјите од регионот и на меѓународно ниво. Како независно и непартиско здружение, целта на Советот е укажување поддршка на надлежните институции во креирањето и успешното спроведување на надворешната политика на билатерален и меѓународен план во забрзување на евроатлантските интегративни процеси, унапредување на билатералните политички, економски и културни односи со трети земји, како и поддршка на нашата дипломатска мрежа и нејзиното успешно функционирање. Досега сме мошне задоволни од поддршката која ни е укажувана од претседателот Пендаровски, Парламентот и Владата во афирмација на Советот и негово позиционирање како активен и ценет чинител во доменот на надворешната политика. Особено би ја истакнала соработката со претседателот Пендаровски, под чие покровителство, во јануари оваа година ја организиравме Амбасадорската округла маса на тема на ЕУ и НАТО интеграциите на земјата, која побуди огромен интерес и вклученост од дипломатскиот кор во земјата, парламентарците, претставници на меѓународни институции и цивилниот сектор. Уште од самото основање активно соработуваме со странските дипломатски претставништва во земјата, а во текот на годината планираме проширување на соработката со слични здруженија од регинот и од САД, чии претставници ги очекуваме во официјална посета во октомври оваа година. Исклучително сум задоволна од односите и соработката со колегите од Советот, а кои почиваат на пријателство и взаемна почит. Однапред се радувам на наша истакната активност и во иднина, меѓу другото преку организирање јавни дебати на актуелни политички и безбедносни теми, како и преку континуирано присуство во јавноста со аргументирани политички ставови за разни политички збиднувања во земјата, регионот и пошироко.
МАРИЛИ: Како Вие, како успешна жена со богата кариера на повеќе полиња успевате да се организирате, со оглед дека сте и семејна личност? Што е она што Ве релаксира приватно?
НАЌЕВА-РУЖИН: Читам многу (поголемиот син коментира дека дури и премногу, хахаха), љубители сме на добар филм, театарска претстава, опера. Што се однесува до физичка активност, порано се сметав за урбан тип кој е зависен од градкиот метеж и збиднувања, но Шведска ми помогна да се спознаам како голем љубител на природата и зависник од престој на отворено. Оттогаш уживам во долги прошетки во природа со синовите, сопругот и кучето, во повеќедневни пешачења на странски дестинации со пријателите од Шведска, а од оваа пролет и во велосипедизам. Духовниот мир се обидувам да го постигнам со медитација.
Статијата е прочитана 2006 пати.