Седум децении отворен прозорец кон домашната и кон светската култура
Интервју со Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во кое говори за минатата јубилејна година кога беа прославени 70 години постоење на Дирекцијата, 40 години „Скопско лето“ и 20 години „Есенски музички свечености“, за културната разновидност и традицијата на севкупната македонска култура и врвните резултати што на ова поле ги постигнуваат нашите современици, што се заедно претставува главна референција што може да нѐ афирмира и да нѐ легитимира во светот, но и за неопходната поддршка од државните и од локалните институции на власта, а особено од бизнис-секторот.
МАРИЛИ: Господине Глигоров, Вие сте прв човек на една од најстарите институции во нашата држава - Дирекцијата за култура и уметност на Скопје. Кажете ни од кога постои оваа институција и кои се најзначајните културни настани што ги организира?
ГЛИГОРОВ: Дирекцијата за култура и уметност на Скопје е правен и програмски наследник на поранешната Културно-просветна заедница на Скопје, односно на Македонија и формирана е во далечната 1949 година како граѓанска асоцијација. Стратегиска цел и задача на Дирекцијата се стимулирањето, презентацијата, афирмацијата на уметноста и на творештвото. Во изминатите седум децении таа работеше како своевиден координатор на културниот живот на градот и државата воопшто. Беше иницијатор, организатор и реализатор на многубројни културни манифестации и на поединечни проекти. Своевремено беше организатор на смотрите на хоровите, мандолинските оркестри, на смотрите на аматерските театри, фолклорните смотри итн. Исто така, голем е бројот на поединечни проекти во областа на независната театарска продукција, издавањето книги, плочи, аудиокасети, компакт- дискови, голем број ликовни изложби, концерти од сите области на музиката. Во оваа смисла, соработката, пред сѐ, се остварува со врвните домашни културни институции, ансамбли и уметници. Од друга страна, пак, Дирекцијата секогаш се труди да биде отворен прозорец и ширум отворена врата за соработка со уметниците од целиот свет. Меѓу другото, сите овие заложби се остваруваат во рамките на манифестациите „Скопско лето“, „Блуз и соул фестивал“, „Есенски музички свечености“, „Матурска парада“, „Денови на европско Скопје“, а своевремено беше иницијатор и повеќе години реализатор на програмата за пречек на Нова година (од 1990 до 2005 година), на манифестацијата „Тебе граду мој“ посветена на денот на ослободувањето на Скопје, одбележувањето на денот на скопскиот земјотрес - 26 јули и на други пригодни проекти значајни за градот и за државата.
МАРИЛИ: Минатата година прославивте 40 години јубилеј од манифестацијата „Скопско лето“. Како беше одбележан овој настан и што се планира за оваа година?
ГЛИГОРОВ: Пред 40 години група врвни уметници и културни работници од Скопје оценија дека градот и скопската публика заслужуваат да имаат целогодишна културна програма, а не само во текот на редовната сезона, па така беше иницирано „Скопско лето“. Започна со учество на македонските уметници и многу брзо тоа се прошири со учество на уметници и на ансамбли од цела тогашна Југославија, како и со гости од странство. Во оваа пригода би било неблагодарно да се направи каков било обид да се споменуваат конкретни имиња затоа што секој учесник во иницирањето и во реализацијата на манифестацијата има дадено свој придонес во нејзиното градење и за нас сите тие се значајни, па изоставањето макар и на едно име би било неправедно, а навистина има многу имиња. Во оваа пригода и на овој начин упатувам огромна благодарност до сите нив. Од година во година се градеа и се развиваа концепцијата и комуникацијата на Фестивалот, па така од обид за премостување на т.н. „мртва сезона“ во културата тој прерасна во „сезона надвор од сезоната“ со десетици концерти, театарски претстави, изложби, филмска програма, интердисциплинарни проекти.
Покрај промоцијата на уметноста и на творештвото, со својата отвореност „Скопско лето“ анимира повеќе од триесетина, пред сѐ, отворени простори во градот и во околината почнувајќи од Марков манастир и Матка, преку обејектите во Старата скопска чаршија, Градскиот парк, кејот на Вардар, плоштадите во Скопје и, секако, галериите, музејските простори и театарските салони.
Минатогодишниот јубилеј претставуваше своевиден пресек на случувањата во претходните четири децении.Во програмата беа вклучени националните и градските културни институции, домашните уметници што практично беа основа на програмата на Фестивалот во изминатите години и придонесоа за негова афирмација и авторитет и сето тоа збогатено со настапите на гости од 16 странски држави, со повеќе од 500 учесници, а посетеноста се проценува на околу 30.000 посетители.
И покрај општата пандемија во изминатите месеци, ние ја одржуваме комуникацијата со институциите и со поединците што ја имаме започнато уште минатата година и се обидуваме да го прошириме тој список на можни учесници, затоа што наша цел е Фестивалот, сепак, да се одржи, доколку тоа го овозможат општите услови. Поради тоа, конкретните содржини и програми се во фаза на исчекување.
МАРИЛИ: Во овој период одбележувате и други јубилеи. Минатата година „Есенски музички свечености“ прославија 20 години, а годинава „Блуз и соул“ ќе го прослави својот 25-годишен јубилеј. Кога ќе се одржи овој настан и што се подготвува за него?
ГЛИГОРОВ: За нас 2019 година претставуваше година на јубилеи: 70 години постоење на Дирекцијата, 40 години „Скопско лето“ и 20 години „Есенски музички свечености“. На 20. издание на „Есенски музички свечености“, кои се фестивал на музиката и имаат цел месецот ноември, кога се одржуваат, да го претворат во месец на музиката, многубројната публика имаше можност да ужива во настапите на Националната опера и балет, Филхармонијата, Ансамблот „Танец“, на камерните оркестри и состави, во рециталите на домашните уметници, како и во настапите на гостите од Германија, Полска, Бугарија, Казахстан и од Унгарија.
Оваа година, пак, фестивалот „Блуз и соул“одбележува 25 години од неговото постоење. Мора да се каже дека ова е единствен ваков фестивал во нашата земја и еден од најстарите во Југоисточна Европа. Негова цел е овој вид музика да стане колку што е можно подостапна до публиката, а, од друга страна, наша цел е да се стимулира и да се поддржи македонската сцена на блуз и соул.
Во изминатите години Фестивалот понуди концерти на околу 120 групи од повеќе од 20 држави, меѓу кои и македонски групи. Најголем број учесници на „Блуз и соул фестивалот“ се странски групи, а во таа смисла сакам да го истакнам податокот дека од колепката на блуз и соул-музиката, Соединетите Американски Држави, досега настапиле 28 групи. Покрај тоа, се обидуваме пред скопската и македонската публика да претставиме музичари од регионот и пошироко од европските држави. Во таа насока се движат и подготовките и за годинашното издание на Фестивалот што би требало да се одржи на средината на септември.
МАРИЛИ: Многу години Вие сте менаџер во културата. Што значи да се менаџира во оваа област и дали, според Вашето мислење, приватниот бизнис треба да партиципира и повеќе да помага во културата?
ГЛИГОРОВ: Можам да кажам дека речиси целиот работен век го поминав во Дирекцијата за култура и уметност, при што петнаесетина години сум нејзин директор. Раководењето со ваква институција е комплексно заради ширината на активностите, но, од друга страна, мора да кажам дека и не мора да значи дека е тешко, затоа што, пред сѐ, тука е поддршката од колегите што се вработени во Дирекцијата, Извршниот одбор и Собранието во кои членуваат врвни уметници и квалитетни луѓе, а уште поширока е мрежата на соработници што сметаат дека тоа што го работиме ѝ е потребно на културата на градот и на државата воопшто. Со оглед на тоа што најголем дел од активностите на Дирекцијата се некомерцијални и, пред сѐ, имаат цел да ги промовираат културата и уметноста и да ги приближат до најшироката публика, од најмладите до повозрасните, од оние што повеќе се насочени кон забавните содржини, до оние што имаат изградено повисоки естетски критериуми, се согласувам со Вас дека покрај поддршката од Градот Скопје и од Министерството за култура, секогаш е потребна и добредојдена поддршката и од бизнис-секторот. На тој начин компаниите ќе ја потврдат својата општествена одговорност.
МАРИЛИ: Дали сметате дека културата сѐ уште е најголемиот македонски бренд по кој сме препознатливи во светот и што треба да направиме за да се кренат на уште повисоко ниво културата и културните манифестации?
ГЛИГОРОВ: Имајќи предвид дека нашата држава не е економска велесила, со што би можела пошироко да се афирмира, секако дека главната референција што може да нѐ афирмира и да нѐ легитимира во светот е културата. Притоа, треба да се има предвид културната разновидност и традицијата на севкупната македонска култура, како и врвните резултати што на ова поле ги постигнуваат нашите современици, автори, творци, репродуктивни уметници. Поради тоа, заради малиот „културен пазар“ внатре во државата, сметам дека е многу значајна поддршката од државните и од локалните институции на власта, особено за организациите како што е нашата и на фестивалите и манифестациите што со децении опстануваат промовирајќи ги вистинските вредности. Тука уште еднаш ќе нагласам дека во оваа смисла е потребна и поддршката од бизнис-секторот што би требало да биде поодговорен пред граѓаните, а не само да се гледа на маркетиншките интереси.
Статијата е прочитана 1180 пати.