Гордост и одговорност е да се биде дел од Венециското биенале

Интервју со Роберт Јанкулоски, професор на „Еуропа Прима“ и претставник на Македонија на 59. Венециско биенале на уметноста каде заедно со сопругата Моника Мотеска и во соработка со Националната галерија на Македонија се претставија со проектот „Пејзажно искуство“. Во интервјуто тој зборува за впечатоците и доживувањата од учеството на најголемиот и најстар настан од областа на визуелните уметности, за својата професорка дејност, како и за плановите за во иднина

 

МАРИЛИ: Неодамна заврши 59. Венециско биенале на уметноста на кое Вие учествувате заедно со Вашата сопруга Моника Мотеска и со Националната галерија на Македонија со проектот „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience). Какви се Вашите севкупни впечатоци? 

ЈАНКУЛОСКИ: Деновиве се вративме од Венеција, пристигнаа и делата. Имавме одлично претставување што се гледа преку реакциите во медиумите и на социјалните мрежи. Исто така, нашиот павилјон секојдневно беше посетуван од неколку стотици посетители. Пред се, задоволни сме од тоа што успеавме да го реализираме проектот без да правиме компромис во изведбата на поставката.

 

МАРИЛИ: Што претставува „Пејзажно искуство“, за какво дело поточно станува збор, од што се состои и како дојде до соработката со Националната галерија?

ЈАНКУЛОСКИ: Проектот „Landscape Experience“ може да се подели на три концептуални целини. Едната ја сочинуваат фотографии на „токсични пејзажи“, втората е видео инсталација што се состои од видео дело и подна инсталација од 220 воени шлемови обложени со човечка коса и третата е независно видео дело. Со Националната галерија (НГМ) имавме одлична соработка и голема поддршка како од директорката Дита Старова Ќерими, така и од сите вработени во галеријата. Претходниве години и јас и Моника имавме самостојни изложби во НГМ и во соработка со кураторката Ана Франговска понудивме проект за Биеналето што беше прифатен од страна на Управниот одбор и предложен до Министерството за култура.