„Апаве СЕЕ“ нуди специјализирани услуги и експертиза за управување со ризик

Интервју со Марина Данева, финансов менаџер на „Апаве СЕЕ Скопје во кое зборува за меѓународната компанија која е специјализирана за управување со ризици, анализа на ризик и обуки и е овластено инспекциско тело за садови под притисок, електрична опрема и инсталации, а врши и сертификација на садови под притисок, но говори и за тоа што е се потребно за да напредува жената во кариерата, како и за сопствениот стремеж кон среќа и издржливост, што несомнено води кон личен успех на сите полиња

 

 

МАРИЛИ: Меѓународната групација „Апаве“ постои на македонскиот пазар веќе 14 години. Кажете ни која е основната дејност на компанијата и колку вработени има во Македонија? 

ДАНЕВА: „Апаве“ е меѓународна компанија специјализирана за управување со ризици, анализа на ризик и нуди обуки. Компанијата е со повеќе од: 150 години искуство, 12.650 вработени ширум светот, нуди услуги и експертиза во пет главни области: инспекција, обука, тестирање-мерење, сертификација и етикетирање, консалтинг и техничка поддршка. Има 130 претставништва што работат ширум светот и им обезбедува услуги на 200.000 клиенти, има 300.000 обучени луѓе, повеќе од 8.000 курсеви (видови обуки: Tехнички, ISO, HR...) што се достапни на француски и на  англиски јазик, повеќе од 170 центри за обука и 18 центри за тестирање во светот. Распространета е во повеќе од 50 земји.

Групацијата Апаве обезбедува низа услуги во сите индустриски сектори, вклучително енергија, транспорт, градежништво, тешка индустрија итн.

Нашата компанија е акредитирана според ISO 9001, ISO 45001, OHSAS 18001, ISO EN17024 и ISO EN17020.

Техничкиот персонал во „Апаве СЕЕ“ е висококвалификуван за конвенционалните и за напредните методи NDT (испитување без разорување) според европските и американските стандарди. Обуката ја спроведуваат нашите домашни професионалци што работат и управуваат со барањата на нашите клиенти.  

„Апаве СЕЕ“ е овластено инспекциско тело за садови под притисок, електрична опрема и инсталации и врши инспекција и сертификација на садови под притисок и инспекциски услуги во областа на инсталации за производство на електрична енергија и електрична опрема. 

МАРИЛИ: Што опфаќа Вашата позиција финансов менаџер во рамките на „АПАВЕ Интернационал“ во Скопје? 

 

ДАНЕВА: Мојата позиција подразбира управување со финансискиот оддел, планирање, организирање и спроведување финансиско-сметководствени работи, спроведување внатрешна финансиска контрола, подготовка и доставување решенија за организација на сметководствено-финансиски сектор, предлагање сметководствено-финансиска политика, подготвување и предлагање деловни решенија што обезбедуваат моментална економска одржливост на претпријатието, минимизирање на ризиците; процена на потенцијалот на компанијата во состав со ефикасно користење на ресурсите и планирање на тимовите. Во доменот на моето работење е и формирањето на буџетите на движењето на средствата, редовно следење на реализираните трошоци и на проектните буџети, планирање и контрола на трошоците; обезбедување солвентност и ликвидност на компанијата; оптимизација на готовинскиот тек, застапување и давање мислења и предлози на барање на менаџментот; и др.

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики или умешноста да се усвојуваат современи вештини за личен развој, можеби поддршката од семејството, поддршката и мотивацијата од работниот тим...? 

ДАНЕВА: Сѐ што е набројано во прашањето. Образованието како основа за натамошна надградба, но кое се надградува постојано, личните карактеристики како, на пример,  интегритет, способност за делегирање, комуникација, самосвест, благодарност, агилност за учење, влијание, емпатија. Развивањето на овие вештини вклучува процес на самоподобрување што се фокусира на зајакнување на сопственото знаење, способности и самосвест за да се достигнат личните цели. 

 

МАРИЛИ: Вие имате исклучително одговорна функција што Ви одзема многу време и енергија. Како ја дополнувате енергијата и со што го исполнувате слободното време?

ДАНЕВА: Има една изрека: „Среќата води до успех, а не обратно.“ Значи, ако сакаме да бидеме успешни, треба да се стремиме кон среќа и издржливост. Она што ме исполнува во слободното време е физичката активност, некогаш и само половина час по работа или во викендите ми го освежува духот, читање нови книги, проширување на кругот на социјални контакти, поминување време со семејството и пријателите, следење обуки за професионална надградба...


Статијата е прочитана 1692 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско