Бизнисите во сопственост на жени се најмногу изложени на негативното влијание на кризата
Интервју со Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија во кое зборува за улогата на Сојузот и соработката со Владата при справувањето со кризите, за неговите прироритети и активности како прв човек на ССКМ, за неопходноста од валоризација на претприемаштвото и на семејните мали и средни компании кои треба да добијат поголема поддршка, за соработката со регионалните стопански комори, иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ кон која неодамна се приклучи ССКМ, како и за најголемите предизвици со кои се соочуваат жените што сакаат да отворат бизнис. Ангелоски ќе биде дел од една панел сесија на Марили Бизнис Форум
МАРИЛИ: Дојдовте на чело на Сојузот на стопански комори во едно исклучително тешко и неповолно време – среде светска пандемија, која се уште трае, а сега дополнително обременето со енергетска, па и воена криза. Како се справувате со сето тоа, колку успевате да реализирате од она што го имавте зацртано како приоритети кога ја преземавте должноста?
АНГЕЛОСКИ: Нашата семејната компанија е членка на Сојузот од неговото основање, а мојот татко и јас подолго време сме дел од раководните структури, препознавајќи ја важноста на тоа да се биде дел од бизнис мрежа за да може заеднички да се делува со цел создавање подобро окружување за развој на бизнисите што ќе придонесе за економски просперитет на сите граѓани. Во таа насока се движат и моите приоритети и активности како претседател. Преку активностите насочени сме кон поттикнување економски политики за создавање здрава деловна клима со имплементација на најдобрите светски практики, се со цел непречен раст и напредок на деловните субјекти. Сојузот досега се наметна како значаен фактор во креирање на економските политики во нашата земја, но целиме кон тоа да стане водечка деловна мрежа во Југоисточна Европа. Паралелно со тоа работиме и на внатрешна реорганизација на Сојузот, со цел да можеме поефикасно да одговориме на современите потреби на бизнис заедницата, кои динамично се менуваат. Поради ситуацијата со здравствено-економската криза и се што таа дополнително донесе, навистина се соочуваме со многу предизвици, но на нив треба да се трудиме да гледаме и како на нови шанси, да се реагира претприемнаки и да се бараат нови и иновативни решенија.
МАРИЛИ: За да се ублажат последиците од сите кризи кои несомнено многу ја погодија и онака кревката македонска економија, Владата презема низа интервентни мерки. Каква е соработката помеѓу ССКМ и Владата, успевате ли да се наметнете при креирањето на тие мерки, дали и колку се имплементираат вашите препораки во досегашните владини мерки?
АНГЕЛОСКИ: Ситуацијата во која се наоѓаме е исклучително тешка и неизвесна, економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго. Растот на цените на енергенсите предизвика сериозен раст на инпутите во производните процеси, зголемувањето е на дневна основа и многу тешко се планира и одржува деловната активност. Прогнозите за наредниот период се многу неизвесни, сите релевантни финансиски институции ги корегираат очекувањата за стабилизација на економиите и го одложуваат периодот за враќање на состојбите пред почеток на кризата.
Пакетот мерки што го донесе Владата има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација. Со години наназад баравме олеснување на условите за поставување фотоволтаици од страна на деловните субјекти и сега има позитивен исчекор по ова прашање. Веќе истакнавме барање за активирање на стоковите резерви кои се од круцијално значење во ваква кризна ситуација, како и субвенционирање на цената на електричната енергија за деловните субјекти. Сметаме дека мерките кои ги креира Владата имаат пренагласена социјална компонента и треба да се насочени повеќе кон поддршка на реалниот сектор, бидејќи таму се креира додадена вредност.
МАРИЛИ: ССКМ е организација која го валиризира претприемаштвото, особено семејните мали и средни компании чиј раст, де факто го движи стопанството. Оттаму, какви се согледувањата на Комората за тоа како треба да се менува економијата кај нас и кои стопански гранки треба да бидат во приоритетен фокус, дали е тоа земјоделието, или обновливите извори на енергија?
АНГЕЛОСКИ: Микрo, малите и средните претпријатија се најголеми носители на економските активности во нашата држава, тие се најголеми вработувачи и воедно имаат најголемо учество во бруто домашниот производ. Но, истовремено се и најчувствителни на негативните ефекти, бидејќи немаат доволно резерви кои би можеле да ги стават во функција во случај на криза. Сојузот, како организација е насочен кон валоризација на претприемаштвото и на семејни мали и средни компании кои треба да добијат поголема поддршка во услови на криза. Кризата ги извади на површина пропустите кои досега се направени во однос на економските политики. Енергетскиот сектор се покажа како слаба алка, поради недостиг на инвестиции, а и покрај одличните природни предуслови се соочуваме и со предизвик за обезбедување на основните земјоделски производи. Неопходно е како држава да ги идентификуваме основните столбови кои ќе бидат носители на економската стабилност на земјата и стратегиски и континуирано да ги развиваме.
МАРИЛИ: Како претседател на Сојузот на стопански комори во кој влегуваат и компании предводени од жени, особено микро, мали и средни компании, кажете ни во кои гранки е најзастапено женското менаџерство и женското претприемништо, колку се тие погодени од постоечките кризи и каде најбрзо може да се постигне развој?
АНГЕЛОСКИ: Статистичките податоци се загрижувачки и покажуваат значајно намалување на бројот на деловни субјекти во сопственост на жени, што покажува дека овие бизниси се најмногу изложени на негативно влијание на кризата. Во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој, бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд. Ако сакаме да постигнеме побрзо надминување на последиците од кризата и економско закрепнување, неопходно е да со создаде поволно опкружување во земјата кое ќе создаде услови за вработување и самовработување на жените. Сојузот со години наназад работи на креирање политики за поддршка на женското претприемаштво, но факт е дека има уште многу што да се направи. Најголеми предизвици со кои се соочуваат жените кои сакаат да отворат бизнис се стереотипите за улогата на жената во нашето општество, што преставува серозен обесхрабрувачки фактор, како и пристапот до финансиски средства. Во врска со овие прашања работиме на проектот „Национална платформа за женско претприемништво“ во кој со уште три партнерски организации на централно и локално ниво поттикнуваме и стимулираме креирање мерки и политики за вклучување на жените на пазарот на труд. Факт е дека жените повеќе се присутни во трудо-интензивни бизниси, но еден од аспектите на проектот е и нивно насочување кон многу попрофитабилните гранки.
МАРИЛИ: Како соработувате со регионалните стопански комори, особено во овој кризен период, дали кризите го направија уште посолидарен и покомпактен регионот во кој имаме традиционално добри односи, колку се помагаме и колку има можности за продлабочување на економската соработка и во кои сфери?
АНГЕЛОСКИ: Економската соработката со земјите од регионот е особено важна, а нејзиното унапредувањето придонесува за развојот на поширокиот регион на Југоисточна Европа, како дел во кој припаѓаме. Секако, постои голем потенцијал за интензивирање и продлабочување на досегашната соработка меѓу бизнис заедниците, особено во делот на иновациите, новите технологии и подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап на трети пазари. Поддршката на регионалната соработка преку договорените форми на регионално економско делување значи поттик за усогласување на економските политики во земјите кои припаѓаат на регионот за побрз развој, приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар и можност за усогласување на правната рамка во земјите, со крајна цел нивно интегрирање во Европската унија.
МАРИЛИ: Неодамна ССКМ се приклучи на иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ чија цел е справување со климатските промени, а каде Вие станавте член на Управниот одбор. Кажете ни нешто повеќе за ова здружение, во кој правец ќе делува, со каква цел и како ќе се финансира, со оглед дека се работи за невладина организација?
АНГЕЛОСКИ: Иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“ делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Фондацијата ќе функционира со поддршка на Фондот за развој на Војводина. Се приклучуваме кон оваа иницијатива која ќе делува регионално, препознавајќи го потенцијалот на заедничката соработка на економските оператори и институциите од земјите на Западен Балкан во справувањето со негативните последици од климатските промени и постигнување на глобалните цели. Веруваме дека со добра соработка може да се воспостави рамнотежа помеѓу економскиот раст и загадувањето на природата и со што ќе обезбедиме одржлива иднина за бизнисите без сериозни засегања на животната средина, преку влез на нови технологии, кои создаваат нови области на работа.
МАРИЛИ: Сојузот во 2020 година потпиша Меморандум за соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а веќе има спроведено и кампања „Иницијатива на жени во климатска акција“. За што поточно станува збор и на кое ниво е корпоративната одговорност за животната средина во нашата земја?
АНГЕЛОСКИ: Целта на Меморандумот за соработка кој го потпишавме со Министерството за животна средина е изнаоѓање ефективни решенија за заеднички еколошки прашања кои ја поддржуваат потребата за одржлив развој. Двете институции здружено делуваат преку активности за соработка за спречување на загадувањето, еко едукација, креирање политики и заеднички напори за подигање на јавната свест за важноста на овие политики, за овозможување поквалитетен живот и здравје на граѓаните. Иницијативата на жени во климатска акција, која е слична, со активности отпочна со кампања посветена на подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и се ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и со климатските промени. Тоа вклучува подигнување на свеста кај вработени, партнери, добавувачи, потрошувачи, медиумите и други засегнати страни да избираат добавувачи кои применуваат добри практики за заштита на животната средина; промовирање на еколошки начин на работа, без употреба на хартија, преку користење на дигитални алатки, со што се намалуваат трошоците и употребата на вишок материјали, преземање мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови; дејствување кон намалување на потрошувачката на енергија на работното место; одбирање обновливи извори на енергија за своите потреби и проекти; дејствување кон намалување на производството на отпад и рециклирање.
МАРИЛИ: Покрај бројните обврски како прв човек на ССК, менаџер на приватна компанија, но и семеен човек, кажете ни кој е клучот за успехот на секое поле, како го поминувате слободното време и како ги „полните батериите“?
АНГЕЛОСКИ: По образование сум машински инженер и магистер по технички науки, што ме научи на упорност, сериозна работа и издржливост. Имав можност дел од практичниот дел на образованието да го стекнам во средини со поразвиени економски и општествени системи како Австрија и Германија, каде можев да научам многу за водење на бизнисот. Во нашата семејна компанија ги поминав сите нивоа, долги години работев на унапредување на соработката со странските пазари, а овој сплет од образование и искуство ми овозможи да создадам систематизиран концепт на работење, кој е ефикасен кога се работи под притисок на повеќе обврски. Во однос на приватното време, редовно спортувам, бидејќи тие активности ме релаксираат и исполнуваат со енергија, а љубител сум и на патување, дружење со пријателите и уживање во вкусовите на македонските вина што ги имаме во изобилство.
Статијата е прочитана 989 пати.