Над 120.000 луѓе стекнале ИТ образование во „Семос Едукација“ за 27 години

Интервју со Валентина Тасева, генерален менаџер на „Семос Едукација“ во кое зборува за 27-годишниот континуиран раст на компанијата, за работењето во постпандемискиот период и придобивките што ги донесе дигиталната трансформација, за развојот на ИТ индустријата кај нас, но и за причините заради кои младите си заминуваат од Македонија и за тоа што треба да се направи за да се спречи егзодусот на квалификувана работна сила
МАРИЛИ: Што претставува „Семос Едукација“ денес, по 27 години континуиран раст, за какви бројки на вработени, предавачи, слушатели станува збор?
ТАСЕВА: „Семос Едукација“ 2022 година ја заврши со 53 редовно вработени што работат во нашите канцеларии во две земји, во Македонија и во Србија. Дополнително соработуваме со 185 сертифицирани предавачи што поминуваат низ сериозен процес на селекција, обуки за презентациски и комуникациски вештини и сертификација од страна на глобално познатите софтверски имиња како што се Microsoft Cisco, AWS, Oracle, Adobe, Autodesk и други.
Бројот на слушатели што се стекнале со ИТ образование во изминатите 27 години изнесува нешто над 120.000. Во годините по пандемијата, откако почнавме да работиме онлајн, на годишно ниво спроведуваме обука за околу 10.000 слушатели, во 30 виртуелни училници, а бројката во 2022 година изнесува 9.851 слушател .
„Семос Едукација“ има неколку столбови, групи клиенти со кои соработуваме и тоа се: локалните и регионалните компании, нашите клиенти од странство, а особено важен столб се младите кои својата иднина ја гледаат во ИТ светот.
Околу 27% од нашиот приход доаѓа од странство, благодарение на фактот дека предавачите на „Семос Едукација“ спроведуваат ИТ обука во 24 земји ширум светот. Би споменала дека бројката на компании со кои соработувавме во 2022 изнесува 340.
Сите овие бројки се во линија со визијата на компанијата непрекинато да обезбедуваме квалитетна ИТ едукација чија цел е младите, студентите, ИТ професионалците, инженерите, економистите и сите други вработени да поседуваат високо ниво на ИТ вештини, со што не само што тие ќе бидат поуспешни и попродуктивни, туку и нивните компании ќе го зголемат нивото на ефективност и ефикасност. Тука мора да се истакне и фактот дека преку сертификацијата на вработените компаниите ја зголемуваат својата регионална и глобална препознатливост.
МАРИЛИ: Покрај постоечките контиунирани кризи ИТ индустријата добро се справува. Какво е Вашето искуство во обезбедување опстанок и одржлив развој во овој период?
ТАСЕВА: Моето иксуство вели дека бизнисот не е повеќе ист во пост ковид периодот. Пандемијата нѐ научи да работиме дигитално и значително ја забрза дигиталната трансформација. Светските показатели велат дека околу 92% од сите компании на глобално ниво имаат искусено некаков облик на дигитална трансформација. Дигиталната трансформација е успешна во најголем број на случаите доколку е водена од страна на менаџерскиот тим во компаниите. „Семос Едукација“ исто така помина низ сериозен процес на дигитална трансформација што ни донесе низа придобивки. Истата беше водена, пред сѐ, од мене како генерален директор, а поддржана од целокупниот менаџерски тим.
Ние трансформиравме околу 13 процеси, од кои најзначајни се дигиталниот маркетинг, продажбата, начинот на спроведување обука од училница во онлајн настава, воведовме нов софтвер во одделот за финансии, воведовме нов CRM софтвер преку кој ги следиме нашите слушатели и нивните успеси, креиравме нови оддели како Кариерен центар и Оддел за дата анализа.
На овој начин трансфомирајќи го своето работење „Семос Едукација“ искуси 100% раст во минатиот период. Ако во 2019 имавме помалку од 5.000 спроведени обуки, од кои најголем дел беа спроведени во училница, 2022 година ја заокруживме со околу 10.000 обуки, најголем дел од нив спроведени онлајн, со слушатели од целиот свет.
Значи, дигиталната трансформација ги брише физичките граници и обезбедува неограничени можности за раст.
МАРИЛИ: Какви новини воведовте во овој период со оглед на динамиата на ИТ индустријата која е една од најбрзорастечките во светот и какви планови имате за во иднина?
ТАСЕВА: Освен горе споменатото, тука би истакнала три придобивки што ги добивме преку дигиталната трансформација низ која поминавме, за кои сметам дека се најважни, а може да помогнат на било кој менаџерски тим во било која компанија.
Првата од нив е големината на пазарот, која во дигиталниот свет најчесто е неограничена. Значи, „Семос Едукација“, како и било која друга компанија може да најде слушатели од било каде во светот, што веќе и го прави, трансформирајќи го својот производ во дигитален производ.
Втората придобивка што ја воведовме е креирање таканаречен Оддел за дата анализа кој работи на анализа на податоците. Преку овој оддел, со едноставно користење на PowerBI алатката, која е дел од новиот Microsoft Office 365, започнавме со анализа на сите податоци од нашето работење, што резултираше со многу нови извештаи кои ни дадоа целосно нов увид во работењето и ни помогнаа да донесуваме одлуки базирани само на податоци. Нашиот пример го следат сѐ поголем број компании во кои нашите професионалци во оваа област работат како консултанти во создавањето дашборди, извешати и процеси за анализа на податоци. Интересен е фактот дека имаме и странски компании каде што работиме како консултанти во оваа област, особено од САД.
И третата придбивка е интензивно користење дигитален маркетинг и дигитална продажба, каде маркетинг активностите се фокусирани на резултатите што произлегуваат од Одделот за дата анализа.
МАРИЛИ: Какво е Вашето видување за одливот на мозоци од нашата земја, пред се, од ИТ секторот и што треба да се направи за да се спречи ваквиот егзодус на квалификувана работна сила?