Македонските вина се вистински амбасадор на државата во светот

Интервју со Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ во кое говори за тоа што е се направено откако е тој на чело на компанијата и какви промени се воведени за вината на „Тиквеш“ денес да станат светски бренд, за бројните награди што ги добиваат флашираните вина „Тиквеш“, особено оние од премиум сегментот, за вината произведени во винарницата „Châteaux de Gourdon“ во Франција, која во 2018 година стана дел од „Тиквеш“, за предизвиците со кои се соочувал во текот на својот долгогодишен професионален ангажман, но и за плановите за во иднина и желбата „Тиквеш“ да стане прва зелена винарница на овие простори што своето работење ќе го базира врз користење енергија од обновливи извори

 

МАРИЛИ: Веќе 135 години винарската визба „Тиквеш“ е симбол на вековната винска традиција во Македонија и има огромен удел во создавањето, негувањето и во промоцијата на таа традиција во земјата и ширум светот. Накратко кажете ни од кога сте на чело на компанијата и какви промени воведовте за вината на „Тиквеш“ денес да станат светски бренд? 

ЈАНЕВСКИ: Трансформацијата на винарската визба „Тиквеш“ ја започнавме во 2003 година, кога нашата инвестициска група „М6“ стана мнозински сопственик. Таа се состоеше во темелно менување на стратегијата на производство и развој на брендот, фокусирајќи се на производство на висококвалитетно вино во шишиња, постепено напуштајќи го пристапот на производство на големи количини наливно вино што се продава на странските пазари по многу ниски цени.

За остварување на оваа цел беа неопходни интензивни инвестиции во сите области на производството и работењето на компанијата. Од 2003 година досега инвестиравме повеќе од 40 милиони евра во нова, најсовремена технологија и опрема за производство на висококвалитетно вино, во лозови насади и примена на модерни агротехнички мерки за одгледување на грозјето, во едукација и техничка поддршка на нашите кооперанти – лозарите, како и во развој на кадри и професионално надградување на вработените во компанијата, но и во промоција на нашите вина на странски пазари. 

Овие инвестиции, како и вложениот труд и експертиза на целиот тим резултираа со унапредување на квалитетот на сите вина и проширување на портфолиото на „Тиквеш“ со нови вина, особено во премиум сегментот. Денес „Тиквеш“ веќе не продава наливно вино, а нашите флаширани вина, особено оние од премиум сегментот, стојат рамо до рамо со најквалитетните вина од цел свет и секоја година добиваат над 50 високи награди и специјални признанија на реномирани меѓународни натпревари. Дополнително, тие се признаени и од светски познати вински критичари како вина со исклучителен карактер и квалитет. Не е едноставна задача да се одржува континуирано висок квалитет на толку широко портфолио на вина. Винските познавачи се свесни за тоа и затоа нашето реноме постојано расте на меѓународната сцена. Дури можам да кажам дека, за жал, ваквите напори повеќе се препознаваат надвор од нашата земја отколку тука, кај нас.

Исто така, во портфолиото на „Тиквеш“ се вклучени и вина произведени во винарницата „Châteaux de Gourdon“ во Франција, која во 2018 година стана дел од „Тиквеш“, со што се проширивме и надвор од границите на нашата земја и направивме голем чекор кон сѐ поголемо етаблирање и присуство на брендот на глобално ниво. Со тоа значително напредувавме во остварувањето на намерата „Тиквеш“ да биде значаен фактор во светската винска индустрија.

 

МАРИЛИ: Освен одличното поднебје за производство на високо квалитетно сортно вино, колку се важни инвестициите, современиот маркетинг и промоција за да може брендот да излезе надвор од границите на нашата држава?

ЈАНЕВСКИ: Поволните климатски услови на поднебјето се основа за развој на винската индустрија и за производство на висококвалитетно вино. Но не се доволни за успех и за пробив на странски пазари. Винарството е исклучително високо конкурентна индустрија во светски рамки и неопходни се огромни инвестиции во промоција на брендот и, пред сѐ, на земјата како производител на квалитетни вина. Промоцијата на сопствениот бренд и сопствените вина секако е задача на секоја винарница поединечно, но, исто така, заеднички, винарниците и релевантните институции мора систематски и стратегиски да работат и да вложуваат во препознатливоста на земјата и на регионот. Преку здружението „Вина од Македонија“, ние активно работиме на градење на имиџот на Македонија како производител на квалитетно вино и реализираме низа проекти во соработка со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а соработуваме и со здруженија и винарници од регионот, при што сме поддржани од странски фондови и донатори. 

Ваквите активности се особено значајни за промоција на целата наша винарска индустрија. Како пример би сакал да го истакнам „Светскиот ден на вранецот“ што претставуваше иницијатива за популаризацијата на оваа сорта и позиционирање на целиот Балкански Регион како производител на вина од оваа сорта. Иницијативата за формирање Балканска винска мрежа би требало дополнително да ги поттикне и другите држави да се вклучат во остварувањето на оваа цел. На ваков начин многу полесно ќе биде да се избориме за препознатливост во светот и да бидеме ценети како регион отколку поединечно. Со 1,8 милиони тони вино годишно Балканот е на петто место во светот, веднаш зад најголемите земји производители на вино - Италија, Франција, Шпанија и САД. Поради тоа, здружените активности за промоција на вината и препознатливите сорти од Балканот се од огромно значење.

 

МАРИЛИ: Вината на „Тиквеш“ се македонски бренд и освојуваат награди на меѓународни натпревари. Според Вашето долгогодишно искуство, дали сметате дека македонското вино може да се носи рамо до рамо со светски познати вина според квалитетот? Каде се наоѓа винарската индустрија на Македонија во пошироки рамки, односно со каков потенцијал располагаме? 

ЈАНЕВСКИ: Независно од тоа што ние го мислиме за потенцијалот на македонските вина во однос на квалитетот, високите награди што тие ги освојуваат на угледни интернационални вински натпревари се објективна и независна потврда за нивниот врвен квалитет што ја добиваат од експертите. Македонските вина се единствен вистински амбасадор на државата во светот. Она на што треба понатаму повеќе да се работи е градењето на имиџот на македонското вино и препознатливоста на Македонија како производител на врвни вина. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбедува поддршка за меѓународна промоција од околу 200 до 300 илјади евра, но, споредено со Србија, која усвои стратегија за развој на винарството и вложува 3,5 милиони евра за интернационална промоција, нашите средства изгледаат минорни. Значи, мора да решиме да станеме глобано позната винска земја и соодветно да ги димензионираме средствата што се неопходни за остварување на оваа цел.

Мислам дека вранецот како исклучително квалитетна локална сорта, па и темјаниката од белите вински сорти, имаат најголема перспектива за успех во градењето на таа препознатливост на странските пазари. Ние треба да се издигнеме како регион познат по производство на вранец и секогаш кога некој ќе сака да пие вино од оваа сорта, да помисли на овој регион, слично како кога станува збор за малбек, автоматски помислуваме на Аргентина или на Нов Зеланд за „совињон блан“.

 

МАРИЛИ: Се вели дека зад секоја успешна приказна стои успешен тим. Сепак, несомнено клучен фактор за успех на една компанија е лидерството. Според Вашето мислење, колку е важна улогата на лидерите во компаниите? Што значи да се биде успешен менаџер и што Вие, од позиција на докажан успешен менаџер, би им препорачале на помладите бизнисмени?

ЈАНЕВСКИ: Лидерот има големо влијание врз успехот и имиџот на организацијата што ја раководи. Можеби тоа најдобро се илустрира доколку ги анализираме лидерите на одредени земји. Погледнете ги САД или Германија. Исто е и со компаниите. Лидерот на компанијата ја наметнува целокупната политика на работење, има огромно влијание врз организациската култура и мотивацијата на вработените. Но тој сам не може да постигне сѐ и затоа е многу важно да изгради тим со кој ќе имаат заемна доверба. Единствено преку тимска работа се постигнува и високо ниво на припадност на сите вработени во компанијата, а тоа придонесува за поголема продуктивност. Му припаѓаме на медитеранскиот менталитет, при што луѓето се научени и очекуваат некој да се грижи за нив, па затоа треба на различни начини да се покаже грижата за вработените. Почнувајќи од визионерството и решителноста во планирањето и спроведувањето на активностите до практикувањето на етички принципи во работењето и човечки пристап во релациите.

 

МАРИЛИ: Во текот на Вашиот долг и богат професионален ангажман сте се среќавале со разни предизвици. Дали кризата со Ковид-19 е еден од најголемите предизвици со кои сте се соочиле и колку визионерството Ви помогна во надминувањето на проблемите?

ЈАНЕВСКИ: Генерацијата на која ѝ припаѓам се соочи со многу промени. Ние живеевме во една друга, поголема држава што се распадна пред наши очи. Не бевме подготвени за тоа, а дополнително економијата претрпи огромни промени. Одеднаш исчезна пазарот што дотогаш постоеше и на кој работевме и се градевме. Слично е и со кризата со Ковид-19 што донесе многу нови предизвици, а истовремено отвори нови можности за кои треба брзо да се реагира. Се разбира, претходното искуство е многу корисно во вакви времиња. Со почетокот на пандемијата стана јасно дека промените што претстојат негативно ќе влијаат врз нашиот бизнис. Уште на почетокот на кризата за само два месеца имавме пад на продажбата од 50 отсто. И покрај катастрофалните резултати, наша одлука беше да не отпуштаме вработени, ниту, пак, да ги намалуваме платите затоа што сме свесни дека треба да останеме во кондиција и нашата винарница да продолжи да се развива откако ќе помине кризата. Менаџментот презема целосна одговорност и водечка улога во барањето нови можности. Со затворањето на сегментот ХОРЕКА, се фокусиравме на пронаоѓањето нови модели за продажба што треба да ни овозможат да ја задржиме нашата стабилност. 

 

МАРИЛИ: Ви останаа ли некои желби неостварени, какви се Вашите планови за во иднина?

ЈАНЕВСКИ: Јас секогаш велам дека човек треба да има страст за тоа што го работи и таа страст е двигател постојано да се бараат нови можности, нови проекти, нови идеи. Имам енергија и желба да остварам нови проекти во рамките на „Тиквеш“. Еден од нив е и проектот „Тиквеш“ да стане прва зелена винарница на овие простори што своето работење ќе го базира врз користење енергија од обновливи извори.

Исто така, постојано сме во потрага по иницијативи што ќе ни овозможат да напредуваме во светски рамки, да се шириме надвор од границите на нашата земја и да го етаблираме македонското вино на глобално ниво. Ќе продолжиме да инвестираме средства и труд во остварувањето на овие цели.


Статијата е прочитана 1735 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско