Новото нормално не значи дека е навистина нормално
Интервју со Елена Антоновска, генерален менаџер на „Арс Луцида“, во кое говори за работењето од далечина поради ковид-кризата, за тоа дека онлајн едукацијата дава резултати, но оти тие, сепак, мора да се видат на лице место – онсајт, но и во кое апелира до луѓето да се свртат кон себеси и кон разрешување на сопствените теми, стравови, да се ослободат од негативните емоции, ставови и уверувања, бидејќи телото само ја одразува нашата внатрешна состојба и просто речено, паѓа енергијата, имунитетот и доаѓа до болест.
МАРИЛИ: Колку долго постои „Арс Луцида“ и со што сѐ се занимава?
АНТОНОВСКА: „Арс Луцида“ официјално постои четири години, но самиот концепт ја надминува таа рамка и се практикува повеќе од 15 години. Главната дејност на „Арс Луцида“ е личен и професионален развој, иако сметам дека е повеќе од тоа, во смисла дека обединува вештини и знаења кои се древни и модерни, источни и западни. Овој пристап овозможува личниот и професионалниот развој да добијат на значење и на тежина, а клиентите да остварат длабока и трајна промена и да ги разберат овие две категории како процес кој трае постојано, низ целиот живот. Всушност, би рекла дека „Арс Луцида“ се занимава со суштинска промена, преземање одговорност, подигање на свеста на групите и индивидуите, при што се применуваат различни методи, техники и вештини. Различноста ни дава можност да се занимаваме со човекот, тимот или компанијата од холистичка перспектива, посматрајќи ги како еден комплексен систем. Системското размислување и согледување овозможува побрзо и полесно да ги лоцираме критичните точки и да ги насочиме кон побрз и поефективен развој и унапредување.
МАРИЛИ: Како тренер за личен развој кажете ни колку потребата за консултации и едукации во Вашата област се зголеми во услови на ковид-криза? Која е најчестата проблематика со која се соочувате, а е наметната од Вашите клиенти?
АНТОНОВСКА: Не би можела да кажам дека квантитативно има разлика или позитивно поместување во тој однос. Можеби повеќе разликата е квалитативна. Имено, соочени сме со пандемија и нови околности и услови на живот, кои, генерално, се ограничувачки од секој аспект. Новонастаната ситуација во себе содржи и можност и закана, во смисла дека можеше да биде искористена како можност да се свртиме кон себеси, да се позанимаваме со интроспекција и рефлексија, да се согледаме во вистинско светло и да се насочиме кон развој, или да стане закана кон нашето суштествување, со ориентација и фокус на страв, анксиозност, паника, параноја, разни психолошки состојби и т.н. што, всушност, се и состојбите со кои најчесто се соочуваме од клиентите. Тоа укажува дека не е веќе Ковидот опасност, туку внатрешната и психолошката состојба во која луѓето се доведени, а која истите ја прифаќаат како нивна реалност.
Оттука, поголемиот дел од луѓето се повлекоа во своите нискофреквентни светови, не решавајќи ги темите кои се причина за нивните состојби, но, мал дел храбри луѓе се осмелуваат и се дрзнаа на промена, со разбирање дека само на тој начин може на сите да ни биде подобро. Едноставно, ситуацијата најпрво требаше да се прифати за да согледа потполно, а потоа да се делува и да се искористи она што во моментот е возможно. Како и да е, како и на сите, така и на нас влијае оваа ситуација, сепак, животот продолжува, нема нас да нѐ чека, па така и она на што сме се обврзале како „Арс Луцида“ нѝ дава сила и елан да вложиме и екстра напори и да одиме напред.
МАРИЛИ: Често сте присутна со онлајн курсеви кои ги наметна новото нормално. Дали тие ги даваат посакуваните ефекти во изминатите осум месеци?
АНТОНОВСКА: Можам да кажам дека „Арс Луцида“ 90 проценти од работата ја пренесе онлајн и беше меѓу првите на овој простор. Многу брзо сфативме дека работата мора да продолжи, дека нашата ориентација кон луѓето мора да биде застапена, па брзо и се прилагодивме и пренасочивме. Некако сѐ се намести во право време. Интернет страницата и веб продавницата се проценети интернационално како многу професионални и сѐ што може да се постави онлајн е поставено таму. Нашата креативност беше потенцирана, па овој период процветаа и дадоа плод многу идеи кои само го чекаат своето време. И верувам дека ќе имаме уште многу креативни решенија кои можат да им бидат од бенефит на луѓето, локално и интернационално. Сепак, морам да кажам дека новото нормално не значи дека е навистина нормално. Тоа е само уште еден показател дека нештата се менуваат, сакале ние или не. Сепак, мора да се знае дека тоа не е сѐ и дека некои нешта како човечкото присуство, топлината на срцето, довербата, енергијата ништо не може да ги замени. Човекот е социјално битие и потребен му е друг човек, допир, љубов, разбирање за да преживее. Така што, можеби е потребно да се најде некоја златна средина во овие два пристапи, бидејќи, што и да научите онлајн, некаде треба да го примените. А каде, ако не во секојдневниот живот, во компанијата, во семејството, помеѓу луѓето со кои сте опкружени? Што значи дека онлајн едукацијата дава резултати, но тие мора да се видат на лице место – онсајт! Резултатот секогаш е најдобро видлив на материјално ниво и кога е мерлив. Па, доколку се одлучувате на онлајн едукација, треба да се има предвид дека тоа знаење мора да се примени, уште повеќе отколку да го слушате во физичко присуство.
МАРИЛИ: Освен персонални обуки, дали во овој период правите и корпоративни тимски обуки кои би помогнале особено на кризен менаџмент?
АНТОНОВСКА: Иако ги имаме во портфолиото, моментално не ги организираме, бидејќи некако, кога се во прашање тимови, обуката има потполно друга вредност кога се изведува во живо, па и самите компании во текот на оваа година како да се воздржаа од организирање обуки за своите вработени. Она што може да оди онлајн е релативно малку, заради практичните аспекти на овие тимски обуки и начинот на учење кој во онлајн наставата е ограничен. Луѓето најмногу учат со пракса, вежба и примена и со вклучување во обуката, а многу помалку со предавање. Онлајн обуките мораат да бидат модифицирани, па дури и тогаш не можат да одговорат на барањата на корпоративните и тимски потреби.
МАРИЛИ: Дали може да ги сублимирате искуствата од изминатиот корона-период и да ни кажете кои проблеми произлегоа од карантинот и изолацијата на луѓето поради коронавирусот и колку време е потребно за нивно надминување?
АНТОНОВСКА: Ќе зборувам за индивидуалните предизвици, со напомена дека колективните предизвици се резултат од истите. Имено, на прв поглед се соочуваме со физичка закана наречена Ковид-19 и тоа е сосема во ред од аспект дека мора да се има превентива и да се почитуваат мерките на Владата за справување со ситуацијата. И, доколку сите преземеме одговорност и го почитуваме горенаведеното во разумна мера, веројатно други предизвици и ќе немаше. Но, нивото на одговорност се покажа дека е незавидно, а исто така и способноста на луѓето да се соочат со себеси и приземно да ги обработуваат информациите кои ги добиваат и рационално да ѝ пристапат на целата ситуација, без екстреми.
Реков на прв поглед, бидејќи од целата ситуација произлегоа многу посериозни и реални закани за сите, почнувајќи од егзистенцијални и финансиски, до психолошки и социјални. Целата ситуација премина во предизвик за:
- деловниот живот (бизнисот воопшто, компаниите на кои примарна дејност им се луѓето – давање услуги, едукација и т.н.), а со тоа и на ослабување на економијата воопшто и на економската моќ на населението глобално. Се случи повлекување на активната парична маса, кеш флоу е речиси сведен на нула, стравот за преживување доведе до стопирање на слободен тек на парите на пазарот
- социјалниот живот, доведе до напливи на негативни емоции и избивање на негативни ментални концепти, ставови и уверувања, отуѓување, недостаток на социјална интеракција и страв од истата
- психолошката состојба, каде преовладува страв, анксиозност, паника, ментална преоптовареност, претерана грижа, осуда, омраза и предизвикување на базичните инстинкти на преживување, но не во најдобрата смисла на зборот
- здравствената состојба, која освен што е конектирана со Ковид-19, е под директно влијание на сите овие горенаведени фактори. Колку полабилна психолошка состојба и виртуелна или стварна опасност од надворешниот свет, толку поголем пад на имунитетот и поголеми шанси за заболувања
МАРИЛИ: Според Вашето искуство, која генерација е најпогодена, дали се тоа младите или повозрасните и дали повеќе е погодена машката или женската популација?
АНТОНОВСКА: Статистички не би можела да ви кажам, но од страна на неутрален посматрач погодени се оние кои веќе имаат слаб имунолошки систем и слаба психолошка структура, кои веќе имаат хронични болести и кои имаат стравови од болест, смрт или било какви базични стравови поврзани со егзистенција.
Знам дека за луѓето е тешко да ја спојат севкупната состојба со физичкото здравје, но денешната наука и многу други учења и филозофии потенцираат еден факт, а тоа е дека внатрешната (психолошката или душевната) состојба на личноста има примарно влијание на физичкото здравје на личноста. Сите делови на човечкиот систем (физичко, емоционално, ментално, духовно, енергетски) се неразделно поврзани и делуваат еден на друг во секој момент. Телото е последното скалило на скалата на здравје, што значи дека тоа последно ги покажува симптомите и појавува болест. Здравјето не е само физичка категорија, туку оптимално функционирање на сите нивоа на постоење, наведени во текстов, според дефиницијата на Светската здравствена организација. Падот на човечкиот систем започнува со енергијата и психолошкиот аспект, а завршува со телото.
Оттаму, сите апели до луѓето да се свртат кон себеси и разрешување на сопствените теми, стравови, со сето она што не им е корисно и не им припаѓа, да се ослободат од негативните емоции, мисли, ставови, уверувања и концепти, бидејќи телото само ја одразува нашата внатрешна состојба и просто речено, паѓа енергијата, паѓа фреквенцијата, нервниот систем не работи оптимално, паѓа имунитетот и доаѓа до болест.
МАРИЛИ: Дали постои стручна литература која може да помогне во третирањето на проблемите предизвикани од пандемија, со оглед дека се работи за состојба која не е позната во слични размери дури ни од пред сто години?
АНТОНОВСКА: Во таа смисла мислам дека не постои литература која може да ни послужи како прирачник за справување со циклуси и настани кои имаат за цел некаква селекција или кои нѐ соочуваат со нови ситуации како што е вирусот. Овие случувања нешто ни кажуваат, а ние мора да ја разбереме пораката. Начинот на кој ќе се справиме со ситуацијата се уште го нема во научните книги.
Но, постои литература која зборува за еволуција и напредок на човечкиот вид на други начини, со градење на свесност, со примена на методи за внатрешно созревање, подигање на фреквенцијата на енергијата на системот, за градење и подржување на човечките вредности кои нѐ водат и кон глобален напредок и зачувување на нашиот дом – Мајката Земја. Со мало истражување таа литература и тие знаења можат да се најдат и се достапни на сите, а дел од нив ги имаме и ги работиме во „Арс Луцида“.
МАРИЛИ: Која е Вашата порака, на што да се фокусираат поединците, а на што корпоративните тимови за полесно надминување на последиците што ги предизвикува пандемијата со Ковид-19?
АНТОНОВСКА: Пораката би била иста за сите, бидејќи секој поединец е дел од некој систем, а компаниите можеме да ги сметаме за систем. Промените се составен дел од животот, а човештвото го чекаат огромни промени. Старите системи и начини на функционирање постигнаа максимум и веќе никому не служат, па нѐ чекаат нови прилагодувања кои само се наѕираат, но не знаеме како точно ќе изгледаат. Светот оди од површно, материјално, екстерно, кон суштина и тоа е процес кој не може да се спречи, иако луѓето би сакале сѐ да остане исто, непроменето.
Што значи дека наша задача е да се посветиме на флексибилност, креативност и иновација, прилагодување на новите начини и барања на животот/пазарот и посветување на развој на индивидуите/вработените и групите/тимовите. Компетенциите ќе добијат друго значење, па следењето на трендовите и внатрешниот развој и лично и професионално ќе биде од клучно значење. Можеби компаниите ќе треба да се преструктурираат, а поединците да се преквалификуваат. Ваквиот тренд не води кон позиција на отвореност и препознавање на можностите и потребите на пазарот за да можеме да бидеме конкурентни. Да не заборавиме дека пазарот е светот. Со интернетот и протокот и достапноста на информации глобално, можеме да се позиционираме било каде. Тоа значи дека ќе треба да се издвоиме првенствено по квалитет, а потоа по цена.
МАРИЛИ: Какво е искуството со интернационалните обуки како дел од Вашата работа во услови на постојана онлајн комуникација, дали тие продолжија?
АНТОНОВСКА: Да, продолжија со многу прилагодувања. Имаше еден период од празен од, додека се освестивме што се случува, но брзо го надминавме. Практично, се покажа дека доколку го имаш занаетот, можеш да го носиш со тебе каде и да си, па и онлајн.
МАРИЛИ:До каде се подготовките на вториот дел од книгата „Муабети за личен развој“ чиј прв дел беше промивиран пред една година, што ќе содржи новата книга?
АНТОНОВСКА: Само ќе откријам дека сме при крај со техничката подготовка на вториот дел од книгата. Тој ќе биде посветен на конкретни содржини кои во „Арс Луцида“ ги практикуваме и се однесуваат на знаења кои ги споменав погоре, клучни за надминување за оваа и слични вакви состојби. Како што велат мудрите луѓе, дојдовме во период кога само најсилните ќе останат, но не најсилните по физикус, туку најсилните по дух. Втората книга е исполнета со содржини кои ќе понудат алатки за градење на духот, а кои секој може да ги применува. Практично, како да бевме пред времето кога со Огнен зборувавме на тие теми, а и ги практикувавме во „Арс Луцида“ во веќе далечната 2015 – 2016 година.
Останатото нека биде изненадување!
Статијата е прочитана 984 пати.