Древното Овче Поле во новото време

Интервју со Никола Ристевски, истражувач и магистар за управување и маркетинг на туристички потенцијали во кое говори за тоа што го инспирирало да се посвети на проучување на природните ресурси, културното наследство и на економскиот потенцијал на Овчеполската котлина, за своите досега објавени авторски текстови, 10 книги, но и за тоа што недостасува за зачувување, промоција и ставање во употреба на овие неограничени потенцијали.

МАРИЛИ: Агенција „Марили“ досега неколку пати имаше објави за убавините на Овче Поле во своите Бизнис каталози, но овој пат би сакале да ги запознаеме нашите читатели со твојата работа. Јавноста те знае како Никола од Свети Николе, човекот кој успеа да го промовира Овчеполието како никој друг до сега. Како започна со работата и што те инспирираше?
РИСТЕВСКИ:
Благодарам за интересот за интервју. Образованието и работата во други земји ми предизвика зголемен интерес и носталгија по родниот крај. Соочен со фактите кои покажуваа дека за Свети Николе и Овче Поле не само што немаше соодветна промоција, туку најчесто мојот роден крај беше споменуван во негативен контекст, уште пред една деценија решив да се посветам на проучување на природните ресурси, културното наследство и на економскиот потенцијал на Овчеполската котлина. Стекнатото знаење на „Икономически Университет – Варна“ заедно со меѓународната работа ми помогнаа при организирањето на овој огромен проект кој веќе си го доби името „За Овчеполските работи“. По 10 годишна работа, многу читање и проучување, разговори со мештаните, посета на многу библиотеки и музеи, резултатите веќе се видливи и за пошироката јавност.

МАРИЛИ: Што имаш направено до сега за Овче Поле и Свети Николе?
РИСТЕВСКИ:
Во 2010 година започнав со објавување на мои авторски текстови и извадоци од стари книги преполни со информации за Овче Поле. Бев првиот кој напиша текстови за геоглифот и кој го потенцираше значењето на старото име на градот – Свети Никола.
Во 2014 година станав редовен член на Меѓународната научна организација SBRG (Super Brain Research Group) која преку архео-акустика ги истражува светите места и нивното влијание врз човечкиот мозок. Откако во два наврати ги извршивме првите неинвазивни архео-акустични истражувања во Македонија на големиот геоглиф во Овче Поле, за истите објавивме три научни трудови на различни интернационални научни конференции. Информацијата за геоглифот се рашири во научните кругови, мојот труд беше претставен и во емисијата „Na Rubu Znanosti“, во „Ancient Aliens“ нa History Channel, а истражувањата беа споменати дури и во изданието „Magicians of the Gods“ на Graham Hancock.
Во 2016 година преку издавачката куќа „Меѓународен центар за Славјанска просвета“ ја објавив првата книга во печатена форма, насловена како „Имагинариум“, која беше рецензирана од Александар Станковски, Домагој Николиќ, Велимир Абрамовиќ и Стојчо Керев. Во оваа книга за прв пат во 21 век беа објавени значајни текстови за Свети Николе и Овче Поле.
По добиената стипендија од д-р Јордан Ѓорчев од Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р. Державин“ во Свети Николе, во 2017 година успеав успешно да ја одбранам својата магистерска теза, насловена како „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“. Со овој труд за прв пат во историјата на човештвото беа претставени и прикажани не само туристичките потенцијали на мојот роден крај, туку и начините за управување, односно менаџмент со ресурсите со кои располагаме.
На крајот од 2017 година ги објавив првите два зборници за Овче Поле, „Зборник за Овче Поле – книга прва“ и „Зборник за Овче Поле – книга втора“. Во 2018 година ги објавив книгите „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ и „За Овчеполските работи“. Во 2019 година ги поставив основите на видео продукцијата „Аристон“ и почнавме да го снимаме Овче Поле од небо и земја.
Во текот на оваа 2020 година ги објавив следните изданија: „Зборник за Овче Поле – книга трета“, „Зборник за Овче Поле – книга четврта“, „Зборник за Овче Поле – книга петта“, „Овчеполски приказни“ и првиот „Зборник за Свети Николе“.
Низ годините, успеав да го прикажам и претставам големото и плодородно Овчеполие и централната населба – единствениот град со име на светец Свети Николе, кој до 1945 бил Свети Никола, на десетици гостувања на националните телевизии. На брановите на Радио Свети Николе во 2017 се емитуваа околу 50 епизоди од три различни емисии преку кои ги претставив природните ресурси и културното наследство. За мојата работа пишувале и повеќе дневни весници и интернет страници од странство. Во текот на годините, релативно неорганизирано и спонтано успеав да привлечам илјадници луѓе не само од тука, туку буквално од цел свет, кои ги посетија мистичните локации во Овчеполието.

