Дигиталната револуција почна пред „новото нормално“, но дефинитивно е тука за да остане

Интервју со Ленче Карпузовска, менаџер за комуникации во ЕВН Македонија во кое објаснува на кој начин компанијата се прилагоди на промената на условите на работа наметната од пандемијата, зборува за поддршката од 300.000 евра што компанијата ја даде на здравствениот систем и вклучувањето во хуманитарни акции за помош со храна, заштитни и хигиенски средства за најзагрозените категории граѓани, како и за проектите што ги спроведува ЕВН Македонија за полова еднаквост во енергетскиот сектор

 

МАРИЛИ: Госпоѓо Карпузовска, кажете ни кои се активностите што Вашиот оддел активно ги презема во услови на криза со Ковид-19 што го отежнува работењето и во енергетскиот сектор?

КАРПУЗОВСКА: Во време на пандемија светот драматично се смени на еден уникатен начин, дигитализацијата наметна нов начин на работа, а најголема придобивка е тоа што луѓето станаа отворени кон новите комуникациски технологии. Дигиталната револуција почна пред неколку години, но дефинитивно таа е тука за да остане и да се развива, компаниите да се движат брзо, а секој вработен да биде подготвен да учествува во таа нова средина. Процесот на дигитализација и во ЕВН започна многу порано од кризата со Ковид-19, а „новото нормално“ само ги интензивираше заложбите на компанијата во тој правец. Имплементиравме различни дигитални промени со цел да ги заштитиме и вработените и корисниците и соработниците.

Па, така, нашата долгорочна стратегија за унапредување на дигиталните алатки се забрза и доби подобрени верзии на онлајн-услугите. Уште на самиот почеток на кризата, во најкраток можен рок воведовме две нови онлајн-услуги со цел да се избегне физички контакт меѓу вработените и корисниците: пријавување на состојба на бројач и плаќање и барање за повторен приклучок. Во тој критичен период активно го промовиравме решението за потребите што корисниците дотогаш ги реализирале во банка, пошта или во канцелариите на ЕВН. Секако, се подобрија и верзиите за плаќање онлајн, а се воведе и вибер-комуникација за одредени услуги. За сето тоа да биде поедноставно, подготвивме и продуциравме мултимедијални содржини наменети за едукација на корисниците за користење на нашите онлајн- услуги.

Интерно, имаме интензивна комуникација меѓу вработените за сите чекори што ги преземаме како компанија, од актуелна состојба, препораки, до вонредни активности, користејќи ги сите дигитални интерни канали на комуникација. Покрај е-пораки и интранет, воведени се и брзи комуникациски канали како СМС и вибер за сите вработени, односно се дигитализираше целокупната интерна комуникација. Ова секако е континуиран процес во кој и понатаму ќе се развиваат нови сервиси што ќе го зајакнуваат односот компанија-корисници.  

 

МАРИЛИ: Како дејствуваше ЕВН Македонија како општествено одговорна компанија во заедницата за полесно справување со епидемијата?

КАРПУЗОВСКА: Во услови на криза целиот овој период е голем предизвик, како за секој поединец, така и за компаниите. Со пренамена на 300.000 евра се обидовме да му дадеме поддршка на здравствениот систем можеби во најтешките моменти во историјата. Преку невладини организации се вклучивме во хуманитарни акции за помош со храна, заштитни и хигиенски средства наменети за најзагрозените категории граѓани. Но не застануваме тука, ќе продолжиме да помагаме таму каде што е најпотребно во согласност со можностите. Секако и заштитата на нашите вработени и корисници е приоритет на ЕВН Македонија, не само во справувањето со кризата, туку и како стратегиска определба. А во таа насока компанијата го засили својот ангажман со воведување работа од дома, работа во смени и во ротирачки тимски групи, обезбедување заштитни средства за сите вработени, интерни и екстерни онлај-состаноци, како и целосно дигитализирање на документацијата што се користи при сите услуги со корисниците, со цел да се избегне физички контакт. Новата платформа за набавки, исто така, овозможи сите процеси да се завршат електронски, од документација до одобрување и одлука.

 

МАРИЛИ: Што значи континуирано успешно да се менаџира во странска компанија како што е ЕВН, колку знаење, посветеност и постојана надградба се потребни за да се одговори на поставените задачи?

КАРПУЗОВСКА: Успешното менаџирање во секоја компанија, па и во ЕВН, подразбира да се поседува концепциска вештина, со соодветно знаење, голема посветеност, но и постојана надградба за следење на новите текови. ЕВН е компанија што го вреднува знаењето, ја наградува посветеноста и дава големи можности за развој и надградба на сите вработени, не само на менаџерите. Не може да си успешен менаџер ако тимот вработени не напредува паралелно со менаџментот, а и обратно.

 

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер. Дали сметате дека личниот пример го поттикнува градењето на кариерата на жените и на женското менаџерство во општеството?

КАРПУЗОВСКА: Во нашата држава нема законски препреки ниту, пак, социјални условувања за една жена да има водечка улога во деловниот свет или, генерално, во општеството. Всушност, тоа зависи од самата жена индивидуално, колку е таа подготвена да се охрабри и да се качи на пиедестал бидејќи колку што повисоко сте на врвот, толку е поголема публиката што ќе ви мери сѐ што правите или зборувате. Оттука, сметам дека понекогаш жената во општеството ја сака својата комфорна зона токму поради тоа да не биде на удар на јавноста или на соработниците. Често жената менаџер работи во средина што е опкружена со мажи и на некој начин нивната лидерска поставеност може да е поткопана, па мора постојано да се потсетува дека оваа улога ѝ е заслужена, а не подарена. Во основа, јас верувам во индивидуалните амбиции и способноста на секој човек да го постигне тоа што го смета за своја цел, без оглед дали е маж или жена. Секако полот има одредени детерминанти, но тоа се само нијанси на патот до успехот. Ги поддржувам сите облици на соработка и поттикнување на помладите жени во светот на бизнисот. Сакам да ги поттикнувам младите со лично стекната мудрост. И компанијата во која работам нуди еднакви можности за сите што сакаат да работат и да преземат одговорност. За тоа зборува и фактот дека во компанија што се перципира како „машка“ поради дејноста, на менаџерски позиции има многу жени што успешно ги водат своите сектори. Дополнително, ЕВН Македонија спроведува проекти за полова еднаквост во енергетскиот сектор што поттикнуваат учество на жените во компанијата и на позиции што се претежно „машки“. Оттука, компанијата во овој сегмент е пример за уривање на табуата и стереотипите за „машки/женски“ професии.

 


Статијата е прочитана 2227 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско