Градското зеленило може да „исфилтрира“ одредени аерозагадувачи и да го намали нивното количество

Интервју со проф.д-р Никола Николов, редовен професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во кое зборува за состојбата со шумите во државата, за последиците од пожарите, нивното влијание на стакленичките гасови, за проблемот што го има Скопје со одржувањето и заштитата на постоечкото зеленило, неопходноста од систематско следење на здравствената состојба на градското зеленило во релација со аерозагадувањето, за постоењето генерално добра законска регулатива во Македонија, но која сепак, не се спроведува во пракса што придонесува за огромни и еколошки и економски штети

 

 

МАРИЛИ: Како експерт во областа на шумарството и заштита на шумите, а во пресрет на глобалната политика за спас на шумите на планетата, што беше фокус на светскиот самит за клима КОП26 во Глазгов, кажете ни кои се официјалните податоци за шумскиот фонд во нашата земја и каква е неговата распространетост околу поголемите градски центри? 

НИКОЛОВ: Според покриеноста на својата територија со шуми Македонија е малку над просекот на Европа, односно, околу 43проценти од територијата на Македонија е под шума. За жал, последната официјална инвентаризација на шумскиот фонд (според соответна методологија за таа цел) во Македонија е направена далечната 1977 година. Но, тоа не значи дека немаме податоци за шумите. Секако дека во последните осум децении перманентно и прецизно се собираат податоци за шумите кај нас, соответно на нашата постоечка регулатива. Таканаречената инвентаризација на шумите е специфична операција која, покрај националните статистики, периодично ја спроведува секоја држава користејќи соответна методологија за таа цел, меѓународно усогласена и усвоена.

Според податоците од проектот на FAO „TCPF Оценка на методологијата за спроведување на инвентар на шумите (TCP/MCD/3604)“, вкупната површина на шума, шумско земјиште и голини (проценета во 2017 година) изнесува 1.122.258 хектари, од кои 1.001.489 хектари се шума, 109.126 хектари шумско земјиште и 11.643 хектари се т.н. голини. Ова, генерално, е во согласност со официјалните податоци од Државниот завод за статистика, плановите за управување со шумите (ЈП „Македонски шуми“, други субјекти кои управуваат со шумите и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство). Најзастапени дрвни видови се дабот (околу 50%), буката (околу 30%) и борот (околу 8%). Околу 85 % од шумите се чисти и мешани лисјарски шуми, околу 9 % се чисти и мешани иглолисни шуми и околу 6 % се мешани лисјарски и иглолисни шуми. 

Што се однесува до нивната распространетост, покриеноста со шума на 8-те плански региони во Македонија се движи од 34,9 % покриеност во Пелагонискиот регион до 53,8 % во Југозападниот регион.

Генерално, сите поголеми градови во Македонија во својата поблиска околина имаат шумски површини, со исклучок на Велес и Штип чија непосредна околина не е така богата со шуми.

 

МАРИЛИ: Со оглед на ширењето на големите градови, особено на Скопје, колкав процент по глава на жител треба да отпаѓа на дрвја и зеленило, од аспект на намалување на загадувањето на воздухот? Колку со зелената маса во и околу урбаните средини се намалува загадувањето?

НИКОЛОВ: Постојат разни податоци за тоа, но според Светската Здравствена Организација за секој жител од поголемите градови потребно е да се обезбеди 9 квадратни метри зеленило. Но, тоа многу зависи од видот и состојбата на зеленилото, близината на шума или пошумувања до самиот град и т.н. Градот Скопје, во споредба со многу градови во Европа не е сиромашен со зеленило. Проблемот на Скопје е со одржувањето и заштитата на веќе постоечкото зеленило, но и непополнувањето со зеленило на поголеми голи простори низ градот. 

Зеленилото во градовите не може да го намали загадувањето на воздухот. Загадувањето единствено може да се намали со идентификација на изворите на загадување, намалување на загадувањето од истите или потполно спречување на емисиите. Градското зеленило, во зависност од видот, староста, густината и т.н. може да „исфилтрира“ одредени аерозагадувачи и да го намали нивното количество кое ќе дојде до блиските објекти. Кај енормните аерозагадувања, какво што е аерозагадувањето во Скопје, зеленилото нема да е од голема помош ако не се намалат емисите од аерозагадувачите (автомобили, индустриски постројки, градежништво, затоплувањето на индивидуалните живеалишта и сл.). 

 

МАРИЛИ: Дрвјата несомнено влијаат на намалување на аерозагадувањето. Но, како експерт за влијанието на аерозагадувањето и здравствената состојба на дрвјата, кажете ни колку и како загадениот воздух и климатските промени влијаат врз шумскиот фонд? Каква е состојбата во Македонија по ова прашање во однос на Европа и светот?

НИКОЛОВ: За разлика од поголем број земји во Европа, аерозагадувањето во Македонија речиси и да нема влијание на шумските комплекси. Но, за разлика од шумските комплекси, градското зеленило и дрвја трпат големи оштетувања (често и акутно се сушат) од аерозагадувањето. Токму заради ова во градот Скопје, но и во други градови низ државата, како што се Битола, Тетово и др., потребно е систематско следење на здравствената состојба на зеленилото во релација со аерозагадувањето и навремено преземање мерки за заштита.

Од друга страна, влијанието на климатските промени (особено намалените количини врнежи и високите температури на воздухот, односно сушните периоди и топлотни бранови) повеќе имаат влијание на шумските комплекси отколку на градското зеленило. Со предизвикување на т.н. стрес кај шумските видови дрвја и нивно физиолошко слабеење, климатските промени создаваат услови за развој на растителни болести и штетници кои доведуваат до оштетување и сушење на стеблата. Овој процес е долг, сложен и тежок за детерминирање. За среќа, Македонија долг период систематски ја прати здравствената состојба на шумите преку Извештајно дијагнозно прогнозната служба (ИДП служба) која е при Катедрата за заштита на шумите и дрвото на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, а е за потребите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Исто така, Факултетот ја прати здравствената состојба и преку т.н. ICP forest’s мрежа на биоиндикаторски точки, користејќи единствена методологија за цела Европа, САД и Канада. За среќа, освен во периодот на суша во последната декада од минатиот век, не се забележани сериозни здравствени промени на големи површини кај нашите шуми директно предизвикани од климатските промени, освен повремен развој на одредени инсекти и болести, на чија што појава им погодуваат климатските промени и нивното влијаие врз шумата. Но, според сценаријата за климатски промени во Македонија (според методологија усвоена од IPCC) ова во наредните децении ќе се промени и климатските проемни поинтензивно ќе влијаат врз здравствената состојба на шумата, во негативна смисла.

 

МАРИЛИ: Колкаво треба да биде пошумувањето годишно за да се следи природниот циклус, но и за да се зголеми шумската маса во Македонија?

НИКОЛОВ: Веќе спомнавме дека Македонија располага со околу 120.000 хектари шумско земјиште и голини. Освен редовните активности на шумарството, во склоп со нивните Посебни планови за стопанисување, со перманентно и успешно пошумување на овие површини Македонија ќе ги пошуми сите расположиви површини и ќе достигне пошуменост од над 50 проценти од нејзината територија. Во истовреме, треба да се води сметка за постоечките шумски ресурси, рационално и одржливо да се користат и максимално заштитат.

Тука не спаѓаат површините кои практично веќе транзитираат кон шума, а се напуштени земјоделски површини (ниви и пасишта). Официјално, според катастарот на земјиште тие се земјоделско земјиште, а во стварноста шума. Со нив процентот на територијата покриена со шума би бил уште поголем. 

 

МАРИЛИ: Со оглед дека Македонија минува низ топлотни бранови и во летниот период е погодена од пожари, како што беше и летово, имате ли официјални податоци за тоа колку шумски фонд е уништен досега и колкава штета е направена? Покрај економската, колкава е еколошката штета, колку се далекусежни еколошките последици од пожарите и колку време е потребно за да се обнови шумскиот фонд?

НИКОЛОВ: За жал, Македонија е земја во која шумските пожари се сѐ почеста појава. Во периодот од последните пет години (2017-2021), според податоците на ЈП Македонски шуми, просечниот број на шумски пожари годишно изнесувал 252, просечната годишна опожарена површина изнесувала околу  9.018 хектари и со просечна годишна штета од околу 16.800.000 евра (за гаснење, уништена дрвна маса и санација на пожариштата). Според истиот извор, само во 2021 година (до октомври), бројот на пожари изнесува 192, вкупната опожарена површина изнесувала околу 12.000 хектари со вкупна штета од околу 38.000.000 евра.

Покрај ова, со нивната зачестена појава (забрзан „пожарен режим“) пожарите негативно се одразуваат на биодиверзитет, процесите на ерозија и особините на почвата, а исто така, емитираат и големи количини на аерозагадувачи во атмосферата, вклучувајќи голем процент на стакленични гасови.

Периодот на обновување на опожарените површини зависи од видот и староста на изгорената шума, но, за да се разбере најлесно, колкава е староста на изгорената шума - најмалку толкав број години е потребен да се има „истата“ состојба, плус 5 до 10 години за процесот на санација на пожариштето (сеча на оштетените стебла, производство на садници, пошумување и нивна заштита 3-5 години). Така, за една изгорена 50-годишна борова шума, за нејзина обнова и достигнување на „истата“ состојба потребен е период од 50-60 години, под услов во меѓувреме да не се случи нов пожар или друго нарушување (од абиотска или биотска природа). 

 

МАРИЛИ: Во изминатите неколку години како последица на климатските промени шумските пожари едноставно проголтаа голем дел од шумите низ цел свет, зголемувајќи ги емисиите на стакленички гасови, па планетата се соочува со забрзано уништување на „белите дробови“. Кажете ни нешто повеќе околу тоа, какви се прогнозите?

НИКОЛОВ: Според Copernicus Atmosphere Monitoring Service на ЕУ, само од Северна Америка и Сибир во авугуст оваа година емисиите на СО2 од шумски пожари изнесувале 1.3 гигатони. Токму заради ова шумските пожари не се закана само како уништувачи на шумите (кои се долгорочен апсорбент на јаглеродот), туку тие се значаен извор на стакленички гасови на глобално ниво. Покрај ова, ако се земе во предвид и фактот дека годишно, на глобално ниво, горат околу 400 милиони хектари (шуми и савани), тогаш станува јасно со каков предизвик е соочено човештвото денес.

Во согласност со ова и последниот 6. IPCC извештај предупредува дека во наредните децении речиси насекаде низ светот треба да се очекува зголемување на бројот и јачината на шумските пожари во корелација со климатските промени.

 

МАРИЛИ: Какви се Вашите согледувања околу законската регулатива за заштита на шумите во Македонија, не само од пожари, туку и од други несакани дејствија, како на пример од непланско сечење?

НИКОЛОВ: Законската регулатива која Македонија во моментов ја има во однос на заштитата на шумите генерално е добра, со одредени исклучоци и е усогласена со регулативите на земјите членки на Европската Унија. Еден од недостатоците, според мене, е потребното образование за одредени работни места. На пример, за генерален директор на ЈП Национални шуми и раководител на подружница не би требало да биде лице што не е инженер по шумарство, или шумски полицаец ако не е инженер по шумарство или шумарски техничар.

Следниот голем проблем е неспроведувањето на законската регулатива во праксата, особено во однос на спречување на бесправната сеча (кражба на дрва). Таа во моментов е во ранг на организиран криминал, а сумите пари што се вртат на годишно ниво во оваа незаконска дејност се проценуваат меѓу 20 и 30 милиони евра. Со оглед на енергетската криза што ни претстои, ова може да се интензивира.

И на крај, голем проблем е и неоткривањето и неказнувањето на предизвикувачите (намерно или од небрежност) на шумските пожари.

 

МАРИЛИ: По самитот во Глазгов, каде беше присутна и Македонија, Хрватска се обврза дека нема да има сечење на шумите во земјата и дека ќе се садат по еден милион садници годишно до 2030 година. Што ние преземаме? Пред неколку години во Македонија беа спроведувани масовни акции за пошумување и засадување нови садници „Засади дрво, засади ја својата иднина“. Какви резултати дадоа овие акции и дали пошумувањето беше правилно спроведувано за да биде успешно? 

НИКОЛОВ: Како што веќе кажав, Македонија располага со околу 120.000 хектари површини за пошумување. Исто така, располагаме со поголем број расадници за производство на садници и со стручен кадар. Бројот од еден милион садници годишно засадени е далеку под она што ние успешно сме го правеле во минатото, односно, до средината на девеесетите години од минатиот век. Акцијата „Засади дрво, засади ја својата иднина“ мислам дека беше добра идеја, но резултатите изостанаа заради нејзиното нестручно изведување. По мое мислење, шумарската струка не беше оставена таа да го води овој процес, користејќи ги своите искуства, знаења и капацитети. Јас би бил задоволен и среќен ако во наредниот период му се овозможи на нашето шумарство да врши пошумување на горе спомнатите површини со динамика од минимум 5.000 хелтари годишно ( тоа е приближно површината на планината Водно).

 

МАРИЛИ: Како стручњак колку често сте консултирани за проблемите со шумите и дали сметате дека е потребно да се формира посебно експертско тело за заштита на шумскиот фонд во земјава?

НИКОЛОВ: Не можам да кажам дека не сум бил консултиран, но повеќето од тоа било на колегијална основа отколку на организирана институционална. Исто така, мислењата или сугестиите што биле дадени монгу ретко биле прифатени и применети. За жал, експертите од одредени области, не само во шумарството, кај нас не се ценат и користат доволно.

Не би рекол дека има потреба од посебно експертско тело, туку има потреба од подобра и поблиска соработка меѓу трите носечки институции во шумарството: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ и Ј.П. Македонски шуми. 

 

МАРИЛИ: Колку е важно богатството со шуми и за земјоделското земјиште, со оглед дека Македонија е поднебје за одгледување бројни земјоделски култури и производство на храна?

НИКОЛОВ: Функцијата на регулатори на подземните и површинските води што ја имаат шумите, секако е од исклучително значење за земјоделието. Впрочем, тоа се истакнува и во сите четири Национални комуникации на Македонија кон климатските промени. 

 

МАРИЛИ: Ние како држава како да ја изгубивме културата и односот кон природата. Дали, според Вас, треба нешто да се менува во образовниот процес и од најмала возраст да се учат децата на толеранција и да ја чуваат и почитуваат природата?

НИКОЛОВ: Нашите баби и дедовци начинот на живот во кој растеле (во постојан допир со природата) ги научил дека тие се дел од природата и како да живеат во и со неа. Денес, голем дел од човештвото себеси се перципира како нешто што е надвор од природата и она што се случува со неа не е поврзано со него. Образованието треба да го промени ова, треба повторно да ги научи младите дека ние сме дел од природата и таа е дел од нас, а се што се случува во и на неа има влијание (позитивно или негативно) на нас. Кога тоа ќе се сфати, тогаш нема ништо поприродно од тоа да го сакате она што е дел од вас и вие дел од него и, исто така да сакате да го заштитите.

 


Статијата е прочитана 1004 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско