Доколку сега не им се помогне на компаниите, ќе се разори јадрото на македонската економија

Интервју со Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Северна Македонија во кое зборува за тешката борба за опстанок на бизнисот во услови на повеќе последователни кризи, за потребата од итни нови владини мерки за поддршка за да се одржи конкурентноста и виталноста на компаниите, за тоа со што ќе се соочи стопанството во блиска и малку подалечна иднина. Говори и за неопходноста од постоење предвидлив амбиент за работа, за соработката со Владата, за тоа кои се најзначајните стопански гранки врз кои се потпира домашната економија и во кои треба да се инвестира, за алармантната состојба со недостатокот на квалификуван кадар. Азески се осврнува и на издавањето на монографијата „100 години искуство“ по повод јубилејот 100 години Стопанска комора на Македонија, а го појаснува и концептот „Комора на иднината“ со кој се најавува нов профил на Комората како модерна, напредна и целосно посветена на компаниите

МАРИЛИ: Во годината во која Стопанската комора одбележа 100 години од своето постоење приватниот бизнис сектор во Македонија се соочува со веројатно најголемата економска криза од осамостојувањето на државата. Владата понуди одредени решенија, но дали тоа е доволно? Колку владините мерки реално им помогнаа на компаниите да ја надминат кризата со електрична енергија?

АЗЕСКИ: Прославата на 100-годишнината од постоењето на Стопанската комора се случи во година на тешка економска состојба во државата, која продолжува и во 2023 година. Условите за стопанисување се предизвик за компаниите и креираат несигурност и непредвидливост во нивното работење, нешто што Комората го предвиде многу порано и на што укажуваше подолг период.

Бизнисот - претприемништвото секогаш подразбира одредено ниво на ризик. Умешноста на бизнисмените е во изнаоѓање решенија и надминување на неповолните услови. Сепак, треба да се истакне дека во изминатите три години, во светски рамки постојат екстремно тешки услови за стопанисување. Имено, здравствената криза се преточи во финансиска, а во 2022 година се надоврзаа и енергетска криза и воениот конфликт во Украина и сето тоа неколку години во континуитет. Високите стапки на инфлација дополнително ги отежнуваат условите за работење и ја поскапуваат цената на капиталот, преку раст на каматите. Сето ова влијае на постепено исцедување на финансиската кондиција на компаниите, влошување на перформансите на работење, намалување на нивните резерви, неликвидност. Затоа од големо значење е поддршката на компаниите од страна на државата, давање „ветер во грб“.

Факт е дека, на барање на бизнисот, мерки од државата има. Цениме дека одговорот на Владата, иако спор и не во посакуваниот обем, ќе им овозможи на одредени сектори да ги надминат проблемите со енергенсите. Имајќи предвид дека кризата сè уште трае, а цената на електричната енергија поставува нови неизвесности и предизвици, има потреба и простор за нови мерки и за поддршка на бизнисот, за што ние во Комората креираме предлози. Сепак, главен проблем е примената на предложените решенија со динамика и во форма што ќе даде брзи ефекти и кои ќе ја одржат конкурентноста и виталноста на македонските компании за да опстојат на пазарот, бидејќи тие се моторот на економијата. Затоа што, доколку сега не им се помогне на компаниите, ќе се разори јадрото во македонската економија.

МАРИЛИ: Какви се Вашите предвидувања, со што допрва ќе се соочиме во блиска иднина, но и подолгорочно?

АЗЕСКИ: Ако нешто е извесно во моментов, тогаш тоа е дека се’ е неизвесно. По постепеното олабавување на последиците од пандемијата со Ковид-19 започна процес на заздравување на македонската економија, но заздравувањето забави заради енергетската криза во која западнавме.

Согласно економските проекции што се објавуваат, во блиска иднина ќе се соочиме со намалена активност на економијата на ЕУ, а во тој контекст и на Германија, како последица на она што го носи енергетската криза и трендот на пораст на каматните стапки насочен против високата инфлација. Сето ова неповолно ќе се одрази на побарувачката за македонски стоки и услуги на странските пазари и тоа ќе треба да се премости со што помалку негативни последици.

Подолгорочно, ќе бидеме сведоци на голем интерес за инвестиции во енергетскиот сектор на земјава, во добар дел насочен кон обновливи извори и тоа кон сончевата енергија. Голем е бројот на компании што размислуваат и се подготвуваат за вакви инвестиции, бидејќи тие се најисплатливите можни инвестиции во дадениот момент. Реализацијата на вакви инвестиции значително ќе ја намали цената на електричната енергија за производствените процеси на нашите компании и ќе ја подобри нивната конкурентност на подолг рок. 

МАРИЛИ: Комората постојано ги следи реалните проблеми и потреби на приватниот сектор. Каде, според Вас треба да се направат клучните реформи за да се создаде стабилен амбиент за инвестиции, за развој и за отворање нови работни места?

АЗЕСКИ: Многу е важно во континуитет да постојат механизми со кои се поттикнуваат инвестициите на приватниот сектор. Работните места креирани преку нови инвестиции имаат најголеми шанси да опстанат на долг рок. Притоа, важно е државата навреме и во целост да ги реализира плаќањата по овој основ кон приватниот сектор.

Исто така, многу е важно бизнис секторот да има амбиент за работа што е предвидлив. На пример, Стопанската комора иницираше, а Министерството за финансии прифати, иако со одредени модификации, да се воведе нешто што се нарекува даночен календар со кој се утврдуваат роковите во кои може да се воведуваат измени во даночната сфера. Ние бараме било какви измени што значат зголемени давачки за приватниот сектор по основ на даноци или други давачки да се објават во Службен весник најдоцна до 30 јуни во тековната година за да можат да се применат од почетокот на следната календарска година. На тој начин и фирмите ќе можат да ги вградат во своите финансиски планови за наредната година импликациите од предвидените даночни измени. Сето ова очекуваме секогаш да биде испочитувано од страна на Министерството за финансии. Исто така, невидената криза со цените на енергенсите јасно укажува дека сега не е моментот за воведување дополнителен фискален товар за компаниите.

МАРИЛИ: Кои се според Вашите согледувања најзначајните стопански гранки на кои се потпира домашната економија и во кои треба да се инвестира и во иднина?

АЗЕСКИ: Со цел постигнување конвергенција кон стапките на економски раст на земјите членки на Европската Унија, наша определба е поддршка на македонски компании кои создаваат додадена вредност во економијата и овозможуваат раст на извозот. Иднината е во дејностите со напредна техника и технологија, автоматика и роботика, дигитализација, иновации и обновливи извори на енергија. И ова е потребно да се поддржи како стратегија во сите сектори. Во таа смисла, Стопанската комора се реформираше за да биде модерна комора која обезбедува поддршка на своите членки, при што ги организира своите активности преку 4 совети: Совет за напредни технологии, Совет за индустриско производство, Совет за високо образование и стратешки истражувања и Совет за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките. Неодамна во Комората се формира и Националниот совет за извоз.

Стопанската комора активно е вклучена и во имплементација на САП системите кај македонските компании, како и во промоција на проектот Сертификатна марка – посебен идентитет на македонските производи и услуги. Сите овие активности се во насока на поддршка на компании што создаваат поголема додадена вредност во економијата.

Воедно, за да имаат компаниите поволно опкружување и услови за работа, потребно е спроведување на мерките со врвен приоритет што ги има поставено Комората, а тоа се: борба со сивата економија и корупцијата; брза гасификација; модернизација на инфраструктурата, особено на граничните премини, брза изградба на патните и посебно железничките коридори, зголемување на финансиската инвестициска поддршка, како и на финансиската поддршка за извозните компании и за иновациите на компаниите; брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот; регистрација на електронските портали итн.

МАРИЛИ: Кои се предлозите што ги дава СКСМ за образување стручни кадри неопходни за домашната економија со оглед дека се соочуваме со одлив на квалификуван кадар, од една страна, а од друга, образованието не продуцира доволно работна сила каква што му е неопходна на бизнисот. Какво е искуството со дуалното образование?

АЗЕСКИ: Знаете како, да не беше енергетската криза образованието ќе беше приоритет во Комората, зашто бизнисот реално кубури со кадар. Но, сега работиме паралелно на овие предизвици. Проблемот со недостатокот на квалификуван кадар преку системот на дуално образование го третираме веќе подолго време, бидејќи сосотојбите се алармантни. Овој модел на образование не значи само учење стручни вештини што му се потребни на пазарот на труд, туку овозможува компаниите сами да го обликуваат кадарот по своја мерка, што ќе биде обучен и квалификуван веднаш да се вклучи во работниот процесот. Нашите податоци покажуваат дека сме успешни во тоа. Почнавме со 16, а сега имаме речиси 500 компании кои се вклучени во дуалното образование. Обучивме околу 500 ментори од компаниите за реализација на практичната обука, а околу 50 компании се верификувани за практична обука на ученици.

Анализите на Комората покажа дека дури 63% од компаниите бараат работници со стручни вештини што ги нема на пазарот на трудот. Затоа се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот, особено во стручното образование, бидејќи 53% од новите работни места се поврзани со стручното образование, а само 10% се поврзани со високото образование. Како Комора креиравме четири форми за поддршка: Центар за дуално образование, Центар за преквалификација и доквалификација, Берза на труд и Центар за тренинг и обуки. Преку овие центри Советот си постави задача континуирано да ги идентификува и евалуира потребите на компаниите од кадар со специфични квалификации и да понуди на расположивиот кадар на пазарот на трудот адекватни стручни доусовршувања преку обуки кои одговараат на актуелните потреби на компаниите. 

МАРИЛИ: Каков е воопшто односот Комора – држава, успева ли Комората да влијае при носењето одлуки што се однесуваат на стопанството?

АЗЕСКИ: Често знам да ја цитирам изјавата дека Владата подобро да ја има Комората за свој сојузник, отколку противник. Комората активно е вклучена во различни форуми и соработка со преставниците на извршната и законодавната власт, учествува во јавно – приватниот дијалог, активен учесник е во конципирањето на законите и јавните дебати. На тој начин ги застапува интересите на своите членки.

На 14 јули Собранието на Комората ја усвои Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки. Досега Декларацијата ја потпишаа 131 компанија и институциите: МАНУ, Универзитет Американ колеџ Скопје, Организацијата на работодавачи на РМ и Сојузот на стопански комори на Македонија. Притоа, од 131 компанија, 30 се големи, 40 средни и 61 мала компанија. Во следниот период ќе следи процес на потпишување на Декларацијата од страна на универзитетите, институтите, коморите, синдикатите, невладините организации за да добиеме сеопфатна консензуална поддршка од сите сегменти на општеството пред да седнеме да разговараме со чинителите на економските политики во државата кои треба да се однесуваат согласно истата. Сеопфатната поддршка на Декларацијата ќе ја зголеми преговарачката позиција на Комората за да ги смени економските работи во вистински правец.

Со Декларацијата сакаме уште еднаш ја потенцираме нашата интенција да се занимаваме со суштински работи во економијата, односно, на едноставен начин да разбере секој вработен и граѓанин што се очекува од нас на краток и долг рок во економијата.

Стопанската комора очекува Декларацијата да биде подржана и потпишана и од политичките партии. Со ова јасно покажуваме дека не се вмешуваме во политичките борби, туку се залагаме за подобро функционирање на државата од аспект на правна држава, функционирање на пазарната економија, како и сите принципи кои му овозможуваат на бизнисот остварување на неговата функција, а тоа се нови инвестиции и нови работни места, затоа што тоа е опстанок на државата.

МАРИЛИ: По повод големиот јубилеј на Стопанската комора издадовте монографија „100 години искуство“. Што содржи монографијата?

АЗЕСКИ: Монографијата содржи интересни податоци за сите најзначајни активности што го одбележале опстојувањето на Стопанската комора на Македонија низ годините. Посебен фокус е ставен врз личностите значајни за бизнисот во земјава што вградиле дел од својот живот во развојот на македонската економија. Ќе прочитате за Шутурко, Гоце Кам, Самарџија, Драги Милошевски, Петар Спасески, Кутревски Пекабеско, Хари и Бишев, Нанчо, Зарче, Јаким и Најденко, Клубот 100 – Живко Алкалоид, Андреја Макпетрол, Гечев ИГМ, Кочо, Доне, Петер Штефан, Шевки Ренова, Даути, Мизо, Аргир и уште многу други бизнис-лидери. Сите тие оставиле свој силен белег во стопанството и истовремено биле активно вклучени во коморското секојдневие, затоа што биле свесни за улогата на Комората како сплотувач на бизнисите.

Во Монографијата не правиме пресек само на тоа што поминало, туку како што кажува и нашиот слоган „Комора на иднината“ даваме слика и на тоа што ќе следува и кои се клучните приоритети во нашето работење. Тоа е, така да кажам, и еден вид наша програма за работа во следните години. Накусо се конципирани сите заложби кон кои стремиме.

МАРИЛИ: Го спомнавте слоганот „Комора на иднината“. Во јавноста веќе станавте препознатливи по тоа. Но, што всушност, претставува „Комора на иднината?

АЗЕСКИ: Концептот „Комора на иднината“ претставува одговор на потребите на бизнис- заедницата да има силен партнер кој со своето знаење и со експертизата ги рефлектира современите трендови и практики на дејствување во брзо и динамично општество. Како најголема бизнис организација, за многу прашања не можеме повеќе да чекаме на решенијата на владините институции и одлучивме сами да наоѓаме решенија како да му помогнеме на бизнис секторот.

Клучна промена во трасирањето на патот кон Комората на иднината е формирањето на Советите. Фокусот ќе биде кон развој, иновации, знаење. Така што, во следниот период ќе видиме една нова Комора која во својот профил е модерна, напредна и целосно посветена на една цел, а тоа се компаниите.

 


Статијата е прочитана 1013 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско