Потребно е да се следат глобалните трендови и паметно да се инвестираат парите
Интервју со Пенка Мукаетова, основач и генерален менаџер на „Консалтинг Интер Груп“ во кое зборува за тоа како е да се работи во услови на пандемија, за улогата и придонесот на компанијата во обезбедувањето средства за фирмите за полесно справување со кризата со Ковид-19, но и за тоа колку посветеност и едукација се потребни за континуирано успешно да се менаџира во сопствен приватен бизнис и колку личниот пример го поттикнува женското менаџерство во општеството
МАРИЛИ: Со што се занимава „Консалтинг Интер Груп“ и од кога постои?
МУКАЕТОВА: Годинава „Консалтинг Интер Груп“ слави 10 години од своето постоење. Тоа е консултантска компанија, специјализирана за деловно и корпоративно право, со докажана експертиза од областа на правен и економски консалтинг. Акредитиран финансиски фасилитатор од УСАИД за полесен пристап до финансии за микро, мали и средни компании, како и официјален советник генералист пред Агенцијата за претприемаштво на Република Северна Македонија.
МАРИЛИ: Како е да се работи во услови на пандемијата со Ковид-19, кои се дополнителните напори што се вложуваат во ваков период и како оваа состојба се одразува врз Вашата дејност?
МУКАЕТОВА: Имајќи превид дека кризата најмногу ја почувствуваа микро, малите и средните компании, кои се столб на нашата економија, како консултанти имавме улога во обезбедувањето полесен пристап до финансии за МСП (малите и средните претпријатија), успеавме да дадеме значителен придонес во обезбедувањето средства за самите компании за полесно справување со кризата. Најмногу преку јавните повици што беа достапни, како и преку советодавни решенија за побрза дигитализација и примена на технологијата, како и насочувајќи ги во делот на подобрување на дигиталните вештини, со цел да ја зголемат конкурентноста и полесно и побрзо да се приспособат кон новиот начин на функционирање.
Најмногу проблеми со кои се соочија компаниите се одржувањето на ликвидноста, нефункционалните институции, сивата економија што зема сѐ поголем замав во последниот период, како и селективната правда што ја има државата во однос на владеењето на правото. Во ера на иновативно претприемаштво многу е нормално инвестициите во најголем дел да бидат во технологијата и дигитализацијата, како и во комплетно реструктуирање на работењето. Потребно е да се следат глобалните трендови, да се искористат сите пристапни средства што им се на располагање преку фондовите и финансиските институции, да побараат поддршка од консултантските куќи и паметно да ги инвестираат своите пари.
МАРИЛИ: Во кој домен и на кои странски пазари сте присутни или планирате да бидете во иднина?
МУКАЕТОВА: Преку програмите што ги работи „Консалтинг Интер Груп“ е присутна на повеќе пазари надвор од нашата земја, во смисла на привлекување странски инвеститори што сакаат да инвестираат кај нас, имајќи ги предвид погодностите што државата им ги дава на самите инвеститори. Тука покажавме значителни резултати кај неколку инвеститори што дошле и инвестирале кај нас, а нашата компанија им ја правеше целата развојна бизнис-стратегија.
МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира во сопствен приватен бизнис, колку посветеност и едукација се потребни за тоа?
МУКАЕТОВА: Ниеден успех не доаѓа преку ноќ ниту, пак, е можно континуирано да се биде успешен доколку не се работи посветено, доколку не бидете истрајни и со ладна глава ги прифатите сите предизвици што ќе се појават на патот. Постојаното усовршување и стекнување нови знаења и вештини преку најразлични програми и едукации, како мене, така и мојот тим нѐ донесе до нивото до кое сме дојдени денес.
МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?
МУКАЕТОВА: Како консултантска компанија што работи на промоција и поддршка на женското претприемаштво сме основале многу компании што се во сопственост на жени или се управувани од жени. Преку многубројните менторски програми преку кои бев вклучена како менторка за развој на бизниси предводени од жени имаме дадено значителен придонес во делот на будење на свеста и охрабрување на жените да започнат сопствен бизнис, како и нашата континуирана поддршка во развојот на нивните бизнииси. Исто така, и преку програмите за финансирање им помагаме да имаат полесен пристап до финансии, како за започнување, така и за градење на самите бизниси. Токму поради тоа подготвуваме и „Прирачник за претприемаштво“ со акцент на женското претприемаштво, од причина што преку долгогодишното искуство со работа со жени точно сме ги лоцирале проблемите и стравовите со кои се соочуваат, како и минималната поддршка што ја имаат од општеството и од средината поради што и се плашат да започнат сопствен бизнис.
Статијата е прочитана 1266 пати.