„Светот на Колорес“ ја отвора својата трета градинка во Скопје

Интервју со Билјана Караманолевска, генерален менаџер на детски градинки „Светот на Колорес“ во кое зборува за новиот објект што се отвора веднаш до Педагошки факултет во Карпош, за тоа на што се должи успехот на брендот кој ги помести границите на предучилишно воспитание, за специфичниот концепт на работа, како и за новотворениот you tube канал каде се прават онлине предавања на дечињата преку преведување и раскажување на најпознатите приказни и цртани за деца

 

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е отворањето на новата, трета по ред градинка „Светот на Колорес“, веќе докажан и препознатлив бренд. Кажете ни нешто повеќе околу новиот објект, каде е лоциран, кој е неговиот капацитет и дали има некои новини во однос на постоечките? 

КАРАМАНОЛЕВСКА: Со своите иновативни активности, концепт, едукација, реализација и остварување пристапивме кон отворање ново, трето катче каде дечињата ќе може да бидат среќни и да уживаат во детството што го имаат. Ова е наша трета градинка која е лоцирана во општина Карпош, веднаш до Педагошкиот факултет. Располагаме со голем пријатен внатрешен простор и добро дизајнирана околина за игра и нега на најмалите што ја инспирира нивната љубопитност. При дизајнирањето на секоја градинка особено внимание посветуваме на деталите и боите што се користат за ентериерот. Удобноста на децата и нивната опуштеност во текот на престојот е наша водилка при дизајнирање на просторот.

Многу важен момент е дека градинката поседува огромна зелена површина – двор од 2.000 квадратни метри, каде децата ќе може да ја зголемат својата самодоверба, да се социјализираат, да учат и да се  осамостојуваат.

Градинките „Светот на Колорес“ се веќе познати по начинот на учење кај децата, а тоа е природата и користењето на природните материјали. Во оваа градинка имаме можност и за наша градина за одгледување различни растенија и зеленчуци. Едноставно, децата ќе уживаат во програмата, активностите и едукацијата што ќе ја добиваат 

 

МАРИЛИ: Каков беше интересот за приватните градинки во текот на пандемијата, дали се зголеми по периодот кога имаше lockdown и, според Вашето искуство, на што се должи тоа, дали можеби на поразличен концепт на работа во однос на другите предучилишни установи?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Да се работи во време на пандемија е тешко, но претставува и голем предизвик. Да бидеш најдобар во оваа категорија е големо достигнување. „Светот на Колорес“ е веќе препознатлив бренд кој успешно чекори во својот свет, стои цврсто и постојано го гради, надоградува и обновува својот бренд. Максималната посветеност кон работата, грижата и љубовта е тајната на нашиот успех. Успеавме да изградиме бренд кој ги помести границите на предучилишно воспитание.

 

МАРИЛИ: Кои се постојаните наставни содржини што ги применувате, особено во делот на изучување странски јазици, прошетки во природа и слично?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Во нашата градинка природата ни е основен јазик на комуникација. Секојдневните прошетки се составен дел од нашата програма. Секое дете е научник на свој начин и сака да истражува, ние тоа го овозможуваме. Да се биде во природа е прекрасно чувство. Социјализацијата кај децата се развива полесно, учат да бидат истражувачи, меѓусебно комуницираат, соработуваат, споделуваат, имаат интеракција.

Англискиот јазик го учиме на поинаков начин. Преку музика, песнички, цртежи и изработки децата лесно го совладуваат материјалот.

 

МАРИЛИ: Имате бројни активности околу организација на родендени, разни прослави, хуманитарни акции, а имате и сопствен you tube канал што Ве прави современи и актуелни. Колку сите овие работи се важни и придонесуваат за препознатливоста на „Светот на Колорес“ ?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Хуманитарните акции се составен дел и од „Светот на Колорес“. Често пати организираме хуманитарни базари каде децата прават разни изработки и потоа ги продаваат. Чувството е неописливо, посебно кога ќе ги слушнеме како тие тоа го прераскажуваат. 

За време на пандемијата го отворивме you tube каналот каде почнавме да правиме на некој начин онлине предавање на дечињата преку преведување и раскажување на најпознатите приказни и цртани за деца. Гледаноста навистина беше голема и тоа ни претставуваше поттик за да продолжиме да го работиме каналот.

 

МАРИЛИ: Во Вашите градинки е ангажиран лиценциран и обучен тим што постојано се надградува и усовршува. Сепак, за една градинка да работи успешно, несомнено е потребно да постои и синергија со родителите. Каков е Вашиот однос на тоа поле? 

КАРАМАНОЛЕВСКА: Врската со родителите секогаш е на професионално, но и пријателско ниво. Тие се оние што не поддржуваат во тоа што го работиме, горди и благодарни сме за довербата што ни ја даваат. 

 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер, но сте и сопруга и мајка. Бидејќи Вашата работа е исклучително динамична, одговорна, но и стресна, како го балансирате стресот за да останете позитивна за семејството и за приватните обврски, што е тоа што Ве релаксира и кој е Вашиот „вентил“?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Хармонијата во семејството, поддршката од најблиските и бескрајната љубов кон моите две деца е онаа што го одржува мојот животен баланс.

 


Статијата е прочитана 2253 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско