Гевгелиски „Еуроинг“ е дел од проектот за изградба на Ветерен парк во Богданци

Интервју со Даниела Ташевска Малева, генерален менаџер на „Еуроинг“ – Гевгелија во кое зборува за тридецениското постоење на компанијата чија основна дејност е градежништво и е дел од проектот за изградба на Ветерен парк составен од пет ветерници, како и за тоа што е пресудно за да напредува жената во кариерата,
МАРИЛИ: Од кога постои „Еуроинг“, која е основната дејност, колку вработени има и според што се разликува од другите градежни компании?
ТАСЕВСКА МАЛЕВА: „Еуроинг“ е основана во 1991 година, пред точно 31 година во октомври, со основна дејност градежништво - изведување градежни работи, независно дали се од нискоградба, високоградба или хидроградба. Значи, сите градежни работи ги изведуваме низ цела држава, па и надвор од државата. „Еуроинг“ не се занимава со проектирање ниту, пак, со надзорски услуги, барем не засега, како ќе минуваат годините, како ќе се менува пазарот на побарувачката, така ќе одлучуваме дали и кога ќе ја пренасочиме или прошириме нашата дејност во други области. Денес „Еуроинг“ има 80 редовно вработени плус сезонски по потреба. Низ годините „Еуроинг“ растеше, се развиваше, се надградуваше, се докажуваше со својата изведба и несебично ја докажа својата цел, со што мислам дека од тие причини и се разликуваме од другите градежни фирми. „Еуроинг“ е една од ретките фирми што секоја работа ја завршува во предвидениот рок, ако не и пред рокот, а истовремено го остварува договорениот квалитет.
МАРИЛИ: И покрај 30-годишно постоење „Еуроинг“ е компанија што е во постојан раст и развој, за што потврда се и настапите на меѓународни тендери. Кои се основните цели на компанијата и кое е мотото по кое се водите во работата?
ТАСЕВСКА МАЛЕВА: Уште од самиот почеток на фирмата главно мото е постигнувањето врвен квалитет на изведбата, рок на испорака, техничка опременост и посветен персонал. Сѐ додека се фокусираме на овие елементи, може да има раст и развој на фирмата. Крајна и главна цел е постигнувањето задоволство кај инвеститорите за искажаната доверба и продолжување на идната соработка. За да се изгради еден проект, прво мора да има поставена техничка организираност предводена од стручен тим. Тоа значи дека треба многу добро да се организира градилиштето за цело времетраење на градбата, со цел да ги има сите ресурси што се потребни за конкретниот објект за да нема доцнење во изведбата, да се воспостават ред и дисциплина. Сите овие работи ја прават главната и крајната цел, а тоа е постигнување врвно задоволство кај нашите инвеститори и продолжување на нашата идна соработка.