Женското лидерство (не) видливо низ призмата на емоционалната интелигенција
Интервју со проф.д-р Љупчо Кеверески, професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и национален координатор на Интернационалниот Центар за Емоционална Интелигенција- (ИЦЕИ) Охрид. Во интервјуто тој говори за женското лидерство воопшто и за потребата светот да се ослободи од архетипските отпечатоци на минатото на унитарниот машки свет и воведување во нов урамнотежен со женскиот архетип, за недоволната присутност на жените на високи одлучувачки позиции во нашата земја, за неговите очекувања од претстојниот Марили Бизнис Форум, каде тој ќе биде модератор и говорник на панелот за емоционален баланс - женско лидерство
МАРИЛИ: Господине Кеверески, Вие сте редовен професор на Педагошкиот факултет во Битола во групата Психолошки предмети, но истовремено сте дел и од други високообразовни институции во нашата земја, но и во странство. Ве молиме наведете каде се предавате и која е Вашата специјалност!
КЕВЕРЕСКИ: Навистина е тешко да направите реален проефесионален автоперцептивен профил без да се судрите со субјективноста, но ќе се обидам да останам до доменот на академската коректност. Во моментот сум потпретседател на Македонската асоцијација на надарени талентирани (МАНТ) која беше формирана во 2012 година во Битола. Во исто време сум претседател на Интернационалниот Центар за Емоционална Интелигенција- (ИЦЕИ) Охрид кој беше формиран 2020 година. Секако, за одбележување е мојот избор за редовен професор во Р. Словенија на Универзитетот „Ново Место“ од Ново Место во 2017. Мојата поблиска академска специјалност се образованието на надарените и талентираните, односно психологијата на надареноста и талентираноста. Во оваа смисла посебен интерес ми е интеркорелативната врска во остварувањето на врвниот талент помеѓу генетската детерминација, социјалната стимулација и индивидуалната активација. Друга моја академска специјалност, покрај другите е секако интересот за концептот на емоционалната интелигенција како нова психолошка парадигма, со други зборови колку овој конструкт има своја пратична функционалнот во времето во кое живееме.
МАРИЛИ: Вие сте и национален координатор на Интернационалното здружение за емоционална интелигенција со седиште во Охрид. Кажете ни нешто повеќе околу ова здружение, од каде идејата за негово формирање и која е неговата цел?
КЕВЕРЕСКИ: Интернационалниот Центар за Емоционална Интелигенција- (ИЦЕИ) Охрид е формиран 2020 година. Тоа беше заедничка иницијативна со проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Словенија во Скопје, кој е воедно и потпретседател на Интернационалниот Центара за Емоционална Интелигенција- (ИЦЕИ) Охрид. Во Управниот одбор на Центарот се и м-р Нина Момироска - потпретседател, Алеш Брезникар, Р. Словенија - член и проф. д-р Весна Стојаноска - член. Целта на Центарот е да го поддржува и поттикнува унапредувањето на теоријата, истражувањето и професионалната пракса на емоционалната интелигенција (ЕИ).
Интернационалниот Центар за Емоционална Интелигенција- (ИЦЕИ) Охрид воспостави и реализира интензивна соработка со Интернационалната асоцијација за емоционална интелигенција, Њујорк САД, (International Society for Emotional Intelligence, Inc. (ISEI) New York, USA). На нивни предлог во 2020 година бев предложен за национален координатор за емоционална интелигенција.
МАРИЛИ: Вие ќе бидете модератор и говорник на панелот за емоционален баланс - женско лидерство на Марили Бизнис Форумот, кој го организира агенцијата „Марили“. Од каде интересот за женското лидерство?
КЕВЕРЕСКИ: Интересот за проучување на женското лидерство е резултат на повеќе теориски и практични причини и потреби. Едната се однесува на фактот дека женското лидерство е вистинско „освежување“ во организациски контекст, со оглед на нивните боженствени дарови, биолошки посебности, уникатниот свет на женскиот сензибилитет, интуитивните и емпатичките предиспозиции, латентни талент потенцијали и многу други персонални атрибути. Другата се однесува на тоа што женското лидерство се уште е обвиено под стереотип на митолошка обвивка и „на нас останува колку брзо таа ќе се демистифицира, бидејќи немаме ниеден аргумент за тоa“. Третата причина се однесува на фактот дека се уште машкиот архетип доминантно се „држи“ како резултат на традиционалната културолошка матрица. Следната причина се однесува на потребата светот да се ослободи од архетипските отпечатоци на минатото што ја инхибираат толку посакуваната и очекувана трансформација на унитарниот машки свет и воведување во нов урамнотежен со женскиот архетип - карактеристичен со сензибилитет, емпатија и емоции.
Една од моите значајни тези е дека „биполарно соперништво“ би требало да се замени со „инспиративно интеркомпатибилно лидерство“. Следната моја теза ја апострофира евидентната криза во областа на лидерството, посебно во постоење и појава на лидери со уникатни харизматични обрасци во својот личен и професионален идентитет. Претходно кажаното се должи на костатацијата дека светот, посебно деловниот е под силна импресија на моќта на машките лидери, а „силните жени“ се само „аномалија“ според Margaret Atwood во сферата на деловната политика на организациското работење. Но, како конкретни причини кои се резултат на потребата за поголем интерес за женското лидерство се:
• Актуелност на проблематиката во светски рамки
• Се поголема успешност на жените лидери
• Криза во лидерството воопшто во светот
• Предрасудите и стереотипите кон женското лидерство
• Стигматизација на женската суета
• Демистификација на практичната теза за манипулативна статистичка квантификација на застапеност на жените во политичкиот и деловниот свет
• „Нас ни теба друга парадигма во лидерството која произлегува од природната сила на жената“
МАРИЛИ: Колку оваа тема е актуелна кај нас, односно, дали доволно се дискутира за тоа и дали се уште постојат стереотипи за перцепцијата за женското лидерство во нашата земја?
КЕВЕРЕСКИ: Прашањето за женското лидерство, секако дека е актуелно и има некакви позитивни импулси и помесувања, но се уште постојат тенденции за маргинализација, квантификација, инструментализација на женското лидерство. Oдговорот на ова прашање ќе го дополнам со поставување нови инспиративни прашања, тврдења и предизвици кои се резултат на моето академско и професионално искуство. Тоа се:
• Дали продолжува маргинализацијата на женскато лидерство?
• Кои се карактеристиките на психолошкиот профил на жените лидери?
• Како до баланс помеѓу професијата и домот?
• Дали е потребна редефиниција на моќта и поимот лидерството?
• Дали интуитивноста на женското лидерство е моќниот екстракт?
• Дали се уште е присутно стереотипното поимање за нивната улога?
• Колку жените со нетрпение чекаат прилика на отворената лидерска сцена?
• Дали знакот СТОП за жените лидери (не) е пробивен?
• Дали е потребна ревизија на современата организациска доктрина?
• Дали владее супериорноста на „светот“ на машките лидери?
• Колку се видливи аспирациите на женската лидерска сенка?
• Се руши ли митот и филозофијата на секојдневието за машко-женскиот свет?
Тоа се прашања и дилеми на кои треба да се бара и даде одговор. Останува да видиме.
МАРИЛИ: Какви се искуствата во лидерството на жените во Македонија во однос на другите земји од регионот? Може ли да се направи споредба и што би покажала таа?
КЕВЕРЕСКИ: Постојат различни статистички индикатори кои се однесуваат на застапеноста на женското лидерство во политичкиот и деловниот свет кај нас и тоа процентот на жените на менаџерски позиции е околу 30%, додека учеството на жени во менаџерски одбори е само 22%. Во 2020 година Северна Македонија ја исполни минималната квота од 40 % жени во Собранието. Жените остануваат недоволно застапени во сите земји од Западен Балкан и во сите тела за донесување одлуки. Може да се забележи позитивен тренд во Србија, каде што парламентот усвои минимална квота од 40 % од кандидатите на изборните листи за парламентарни и локални избори. Ако се погледне процентот на застапеност на жените во парламентите и владите на земјите од Западен Балкан ќе се забележи следното: Албанија 30%, БиХ 26%, Косово 30%, Црна Гора 30%, Северна Македонија 49%, Србија 38% (според извештајот на Фондацијата „Квина тил квина“ (Kvinna till Kvinna Foundation 2020год.). Би кажале дека и покрај тоа што односот кон женското лидерство има некакви позитивни импулси и помесувања, се уште постојат тенденции за маргинализација, квантификација, инструментализација на женското лидерство.
МАРИЛИ: На панелот на Марили Бизнис Форум поконкретно ќе биде зафатена темата околу балансот помеѓу професијата и домот и на оваа тема ќе дискутирате заедно со Вашите гости од Хрватска - проф.д-р Гордана Николиќ, сопственик и декан на ПАР Универзитетот во Риека и од БиХ - проф.д-р Лиљана Крњета, претседателка на Здружението „Заедно во Европа“ од Бања Лука. Дали клучот на успехот на жената во професијата е токму во овој баланс?
КЕВЕРЕСКИ: Најнапред да ги преставам моите соработнички во панел дискусијата на Форумот. Проф. д-р Гордана Николиќ е декан на Високата школа за деловни студии (ПАР) од Риека, Р. Хрватска и единствена жена сопственик на високошколска установа во Хрватска. Истовремено е потпретседател на Светскиот одбор на пословните жени, како и сенаторка во Собранието на светскиот форум ((WBAF). Таа на Економскиот форум на жените во Њу Делхи во 2018 година ја доби наградата „Exceptional Women of Excellence“.
Проф. д-р Лилјана Крњета е претседателка на Здружението „Заедно во Европа“ од Бања Лука, Босна и Херцеговина. Таа е активен учесник на голем број интернационални научни собири, конференции, семинари и форуми, а учествува и на конференции од областа на надареноста и талентираноста, женското лидерство, емоционалната интелигеницја во Босна и Херцеговина, Франција, Норвешка, Словенија, Хрватска, Србија и други држави.
Но, да се навратиме на прашањето. Току така. Балансот е епицентарот на успехот во женското лидерство. Но, за да дојдеме до тој баланс, женското лидерство треба да се соочи и да ги надмине следните предизвици:
• Направете, пред се, компромис со самиот/самата себе
• Балансот е тродимензионална верзија на односите помеѓу вас, семејството и професијата
• Тргнете од премисата што губите, а што добивате?
• Определете се за соочување со нови предизвици
• Бидете подготвени дека за некои работи нема компромис
• Подгответе се за очекување на неочекуваното во микро опкружувањето
• Држете ја вашата суета под контрола
• Не очајувајте пред неуспесите
• Искуството од успесите користете го за постигнување нови успеси
• Повеќе внимавајте на тоа какви сте вие отколку какви се другите
• Избегнувајте лица со негативни енергетски вибрации
• Вашето его може да ви биде најголем (не)пријател
• Не настојувајте да ги промените луѓето, ако тие не покажуваат интерес за тоа
• Бидете сојузник со вашата самодоверба
• Имајте разбирање за се, но немајте оправдување за се
• Ако сакате успех мора и да го заслужите
• Дружете се со луѓе подобри од вас
• Применете дипломатија во решавање на конфликтите
• Стресот (не) постои, постои само субјективна перцепција на работите
• Бидете емпатични, но не надминувајте ги границите на невозможното
• Во лидерството има едно правило - да се почитуваат правилата
Предходно наведените постулати се сигурна гаранција за успех во женското лидерство.
МАРИЛИ: Колку и како пандемијата се одрази врз женското лидерство, какви се вашите сознанија споредбено со научните сознанија за Европа и светот?
КЕВЕРЕСКИ: Секако е познато дека женското лидерство предизвика внимание и во време на пандемијата. Иако резултатите не се со висока научна статистичка валидност, постојат констатации дека во државите каде што е актуелно женското лидерство, жените се пофалени за преземање рани мерки во превенција на ширење на Ковид-19 кризата. Тоа посебно се однесува за жените лидерки во Нов Зеланд, Тајван, Норвешка, Германија, Данска и др. Новата студија во Бразил сугерира дека во градовите каде што доминира женското лидерство се забележува 30% помала хоспитализација во услови на пандемија. Гарет-Миранда истражувач од Миланскиот универзитет од Италија укажува дека женските лидери воопштено гледано повеќе се придржувале на нефармаколошките мерки за борба против Ковид-19, како што се физичкото дистанцирање и користењето на маските. Во оваа насока зборуваат студиите на универзитетите во Сао Пауло, Барселона, Ливерпул, резултатите од 2020 година во списанието за применета психологија од САД и други.
Извештајот на списанието „Forbs“ наведува дека во техниката на женското лидерство во услови на криза можат да се забележат четири категории и тоа: вистина, одлучност, технологија и лубов. Исто така се истакнува дека комуникацијата им била емпатична. Уште еднаш напоменувам дека резултатите презентирани во различни социјални, електронски и други медиуми за овие состојби не поседуваат високи статистички значајни разлики во однос на снаоѓањето на машкото и женското лидерство во услови на криза.
МАРИЛИ: Колку ваков тип настани како што е Марили Бизнис Форумот, каде постои интеракција меѓу стручни лица и публика од реалниот сектор придонесува за согледување на фактичката состојба на женското лидерство?
КЕВЕРЕСКИ: Настаните од овој формат како што е Марили Бизнис Форумот ја потврдуваат практичната заложба на агенцијата „Марили“ и нејзината дологогодишна афирмација на женското лидерство кај нас. Тоа зборува дека женското лидерство не е „резервен тип/варијанта“ на машкото лидерство, туку нејзин компатибилен конструкт. Очекуваме овој Форум да биде инидикатор за општествениот и институционалниот сензибилитет, женското лидерство да го заземе соодветното место, но со најголема заложба и промоција на самите потенцијални или актуелни жени лидери.
Статијата е прочитана 1180 пати.