МАРИЛИ: Освен Овче Поле, те интересираат и други региони од Македонија, кажи ни нешто повеќе за тоа?
РИСТЕВСКИ:
Во 2018 година ја објавив книгата „Зборник за Кратово“, која наскоро ќе добие и втор дел, а годинава ќе биде објавена и книгата „Македонски приказни“. Подготвувам зборници и за неколку други градови во Републиката, заедно со кратки филмови и промотивни видеа за тамошниот туристички потенцијал.

МАРИЛИ: Како успеа да објавиш над 10 книги за четири години?
РИСТЕВСКИ:
Ништо од ова немаше да се случи без поддршката од семејството, без куражот од малиот круг верни другари, без огромната поддршка од наши луѓе кои живеат овде или се иселени и без основите кои ми беа дадени од моите покојни дедовци и мојот покоен татко. По објавувањето на првата книга преку издавачка куќа, следните изданија ги објавив како самостоен издавач, уредник и автор. Голем дел од средствата за печатење и објавување ги покривав сам и речиси сè што успевав да заработам низ годините го вложував во оваа работа. Поради обемноста на материјалите ми беше потребна финансиска помош за објавување и печатење и сум многу благодарен на сите кои ми излегоа во пресрет низ годините и го поддржаа овој огромен проект. За книгата „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ ми помогна Ристе Ристевски од големата фабрика за чоколадо „Лион“ во Свети Николе, а за изданието „За Овчеполските работи“ ми помогна Горан Миланов од печатницата „Бубамара хит“, каде што се печатат моите изданија. Интересот на читателите овозможи одржливост на проектот, за „Зборник за Овче Поле – книга трета“ и „Зборник за Свети Николе“ ми помогнаа повеќе луѓе од Свети Николе и дијаспората, печатењето на изданието „Овчеполски приказни“ е овозможено од Александра Ристевска од „Аканда“, а за „Зборник за Овче Поле – книга четврта“, „Зборник за Овче Поле – книга петта“ и „Македонски приказни“ добив спонзорство од една дама која живее и работи во Швајцарија, Виолета Зафировска од „Leona Air“. Освен печатените книги, имам и неколку дигитални изданија кои можат да се превземат за бесплатно читање и споделување.

МАРИЛИ: Свети Николе денес е поврзано со Скопје по автопат преку кој се стигнува за помалку од половина час. Имате многу сонце, ветер и вода, но и специфични флора и фауна и големо културно наследство. Што недостасува за зачувување, промоција и ставање во употреба на овие неограничени потенцијали со кои што располага Овчеполието?
РИСТЕВСКИ:
Најпрвин треба да се подобри комуникацијата, односно да се започне комуникација помеѓу жителите, приватниот сектор и државните институции. Низ годините сведочам за недостиг на комуникација и слободно можам да кажам дека додека 10 години работам на проучување, претставување и прикажување на родниот крај, во општинската зграда се сменија повеќе ешалони во три мандати и односот на сите кон мојата работа е сличен, ако не и ист. Истото важи и за односот на Управата за заштита на културното наследство, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и надлежните министерства. Локалната самоуправа под итно треба да ангажира стручни лица од различни области кои го познаваат Овче Поле. Надминувањето на недостигот на сместувачки капацитети може и треба да се поттикне преку локална канцеларија за управување со туризмот, а на Свети Николе му е неопходна и градска архива. Подготвен сум да донирам илјадници страници од стари книги, списанија, весници, но и фотографии и документи од Овче Поле и Свети Николе и безрезервно да му помогнам на мојот народ за да си ја стабилизираме сегашноста и да си ја олеснеме иднината. За подигање на свеста за оваа работа, под итно треба да се започне и со подобрување на условите на живот на народот кој живее овде, затоа што тие се далеку од основните човечки права и услови за живот кои се потребни во 21 век. Привлекувањето странски инвестиции се покажа како неуспешно за подобрување на домашниот стандард, а иднината ни налага да се стремиме кон целосна економска самоодржливост, за која што имаме неограничен потенцијал и огромен капацитет.

МАРИЛИ: За кои локации има најголем интерес од посетителите и туристите?
РИСТЕВСКИ:
Скоро сите сакаат да влезат во градската црква посветена на чудотворецот Свети Николај. Познато е дека овде имаме многу стари цркви, па посетителите се интересираат и за „белата црква“, „најстарата црква посветена на Свети Никола“ и големиот манастир во старата дабова шума во Ѓуриште. Локалитетот Градиште кај селото Кнежје е локација за која археолозите претпоставуваат дека ја крие древната престолнина Бела Зора. Таму туристите доаѓаат и покрај видливата негрижа за локалитетот од страна на официјалните институции, недостигот на конзервација и отсуството на реставрација. Геоглифот во Канда е посетен од сите заинтересирани за мистичноста на големата тумба, а интерес има и за „чудните“ Овчеполски камења – говедар камен, дигнат камен, црн камен и побиените камења. Ридот Богословец со црквата посветена на Свети Јован Богослов како и истоимениот врв, заедно со остатоците од стариот рудник, лековитата „кисела вода“ и големата градба со народно име „Редени камења“, позната и како „Ѓаволски ѕид“. Повеќе информации ќе бидат достапни во изданието „Прирачник за (аван)туристи кои сакаат да го посетат Овче Поле“ и на интернет страницата www.ovcepole.mk.

МАРИЛИ: Неодамна во едно телевизиско интервју спомена дека го продолжуваш своето образование. Од каде ја црпиш енергијата за непрекинатата научна работа?
РИСТЕВСКИ:
Живиот бит на македонскиот мит е она што ме одржува во живот. Кажано на народен јазик – ќеф и мерак се опасна животна сила. Уште има живи и здрави луѓе кои не само што го гледаат тоа што го работам, туку и го поддржуваат. Откако пред 13 години го завршив високото образование за кое што имав редовна стипендија, пред три години магистрирав, исто така како стипендијант, годинава повторно добив стипендија. Д-р Јордан Ѓорчев повторно ме стипендираше и ми овозможи да го продолжам образованието со докторски студии на голем универзитет, каде што треба да се запишам наскоро. Следната етапа од образованието ќе ја употребам за подготовка на докторска дисертација на тема за каква до сега нема пишувано никој од овие простори.

МАРИЛИ: На што работиш во овој период и што да очекуваме во иднина?
РИСТЕВСКИ:
Во пресрет на есента работам на подготовка за објавување на изданијата: „Македонски приказни“, „Овчеполската борба за слобода и човечки правдини“, „Зборник за Кратово – книга втора“, „Имагинариум – џебно издание“, „Прирачник за авантуристи кои сакаат да го посетат Овче Поле“ и едно убаво книже со работен наслов „Овчеполската храна од памтивек до денес“. Со директорот на фотографија во „Продукција Аристон“, Дуле Јанев од Свети Николе и неколку блиски соработници ги привршуваме и кратките филмови кои наскоро како цреша на врвот од тортата или окото на врвот од пирамидата ќе се појават во јавноста. Станува збор за „Овчеполско оро“ – краток филм снимен со Ансамбл „Македонија“ и „Овчеполски филм“ – едно видео претставување на мојата работа. Откако и официјално ќе биде завршено горенаведеното и пуштено во јавност, се надевам дека ќе имам можност за промоција во неколку градови каде што би ја прикажал еднодецениската работа посветена на родниот крај и домашните потенцијали. Во подготовка за пост – продукција е и првиот документарен филм за Овче Поле со работен наслов „Древното Овче Поле во новото време“, за кое што заедно со Дуле Јанев успеавме да ги снимиме и документираме речиси сите овчеполски села. Се надевам на поддршка за книгите и филмовите од оние кои се во можност и сум благодарен на сите мои луѓе кои во овие десет години ме поддржаа на сите можни начини – духовно, морално и материјално.


Статијата е прочитана 1417 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско