Во вонредни услови „Хилтон“ со највисоки стандарди и со дополнителни протоколи

Интервју со Даниела Адемоска, сопственик и извршен директор на хотелот Double Тree by Hilton – Скопје во кое зборува за тоа дека со успешно спроведените насоки и протоколи за работа во услови на пандемија хотелот се најде на светската листа на хотели што ги исполнуваат највисоките светски стандарди за безбедност во деловите каде што престојуваат гостите, но и каде што се подготвува храната, појаснува што подразбира управувањето со семејни бизниси од различни дејности, говори за тоа колку личниот пример на успешна жена го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското лидерство во нашата земја и за потребата поддршката меѓу жените во бизнисот да биде составен дел од бизнис-културата

 

 

МАРИЛИ: Како сопственик и извршен директор во повеќе ваши компании, меѓу кои секако и на хотелот Double Тree by Hilton - Скопје кажете ни како еден светски хотелски бренд се справува со вонредни состојби, како што е кризата со коронавирусот, дали добивате посебни насоки за функционирање во вакви услови и по што се разликува работењето пред и за време на пандемијата? 

АДЕМОСКА: Кризата со коронавирусот силно ги погоди речиси сите економски сектори, при што хотелската индустрија е една од неколкуте што се соочија со најсилни удари, а последиците ќе се чувствуваат уште долго време. Кризата нѐ изненади сите и нѐ принуди буквално преку ноќ да го смениме начинот на размислување, функционирање, како и да поставиме нови приоритети во секојдневјето. Но она што кризата не успеа да го смени во работењето на нашиот хотел DoubleTree by Hilton - Скопје е работењето по највисоки светски стандарди и безбедносни протоколи. Кога сте дел од најмоќната светска хотелска групација „Хилтон“, ништо не е оставено на случајност. Грижата за безбедноста на гостите и овозможувањето највисоки стандарди на сервис и услуга отсекогаш биле главни начела по кои се водат сите хотелски капацитети што се дел од овој бренд. Насоките од брендот „Хилтон“ беа и во вонредни услови да се задржат највисоките стандарди на работење, со воведување дополнителни безбедносни протоколи како што налага состојбата во пандемија. И со гордост можам да кажам дека DoubleTree by Hilton - Скопје целосно и успешно ги спроведе тие насоки и протоколи, со што се најде на светската листа на хотели што ги исполнуваат највисоките светски стандарди за безбедност во деловите каде што престојуваат гостите, но и каде што се подготвува храната. 

 

МАРИЛИ: Во рамките на Вашиот семеен бизнис опстојуваат различни дејности, па дали и колку ваквата поставеност Ви помага полесно да ја надминете кризата во хотелиерството?

АДЕМОСКА: Постоењето на повеќе семејни бизниси од различни дејности секако дека е огромна поддршка не само во кризни моменти, но од друга страна носи и огромна одговорност бидејќи директно сте одговорни за стотици вработени и нивните семејства. Во услови на светска криза вие не се борите само за опстанок на сопствениот бизнис и семејство, туку и за стотиците семејства на вработените. Потребни се огромно знаење, искуство, вложување многу големи финансиски средства, труд и упорност за да може да се менаџира таква ситуација. Управувањето со семејни бизниси од различни дејности подразбира менаџирање исто како во рамките на едно семејство, но основно правило во бизнисот е во такви ситуации емоците и личниот момент да се остават настрана и да се изнајде најдобриот начин за надминување на тешкотиите. И не може секој да се носи со тој голем товар. Тоа што сум повеќе од 20 години во менаџерството управувајќи со најразлични бизниси ми помогна да се изградам во личност што успешно се носи со сите наметнати предизвици. Хотелиерството не е во криза само во Македонија туку во целиот свет, но успешните бизниси што ги изградивме во изминатите дваесетина години се стабилна основа за натамошен раст и развој на сѐ она што го работиме. Заедно со мојот сопруг и со целиот тим успеваме да ги пребродиме сите тешкотии, а во исто време да ги задржиме највисоките стандарди и врвната услуга.

 

МАРИЛИ: Вие управувате со различни бизниси повеќе од 20 години. Што значи континуирано успешно да се менаџира толку долг период?

АДЕМОСКА: Од досегашното искуство научив дека добар менаџер е оној што мудро и без вишок емоции донесува одлуки и ги решава проблемите. Научив дека за да се биде успешен менаџер потребно е многу лично и професионално вложување, безброј поминати часови во планирање, осмислување, реализација, внимавање на сите детали. Воопшто не е лесно, но по природа сум перфекционист, личност што никогаш не се задоволува со површност и инстант решенија, туку внимавам и на најситниот детаљ во процесот на создавање. Многупати досега сум истакнала дека ако знаете што сакате, ќе најдете начин како да го остварите тоа. Отсекогаш сум си поставувала високи цели до кои доаѓам со многу труд, учење и надградување. Мудроста и стабилноста во менаџирањето доаѓаат со годините што сте ги поминале во бизнисот, но сметам дека во текот на годините до перфекција ја усовршив способноста да го селектирам вистинскиот тим до мене врз кој може да се потпрам во секое време и во кој имам безгранична доверба. Тоа е тајната на долгорочниот успех. 

 

МАРИЛИ: Дали сметате дека личниот пример на успешна жена – директор го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство, претприемаштво и лидерство во нашата земја?

АДЕМОСКА: Лично не сакам поделби на мажи и жени менаџери, на мажи и жени извршни директори. За мене постојат успешни и помалку успешни лидери на еден тим, при што, поаѓајќи од личното искуство, полот е најмалку важна карактеристика. На тоа ги учам и моите две деца, синот и ќерката, кои уште од рана возраст имаа можност да гледаат како напорно работат двајцата нивни родители за да ги развијат семејните бизниси. Се надевам дека јас сум пример за моите деца дека со многу упорност и труд, но и со јасна визија за тоа што сакаат да постигнат може секогаш да ги остварат зацртаните цели. Сепак, поделбата на менаџерството, претприемаштвото и лидерството на машко и женско е реалност не само кај нас туку и во целиот свет. Затоа сметам дека поддршката меѓу жените во бизнисот треба да е составен дел од бизнис-културата и дополнителен поттик за кариерниот развој на секој поединец.

 


Статијата е прочитана 1800 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско