Годинава „Леорон“ ќе ја зајакнува позицијата на лидер на пазарот во ОАЕ

Интервју со Татјана Коловчевска, управен директор на „Леорон“ – Дубаи во кое зборува за стратегиските цели на компанијата за освојување нови пазари и проширување на операциите во другите земји од Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), како Катар, Бахреин и Кувајт, но и на подалечни дестинации, како Индија, САД и Русија, но и за тоа што, според неа е важно за жената да напредува во кариерата, каде, меѓу другото голема улога има и поддршката и мотивацијата од работниот тим. Коловчевска беше една од најуспешните жени менаџери што агенција „Марили“ ги прогласи за 2022 година

 

МАРИЛИ: Од кога работите во интернационалната компанија „Леорон“, која е Вашата сегашна позиција и кои беа Вашите приоритетни задачи во менаџирањето во изминатиот период? 

КОЛОВЧЕВСКА: Во „Леорон“ сум околу 11 години, а повеќе од шест се наоѓам во Дубаи, ОАЕ. Мојата сегашна позиција е управен директор во седиштето на компанијата во Дубаи.

Што се однесува до спецификата на мојата работа, јас сум одговорна за надгледување на сите услуги што ги нудиме во регионот за земјите од Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ). Ова вклучува надгледување на продажбата, менаџирање на клиентите, како и координација на сите функции и процеси интерно во компанијата. Можеби најзначајна улога имам околу главната стратегиска цел на „Леорон“ за 2022 година, а тоа е зајакнување на нашата позиција како лидери на пазарот во ОАЕ. Во текот на изминатите две години, исто така, бев одговорна и за лансирање на ЛЕОРОН Франшиза што сега успешно работи во Обединето Кралство, Египет и во Кенија. 

 

МАРИЛИ: „Леорон“ е на водечка позиција на пазарите во Саудиска Арабија и ОАЕ. Што значи да се биде лидер на еден светски пазар како што е арапскиот и која е Вашата улога како менаџер за да се задржи тоа ниво?

КОЛОВЧЕВСКА: Да, токму така, „Леорон“ е препознатлив бренд во земјите во регионот, а особено во Саудиска Арабија и во ОАЕ. Нашите најголеми операции се реализираат во Саудиска Арабија и таму сме присутни на пазарот, а често ги посетувам и нашите канцеларии во Ријад и дополнително минувам многу време и во нашата канцеларија во соседниот емират, Абу Даби.

Како што веќе споменав, мојата најзначајна улога е околу продажбата на услуги во регионот, особено во ОАЕ. Дополнително, координација на сите внатрешни тимови и процеси, со цел да обезбедиме најквалитетна услуга за нашите клиенти. Понатаму, евалуација на квалитетот на нашите услуги и нивен континуиран развој во согласност со водечките трендови и потреби на пазарот. 

Мојата работа вклучува секојдневно среќавање со клиенти, многу презентации и креирање уникатни тренинг солуции за нашите партнери. „Леорон“ е познат по тоа што нуди „уникатни“ решенија за тренинг и развој и нашите клиенти се водечки компании од сите индустрии, како и министерства и други владини институции. Навистина е задоволство и многу голем предизвик да се работи со професионалци на највисоки фунцкии. 

 

МАРИЛИ: Кои се стратегиските цели на компанијата за 2022 година и дали се планира освојување нови пазари? 

КОЛОВЧЕВСКА: Нашите планови се секогаш амбициозни, но и добро обмислени. Во текот на минатата година постигнавме одлични резултати благодарејќи на нашите врвни тимови на професионалци.

Стратегиските планови за оваа година, секако, се одржување и зголемување на нашето присуство на пазарите, склучување партнерства со повеќе владини институции во ОАЕ, како и со светски лидери од областа на професионалната едукација.

Како водечка ЕдТеч компанија секако ќе се фокусираме и на натамошното усовршување на дигитализацијата на нашите процеси и воведување нови иновативни техники за тренинг и хибриден пристап кон него. Понатаму, „Леорон“ е тим од проактивни професионалци и лидери и во таа смисла идентификувањето и освојувањето нови пазари е секогаш на нашата агенда. Меѓутоа, мора да напоменам дека од есенцијално значење е тоа да се направи во вистинско време и на правилен начин. Нашата вообичаена процедура е темелна студија на потенцијалните нови пазари при процесот на донесување такви одлуки. Во моментов сѐ уште работиме на конкретниот план и на временскиот распоред, меѓутоа, на долг рок планираме проширување на нашите операции во другите земји од ГЦЦ, како Катар, Бахреин и Кувајт, но и на подалечни дестинации, како Индија, САД и Русија.

 

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?

КОЛОВЧЕВСКА: Навистина тоа е комбинација од сите гореспоменати. Образованието е многу важно и ја обезбедува потребната основа, но не би рекла дека е пресудно. Токму тоа е мисијата на „Леорон“, професионален развој што значи апликативен и практичен тренинг за потребите на различните функции на нашите клиенти, без оглед на претходното образование што го имаат професионалците. Ова значи дека покрај одличното образование, секогаш ни е потребен и континуиран тренинг за развој и професионално доусовршување. За разлика од високото образование, на пример, професионалниот тренинг е попрактичен и апликативен, повеќе фокусиран на конкретни бизнис-студии и сценарија и најчесто поинтензивен и пократок.

Интерперсоналните вештини и компетенции, како одлични комуникациски способности, способности за преговарање и решавање проблеми итн. се особено важни. Сите се исклучително важни при процесот на вработување во „Леорон“ и понатаму влијаат врз нашите одлуки за унапредување.

Меѓутоа, она што е најважно е правилната алокација на тимовите врз основа на нивните најсилни карактеристики и обезбедување можности за развој. Во „Леорон“ користиме голем број техники за да ги запознаеме подобро нашите тимови и нивните вештини најдобро да ги ставиме во практика. 

За крај, поддршката и мотивацијата од работниот тим се повеќе од важни. Јас имав среќа од самиот почеток да работам со прекрасен тим и навистина сум благодарна за сите можности за напредок и за развој што ги имам во текот на годините.

 

МАРИЛИ: Колку работата Ви остава време за приватен живот: Како го исполнувате и какви можности нуди Дубаи за одмор и рекреација?

КОЛОВЧЕВСКА: Мора да признаам дека знам да работам многу часови во текот на денот, но поради тоа што навистина уживам во она што го правам. За слободното време Дубаи нуди многу можности за рекреација, културни настани, како и бизнис- активности. Во изминатиов период многу време минувам во бизнис-клубот во кој сум член, присуствувам на различни бизнис и социјални настани. Околината е многу динамична и секогаш има некакво случување од областа на уметноста, операта и слично, во што уживам, а во последниов период сум и редовен посетител на светскиот саем што се случува токму тука, во Дубаи.

 

 

 

 

 

 

 


Статијата е прочитана 2710 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско