Мене ми е важно да го поттикнувам и поддржувам женското претприемаштво и да ги мотивирам жените сами да се одважат

Интервју со проф. д-р. Гордана Николиќ, основачка и деканка на Универзитот ПАР, Ријека, Хрватска - првата независна приватна високообразовна институција во Приморско-горанската жупанија. Во интервјуто таа ја раскажува приказната за мотивите што ја натерале да отвори приватен универзитет, за дуалниот пристап на студиите по менаџмент, за тоа колку нејзиното претходно практично работно искуство во стопанството и помага во менацирањето на универзитетот, но и за нејзината лична поддршка на женското претприемаштво и лидерство. Проф.д-р Гордана Николиќ ќе биде панелист на сесијата „Емоционален баланс – женско лидерство“ на Марили Бизнис Форумот

 

МАРИЛИ: Вие сте основачка на Универзитот ПАР во Риека, Република Хрватска, првата независна приватна високообразовна институција во Приморско-горанската жупанија. Од кога постои ПАР и кои беа мотивите што Ве натераа на еден таков чекор да отворите приватен универзитет? 

НИКОЛИЌ: ПАР почна со работа во Риека како еден од партнерите на германската висока бизнис школа BA Nordhessen Gmbh уште во 2007 година, пружајќи им на тој начин на идните студенти можност да се запишат на првите меѓународни стручни студии на ова подрачје. Високата бизнис школа ПАР е основана 2011 година како одговор на потребата на идните студенти што сакаат поинакво образование и од тогаш спроведува студии со цел да се образуваат млади, модерни и претприемачки ориентирани кадри. Горди сме бидејќи за дуално образование почнавме да зборуваме и да го промовираме 15 години наназад, а и поради фактот дека сме почетници на дуалната кариера на спортистите во Хрватска.

Нашите годишни конференции „Жени без ПАРдон и PILC (PAR International Leadership Conference) станаа препознатливи во промоцијата на претприемаштвото и лидерството. Она што е најважно и што сигурно е нашиот најголем успех е тоа што сме препознатливи како квалитетно дуално студирање менаџмент во регионот, но и меѓународно, за што зборуваат многубројните признанија.

А, мотивот за отворањето е навистина многу убава приказна. Еден летен ден во 2006 година во самракот седев на плажа заедно со една пријателка гледајќи во малиот остров пред нас и во тишина уживавме во погледот. Тоа лето од нигде никаде ја прекинав таа тишина со изјавата „Знаеш што? Јас ќе отворам приватен факултет во Риека!“... Тогаш помислив, ако можам да работам за други и ако другите веруваат во мене и ми даваат важни задачи, тогаш можам и за себе! И така, веројатно кога навистина имаш визија, ќе тргнеш кон тоа, а целта некако ќе дојде кон тебе. Само 10 месеци по мојата изјава на плажата ја одржав првата презентација во Риека. Во меѓувреме сфатив дека доколку нешто навистина сакаш, некако почнуваат да ти се отвораат можностите.

 

МАРИЛИ: Каков пристап на образование нуди ПАР и колку студиски програми има?

НИКОЛИЌ: Високата бизнис школа ПАР низ своите преддипломски и дипломски студии ги нуди следните програми: Бизнис управување, Управување во гастрономија и ресторанство, Управување со финансии, Менаџмент на мали и средни претпријатија и Спортски менаџмент.

Специфичноста на нашите студии е во дуалниот пристап, што подрабира тесна поврзаност на теоријата и праксата во текот на студирањето, во што учествуваат истакнати стручњаци од поедини сектори. Стручната пракса им овозможува на студентите да се претстават на институции и претпријатија , додека работата со ментори им овозможува да ги усовршат своето знаење и вештини потребни на пазарот на труд.

Нашиот Центар за кариера досега воспостави бројни соработки со еминентни фирми и хотелски куќи каде студентите можат да ја спроведуваат стручната пракса и да го започнат својот кариерен пат.

 

МАРИЛИ: Една од Вашите стратешки цели е да се поттикне равојот на меѓународните програми. На кое ниво е меѓународната соработка, со кого соработувате во регионот, но и пошироко и како ги финансирате овие програми?

НИКОЛИЌ: Еразмус повелбата ја добивме во 2014 година со што започнува нашата интензивна работа на јакнење на меѓународната позиција на високобразовната институција, па се придружуваме на меѓународните мрежи Businet i Nice Network преку кои соработуваме со бројни меѓународни универзитети.

 

МАРИЛИ: Колку Вашето практично знаење од областа на стопанството, каде сте работеле претходно Ви помогна во менаџирањето на Вашиот универзитет ПАР?

НИКОЛИЌ: Велам, моја среќа е што во животот сум работела во почнувајќи од државна компанија до оние најлоши облици на приватизација кон крајот на 90-ите, па се до можноста да работам во топ менаџмент. Можев и да останам таму со сите бенефити – обезбеден возач и потпишан голем договор, но, она што го добиваш во работата со млади, гледајќи ги и помагајќи им во нивната работа и раст, навистина не се опишува и е незаменливо.

Работата на државен факултет, како и на некои домашни и странски високообразовни институции исто така ми пружи можност да ги видам предностите и недостатоците на образовниот процес кај нас и да се одлучам да пробам да внесам промени. Дуалното студирање е иновативност кај нас, во општествата во Германија и Австрија се спроведува повеќе од половина век, а силата на нивните економии доволно зборува за силата на нивното образование. Затоа нашето стручно студирање од самиот почеток става голем акцент на практичната настава како важен дел на нашиот образовен процес.

На нашите студенти им носиме реално искуство од бизнис светот, атрактивни предавачи од пракса, како и стекнување вештини и знаења кои се барани во реалниот сектор.

 

МАРИЛИ: Што значи да се биде авангарда во опкружување кое е слично во целиот регион, со оглед на тоа што сте единствена жена сопственичка и деканка на приватна високообразовна институција во Хрватска?

НИКОЛИЌ: Искрено, не се оптоварувам со стереотипи од типот како би требало да изгледаат жените во академската заедница, или како би требале да бидат. Јас, во таа смисла веројатно ги рушам сите стереотипи. Битно е дека сите тие се храбри жени што непрекинато работат на сопственото образование и работат извонредна работа. Сакам да предавам и работата со моите студенти ме исполнува во потполност. Истовремено сум и претприемачка и деканка. Како што ми се важни студентите и научните трудови, важни ми се и моите вработени и деловниот успех.

 

МАРИЛИ: Вие сте добитничка на бројни награди меѓу кои и на меѓународната награда од Њу Делхи во 2018 година „Exceptional Women of excellence“ која се доделува на исклучителни жени за нивната умешност во работењето. Какво значење имаат наградите за Вас?

НИКОЛИЌ: Наградите се признание дека се што работам има смисла и дека тоа се гледа и се препознава во деловната и во академската заедница. Тие се поттик за другите жени да ги следат своите соништа.

 

МАРИЛИ: Колку жените во претприемаштвото и во бизнисот можеа да научат да се справуваат и да применуваат кризен менаџмент во услови на пандемија, која сега продолжува со енергетска и со воена криза?

НИКОЛИЌ: Ние навистина брзо и одлично се прилагодивме на новонастаната состојба во текот на пандемијата и многу брзо овозможивме целото студирање да се одвива онлајн. Студентите можеа да ја пратат наставата онлајн во реално време преку Zoom, како и преку едитирани снимки на YouTube каналот. Дополнително, комуникацијата со студентите покрај стандардните канали ја засиливме и со онлајн платформата Discord. Сепак, иако студентите со високи оцени ја оценија работата во текот на пандемијата, сите сме најсреќни кога сме во ПАР. 

Енергетската криза, како и војната во Украина сигурно ќе не стави повторно, а веќе и не става во разни искушенија. Но, жените научија мултитаскинг, па верувам дека на некој начин низ животот учиме и како да примениме кризен менаџмент, а да не сме ни свесни дека го правиме тоа. Доаѓа ситуација кога немаш избор и мораш да делуваш брзо. Како капетан на брод што тоне, прво ќе се погрижиш за сите, а потоа ќе скокнеш во вода и ќе продолжиш да пливаш...

 

МАРИЛИ: Постојат ли некои специфики кои ги издвојуваат жените претприемачки и менаџерки како лидери, а кои претставуваат нивна предност во водењето на бизнисот?

НИКОЛИЌ: Всушност, не е важно дали си претприемач или претприемачка, сите се бориме со исти проблеми и сите на крајот имаме исто задоволство. Мене ми е важно да го поттикнувам и поддржувам женското претприемаштво, со својот пример да ги мотивирам жените и сами да се одважат. Уживам во улогата на менторка и се радувам на секоја нова претприемачка, а особено на онаа што јас сум ја мотивирала или сум и помогнала да отпочне свој бизнис. 

 

МАРИЛИ: Што, според Вас, е најважно на патот до успехот на една жена, колку личните карактеристики имаат пресудна улога, а од друга страна, колку е важна поддршката, пред се, од семејството, но и од тимот соработници?

НИКОЛИЌ: Како што реков, имав прилика да работам во државни и во приватни претпријатија, да предавам на државни и на други приватни хрватски и меѓународни високообразовни институции. Сето тоа ми даде искуство да можам и тоа како добро да направам споредби, да ги препознаам добрите и лоши страни на различните уредувања, но и да научам што сакам, да донесувам одлуки, да бидам одлучна и упорна. Ако некој не ми помогнал на тој пат, практично, ми помогнал да се развијам во друг правец.

Најважно е да се чувствувате добро во она што го работите, да го работите тоа во кое верувате и некој ќе ве препознае. Секако дека ми е драго да имам поддршка од своите вработени, соработници и од семејството. 

Во моето семејство никој пред мене не бил дел од универзитетска заедница, како ни претприемач. Јас, едноставно се впуштив во две, претходно за мене сосема непознати и порано недостижни области, бидејќи сакав нешто повеќе... А, желбата за нешто повеќе се разбуди многу пред да тргнам, уште во младоста, во ситуации кога животот не ме штедеше, туку ми ги покажуваше оние понекогаш потешки и болни страни на немоќта. Мислам дека во една таква ситуација сама на себе си ветив борба за подобар живот и секојдневие. Тогаш не знаев ни што, ни како, но бев доволно љубопитна да отворам очи, уши, да работам на себе и да бидам љубопитна да го гледам светот околу себе...

МАРИЛИ: Имате голем број обврски и ангажмани, па имате ли воопшто слободно време, како ги усогласувате приватните со деловните обврски и како ги полните батериите?

НИКОЛИЌ: Веројатно во претприемаштвото сум тргнала како и повеќето други, со идеја дека ќе имам повеќе слобода. И тогаш сфаќаш дека немаш веќе слободно време, оти претприемаштвото е начин на живот. Работиш постојано, па и кога спиеш и кога јадеш. Работиш кога си на одмор, но постојано работиш на себе и ги помрднуваш своите граници дури и кога не си свесен за тоа. Патувањата, особено во лето ги користам за полнење на батериите. Покрај сонце и море секогаш се раѓаат некои нови идеи, проекти, акции... Потребни се и храброст и лудост да се впуштиш во сето ова. Како и секој претприемач, не знаев што ме чека, но не ни размислував за тоа, имав визија и цел и ги следев. Среќна сум што покрај себе имам луѓе што ме потсетуваат што сум и која сум, вистински пријатели и драги особи кои отсекогаш биле и секогаш се тука некаде... Тоа е моето вистинско и најголемо богатство...

 

 


Статијата е прочитана 820 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско