ДЛУМ одбележува 75 години како авангарда на македонската ликовна уметност

Друштвото на ликовни уметници синоќа одбележа 75 години од основањето со јубилејна изложба „75 години ДЛУМ“ во Чифте амам и Мала станица. Изложбата се реализира во соработка со Националаната галерија и под покровителство на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. На изложбата беше претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ.

На отворањето Пендаровски нагласи дека секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Рече дека авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.

„Секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Токму затоа Друштвото на ликовните уметници на Македонија има вонредно значење, имајќи ги предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден денешен. Станува збор за една од најзначајните струкови уметнички и културни заедници која ги одразува тековите не само во ликовната уметност, туку, генерално, во современото македонско уметничко творештво“, рече Пендаровски.

Не само заради моментната инспирација од овие импозантни дела, транс-историските аспекти на постоењето на уметничкото творештво можеме да го согледаме низ целокупното постоење на ДЛУМ.

„Имено, стиловите кои ги втемелуваат неговите основачи Личеновски, Мартиноски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Белогаски и многу други, како и оние на денешната, актуелна уметничка продукција, претставуваат потпорна точка од која произлегува фактот дека нашите уметнички креации се рамноправен репрезент на светските струи во уметноста“, рече Пендаровски во своето обраќање. 

Тој оцени дека низ историјата на ДЛУМ може да се увиди дека визуелните уметности, во сите нивни многубројни форми и изрази, низ целиот 20 век па сѐ до денес, се единствените од сите гранки на уметностите кои се во динамична промена, налик на динамичните промени на целиот социо-културен и политички пејзаж.

„Тие промени се технолошки, но, и естетски. И преку нив, еве и овде, низ оваа ретроспектива посветена на 75 годишнината на ДЛУМ осознаваме дека уметноста низ разни техники реагира и укажува на општествените финеси, аномалии, се разбира и на доблестите. Низ историјата на ДЛУМ прилично транспарентно може да се согледа општествената инфраструктура на нашиот културен и уметнички развој. Историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти. Со тоа, ДЛУМ останува да биде едно од најзначајните јадра на културните политики, кои треба внимателно да ги развиваме“, рече Пендаровски и оцени дека само со јасни стратешки определби за градењето на културните политики, можеме да го развиваме нашето културно наследство во една нова, конструктивна и креативна критичка перспектива, што е основата врз која се создава и актуелната, живата култура.


Статијата е прочитана 562 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско