Македонска Каменица во новото нормално разубавена со најголемиот мурал во државата
Интервју со Соња Стаменкова, градоначалник на Македонска Каменица, во кое говори за идејата градот да се разубави со еден од најголемите мурали изработен од академски уметници со меѓународно реноме, за патот што морала да го изоди за да стане прва жена градоначалник во Источна Македонија, за се она што успеала да го направи за својот град во изминатите три години, за идните планови, за евентуален нов мандат.
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е Вашата заложба да ја разубавите Македонска Каменица со мурали кои спаѓаат во улична уметност. Како дојдовте до оваа идеја и како истата беше прифатена од граѓаните?
СТАМЕНКОВА: Македонска Каменица години наназад е позната по организирање на „Каменичко културно лето“, манифестација која на едно место ги собираше љубителите на музиката од целиот исток на државата и пошироко. Оваа година, со оглед на ситуацијата со Ковид-19, а за да не се прекине една долгогодишна традиција, се решивме на овој чекор. Уметниците и уметноста ја изведовме на улица каде што и уметниците и оние кои го сакаат овој вид на уметност со задоволство го спроведоа овој процес.
МАРИЛИ: Колкава површина е покриена со мурали, кои простори се зафатени и кој ги изработи?
СТАМЕНКОВА: „Рударски приказни“ е еден од најголемите мурали во Македонија, создаден на површина од речиси 300 квадратни метри, во должина од 75 метри, со највисока точка од 4,5 метри. Ова монументално уметничко дело се наоѓа спроти влезот на зградата на Општината Македонска Каменица. Автори на муралот се академските уметници со меѓународно реноме: Сања Јездиќ, Александар Џинго, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.
Во рамки на овој проект е и сликањето на новиот скејт парк, кој е едно од најпосетените места од младите во Македонска Каменица. Skate Park- Street art е малку поинаква приказна и претставува класична street art изведба на истите автори кои ги изработија и муралите, а кои овде со теми актуелни за младите генерации имаат за цел да им ја доближат ликовната уметност. И во тек е изработка на видео за убавините на Македонска Каменица.
МАРИЛИ: Дали муралот го препорачувате и на Вашите колеги – градоначалници за разубавување на другите градови?
СТАМЕНКОВА: Муралот предизвикува многу позитивни реакции пошироко во државата . Одреден број мои колеги веќе пројавија интерес за и тие да разубават одредени делови од своите урбани површини.
МАРИЛИ: Вие сте прва жена градоначалник во Источна Македонија. Колку беше тешко да се дојде на една ваква позиција, колку и дали Вашата стручна наобразба како дипломиран психолог Ви помогна во Вашата женска борба да ја преземете оваа, се уште машка функција во нашата држава?
СТАМЕНКОВА: Триесетина години работев во здравството како медицинска сестра, напоредно со тоа неколку години наназад стекнував искуство и како Гешталт психотерапевт. Сите тие релации и искуства градени години наназад, непосредните контакти со луѓето, четиригодишниот мандат како советник во Советот на Општина Македонска Каменица беа добра појдовна точка за успешна кандидатура, заедно со потребата за промени.
Политичките битки никогаш не се лесни за жените, особено во општество во кое политичките функции се резервираат за мажите. Од жената секогаш се бара многу повеќе за да биде во чекор со мажите, многу повеќе труд и докажување за да можете да бидете еднакви. Во кампањите не се бираат зборови со кои ве напаѓаат по разни основи и ако целта не ви е јасна, лесно може да се откажете. Кога целиот свој живот го имате поминато во градот кој го сакате и луѓето во него, тоа ве прави поголем психолог од што навистина сте.
МАРИЛИ: Потекнувате од рударско семејство, образованието го стекнувате во Македонска Каменица и во Свети Николе, што значи постојано живеете со рударските проблеми и добро сте запознати со истите. Сепак, што затекнавте кога дојдовте на чело на овој рударски град, а што успеавте да направивте во изминатите три години од мандатот и што ќе им оставите на Вашите сограѓани?
СТАМЕНКОВА: Како што реков претходно, целиот мој живот го поминав во Македонска Каменица, го познавам секој жител на градот, секое ќоше, потребите и проблемите на луѓето. Општината како една од најбогатите во државата ја затекнав со долг од 35.000.000 ефективен долг и 43.000.000 кредит. Сепак, за четири месеци се раздолживме и продолживме со реализирање на програмата. За овие три години постојано вложувам во инфраструктура, спорт, култура, поддршка за младите и социјалните категории. Продолжуваме со добрите практики, но воведуваме и нови.
За првпат обезбедивме бесплатен превоз за децата од селските средини во детската градинка. Го зголемивме додатокот за новороденче од 6.000 на 10.000 денари и за прво родено дете од 12.000 на 20.000 денари. Го зголемивме износот и бројот на стипендии за талентирани ученици. Особено ме радува што заврши реконструкцијата на големата спортска сала. Го имаме првото спортско игралиште од Спуртан подлога - едно од најпосетените во општината. Имаме и неколку локации со справи за улично вежбање.
Гордост ќе ми биде изградбата на паркот „Младост“ од кој во моментот е изграден само скејт паркот. Проектот е според идејно решение на наши млади студенти. На површина од околу 6.000 квадратни метри ќе има парк со разни содржини за сите возрасни групи.
Во моментот при крај е една од најголемите инвестиции - замена и реконструкција на целото осветлување во општината. Огромните заштеди со реконструкција на овој проект ќе ни овозможат за дополнително да инвестираме во општината.
Ни претстојат уште неколку големи проекти кои ќе бидат реализирани во текот на 2021 година како што се улици, патишта, водовод, атмосферска канализација, осветлување на преубавиот кеј на Каменичка река, проектирање на општинската зграда и некои други.
Сепак, визијата за мојот град во не така далечна иднина е да стане енергетски независен. Со искористување на потенцијалите на водата и сонцето тоа е реално очекувано.
Во 2019 година Општина Македонска Каменица доби признание од Global Local за град во кој се креира Глобална бизнис клима. Како Општина нудиме нефинансиска поддршка за сите кои сакаат да започнат сопствен бизнис, тоа се просторни можности, а заедно во соработка со централната власт, ресорните министерства и советници кои работат во општината на сите млади претприемачи им се дава целокупна поддршка во искористување на фондовите кои ги нуди државата. Секоја оргинална идеја за бизнис може да биде успешна приказна токму по примерот на пица-мајсторот. Уште неколку млади претпиемачи започнаа сопствени мали бизниси користејќи средства од програмите на АВРСМ.
МАРИЛИ: Кога ќе се каже Македонска Каменица, прво на што се помислува е рударството. Но, градот има и други атракции со кои може да ги привлече туристите, пред се домашните во едни вакви услови на ковид криза. Кажете ни нешто повеќе за тие специфики, особено за питата „цревник“?
СТАМЕНКОВА: Се беше поинаку во нормални услови. Каменица е мало но оргинално градче со свои специфики. Рударско градче, ново со нова архитектура, многу зеленило, преубава природа и љубезни и чесни граѓани. Домаќинките се познати по правењето бабина баница, поради што и постои истоимената манифестација која ја посетуваат и по неколку илјади посетители. Се обидуваме да го промовираме и „цревникот“ - баница со црева, карактеристична за нашиот крај. Храната која се подготвува дома но и во рестораните е една од највкусните, секој кој пробал се воодушевил од природните вкусови.
Има многу да се зборува затоа поедноставно е да ве поканам тоа да го доживеете и почуствувате токму овде, во пазувите на Осоговските планини.
МАРИЛИ: Колку градоначалничката работа Ви дозволува слободно време и како го исполнувате? Дали размислувате евентуално за нов мандат?
СТАМЕНКОВА: И покрај обврските кои ги имам, наоѓам време за себе,често пешачам, доста читам и сакам понекогаш да погледнам некој добар филм. Инаку, 4 години е прекратко време да се запознаете со проблемите и начинот на нивното решавање, но, сепак доволно да се фати правец во кој сакате да се движи развојот на градот. Ако граѓаните тоа го одобруваат и поддржуваат, тоа ќе биде мотив за втор мандат. Народот секогаш знае да одбере тоа што е најдобро за него.
Статијата е прочитана 1051 пати.