Претставувањето на сопствената држава и успесите се најголема сатисфакција за секој спортист

Интервју со Евгениј Поп Ацев, македонски репрезентативец во маратонско пливање, во кое говори за љубовта кон пливањето на долги патеки, за победата на Охридскиот маратон во 2015, за иднината на пливањето во Македонија, но и за идните планови насочени, пред се, кон остварување на својата најголема желба – да ја промовира сопствената држава на Олимписките игри. Поп Ацев деновиве се закити со уште еден трофеј – победи на трката на Македонскиот пливачки куп во Охрид.

МАРИЛИ: Вие сте еден од нашите најдобри спортисти во пливачкиот спорт, особено во маратонот. Ако животот е „маратонска дисциплина“, што за животот значат вакви кризи, како што е пандемијата со Ковид-19? Како се справувате со овој кризен период, дали и каде тренирате?
ПОП АЦЕВ:
Оваа криза, покрај големиот ефект врз здравјето, начинот на живеење и врз низа други сфери, има големо влијание и врз спортот и спортистите. Велика Британија е една од земјите што се најпогодени од Ковид-19, па така овде, во Велс, сѐ уште има многу рестрикции, меѓу кои и забраната за работа на базените и на вежбалниците. Тоа е многу тешко за мене бидејќи имам изгубено повеќе од 100 дена работа што е тешко да се надоместат, а, исто така, изгубени се и придобивките од сработеното. Но, така е како што е, не можам да ја сменам ситуацијата, па мора да се навикнам и да се потрудам да го ублажам ефектот од оваа голема пауза, па дури можеби и да ја искористам за некои други придобивки. И, секако, ова е време за фамилијата дома, што е бесценето за мене, особено во овој период од животот. Сега за мене е најважно здравјето на моите најблиски и моето и затоа не се оптоварувам многу со пропуштените тренинзи и натпревари и најважно ми е да го пребродиме овој период. Се трудам да останам во колку што е можно подобра физичка форма за да може побрзо да се вратам на нормалното тренирање и на старата форма кога ќе ги отворат базените. Секој ден трчам, возам велосипед и правам вежби специфични за пливањето. Од 15 јуни почнав и да пливам во океанот тука во Свонзи, што донекаде е враќање на пливањето, но условите и водата не се идеални, па сѐ уште не сум во можност да пливам регуларно, но среќен сум што повторно сум во вода.

МАРИЛИ: Во 2015 година станавте прв Македонец победник на Охридскиот маратон? Што значеше за Вас оваа победа, каде сте настапувале досега и какви резултати бележите?
ПОП АЦЕВ:
Тоа е еден од моите соништа откако се занимавам со пливање. Уште пред да пливам им се восхитував на Охридскиот маратон и на маратонците, така што Охридскиот маратон има многу големо значење за мене, а победата ми е нешто бесценето. Сум настапувал на многу натпревари на сите континенти, освен во Австралија. Од Јужна Кореја и Кина до Канада и Аргентина. Трикратен севкупен победник во Гран при серија, три пати севкупно шести во Светски куп. Имам победено на маратонот Капри-Наполи, бев трет во Аргентина, па Канада, дванаесетти на Светско првенство, осмо место на Универзијада, повеќекратен државен првак на Македонија, прогласен за Спортист на Македонија, Спортист на Скопје и др.

МАРИЛИ: Колку Охридскиот маратон е високо на листата на маратонски трки, дали тој сѐ уште е еден голем промотор на Охрид, покрај сите негови убавини како град заштитен од УНЕСКО?
ПОП АЦЕВ:
Охридскиот маратон котира многу високо, не само по високото ниво на натпреварувачи и како дел од најелитната серија во светот - ФИНА, туку и поради долгата традиција. Во светот има само три-четири маратони со долга традиција и престиж како Охридскиот маратон. Според моето мислење, за многумина пливачи од други држави Охридскиот е најубав маратон во светот. Покрај тоа што ги промовира Охрид и Охридското Езеро како идеално место за туризам, оваа дестинација се претставува и како место за врвен спорт, каде што доаѓаат и се натпреваруваат најдобрите светски спортисти од еден базичен спорт.

МАРИЛИ: По професија сте доктор по стоматологија, но по сѐ изгледа пливањето е Ваша најголема љубов. Дали фактот дека Вашите родители биле спортисти (мајка гимнастичарка, татко пливач) беше пресуден да се насочите кон спортот и како дојде до тоа да се определите за пливање и тоа на долги патеки?
ПОП АЦЕВ:
Па, да, засега сум фокусиран на пливањето, всушност, сѐ додека сум во можност да тренирам и да постигнувам добри резултати. Прво почнав со гимнастика, по мајка ми, па потоа се префрлив на пливање, по татко ми, така што ги пробав стапките и на двајцата родители, но останав на пливањето. На почетокот почнав со сите дисциплини, но некако најмногу ми лежеа долгите патеки, а имав и голема љубов кон маратонското пливање, така што беше природно да се определам за маратони.

МАРИЛИ: Секој спорт бара да му се посвети максимално време. Но покрај огромните придобивки што ги носи, веројатно маратонското пливање значи и самооткажување од многу други работи, особено кога се гради професионална пливачка кариера и се поставуваат сѐ повисоки цели. Од што бевте принуден да се откажете за да бидете ова што сте денес?
ПОП АЦЕВ:
Секако, секој успех има своја цена, особено во спортот каде што се почнува од млади години, од основно училиште, па до денес, на 32 години. Секој период во мојот живот во изминатите 23 години, колку што се занимавам со пливање, имал влијание од овој спорт. Најмногу бев принуден да се откажам од слободното време што секое дете, ученик, студент или татко и сопруг би го поминал за да ги прави работите што го релаксираат и му причинуваат задоволство. Морав да го редуцирам социјалниот живот, времето поминато со најблиските, некои хобија, одмори, викенди и друго. Можеби повеќе од 15 години не сум бил на одмор за време на летната сезона поради натпреварите и тренинзите. Исто така, тренирам шест дена неделно, па така не сум во можност целосно да ги искористам викендите во текот на цела година, освен за некои поголеми празници. Иако, да бидам искрен, за време на образованието пливањето не ми беше некоја преголема пречка и успеав да го завршам во редовен рок, сепак, откако го завршив факултетот, како професија стоматологијата морав да ја жртвувам на одреден период. Но и покрај сѐ и сите откажувања не жалам бидејќи придобивките се големи и тоа што го правам ме исполнува и мене, но, исто така, и моите блиски. Тоа ми е многу важно зашто покрај мене и моите најблиски мораа да се откажат од некои работи, па нивната поддршка многу ми значи.

МАРИЛИ: Дали се исплатеа сите Ваши „жртви“, имајќи ја предвид состојбата во македонското пливање? Според Вашето мислење, каква е иднината на пливањето во нашата земја, дали младите таленти имаат реални шанси да напредуваат и да станат значајни имиња во македонскиот пливачки спорт? Што би им порачале на идните пливачи?
ПОП АЦЕВ:
Секако дека се исплатат, претставувањето на својата држава и успесите се најголема сатисфакција за секој спортист. Точно е дека состојбата во пливањето не е најсјајна, но секогаш има светли точки и позитивни работи. Затоа мора да се трудиме убавите работи да ги воздигнеме и лошите да ги потиснеме. Има многу млади таленти и пливачи што сакаат да работат, исто така, има и посветени и стручни тренери, што веќе почнува да дава солидни резултати во македонското пливање. Во изминативе години беа срушени многу рекорди во помладите категории и тоа ни дава надеж дека со добра и правилна работа овие млади пливачи ќе прераснат во врвни пливачи. Јас искрено се надевам и верувам дека ќе станат значајни имиња не само во македонскиот туку и во меѓународниот пливачки спорт. 

Поради тоа, на младите пливачи би им порачал напорно да работат, да бидат посветени и да веруваат во себе и во своите можности затоа што само така ќе го достигнат врвот, ќе бидат успешни и ќе ги остварат своите соништа. Резултатите не доаѓаат преку ноќ, туку со многу дисциплина, труд, трпение и самооткажување.

МАРИЛИ: Професионалниот спортист има кариера со релативно ограничена должина, но Вие сѐ уште не сте го испливале својот „последен маратон“. Какви се Вашите планови за во иднина, дали е остварлива целта да се промовира сопствената држава на Олимписките игри?
ПОП АЦЕВ:
Да, за жал, спортистите имаат пократок рок на траење и не можат да се натпреваруваат до бескрај. Но спортистите на подолги патеки и маратони се во можност да се натпреваруваат на свое највисоко ниво малку подолго од другите. Така што, иако сум веќе во триесеттите години, сѐ уште не сум ја достигнал таа старост и физичка состојба за да се влошуваат моите перформанси. Напротив, за маратонското пливање се вели дека средните триесетти години се оптимални за маратонски трки и врвен перформанс, но, искрено, чувствувам дека сега мора да го адаптирам тренингот повеќе отколку во минатото.
Ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 ги смени плановите за оваа сезона, но за следната година, ако сѐ биде в ред, остануваат исти. Повеќето големи натпреварувања, меѓу кои и Олимписките игри, се поместени за 2021 година, така што се надевам дека неостварените планови за оваа година ќе ги реализирам во следната. Главен фокус и цел за во иднина ми се Олимписките игри. Се надевам дека тоа е остварливо и дека ќе успеам да се квалификувам и ќе ја имам честа да ја промовирам мојата држава на најголемиот спортски настан на светот. Како и на секој спортист, тоа е и моја најголема желба и ќе дадам сѐ од себе и во следниот период ќе работам напорно за да ми се исполни.


 


Статијата е прочитана 1152 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско