Интернационалниот успех бара стратегија и одлучност во преземањето ризик за вложување на меѓународни пазари

Интервју со Тања Евросимовска, основач и директор на „Матрона Конс“ консалтинг компанија за развој на бизниси, стратешки менџмент и промоција на извоз на странски пазари во кое ја објаснува неминовноста од интернационализација на работењето и на малите и средни претпријатија, зборува за тоа што е најважно за настап на глобален пазар, за соработката со здруженија, агенции и асоцијации со цел да се олесни пристапот на македонските компании до услугите на светски познатата консултантска компанија RGX, за предизвикот да се насочи кон консалтинг којшто отвора нови надворешни пазари

 

 

МАРИЛИ: Почитувана госпоѓо Евросимовска, Вие сте основач на компанијата „Матрона Конс“ која е релативно нова на нашиот пазар. Кажете ни поточно кога е формирана и со што се занимава?

ЕВРОСИМОВСКА: „Матрона Конс“ е активна од 2016 година на полето за развој на бизниси, процеси, производи и услуги, стратешки менаџмент, како и промоција на извоз на компании на меѓународните пазари. Компанијата е застапник на повеќе странски компании за регионот, како што е и RGX, светски позната консултантска компанија која работи со мали и средни претпријатија со цел нивно проширување и интернационализација. RGX има искуство со повеќе од 180.000 компании, 700 комори, здруженија и асоцијации, како и со големи мултинационални корпорации, како Mastercard, Visa, American Airlines, Google, Cisco, итн. во проекти за интернационализација на мали и средни компании.

МАРИЛИ: Од каде идејата за ваков вид консалтинг компанија и колку во услови на ковид-криза таа може да им помогне на домашните извозно ориентирани фирми?

ЕВРОСИМОВСКА: Денес, малите и средни претпријатија се клучен двигател на економскиот развој и имаат значајно учество во бруто домашниот производ, креирањето работни места и извозот. Во ЕУ над 97% од вкупниот број претпријатија припаѓаат на малите и средни претпријатија. Бидејќи сите бизниси се под влијанието на глобализацијата, се наметнува потребата од интернационализација на работењето и на малите и средни претпријатија со цел настап на глобален пазар и обезбедување на конкурентноста.

За да се успее во интернационализацијата мора да се вложи многу голем напор, добра стратегија и одлучност во преземањето на ризикот од вложување на меѓународни пазари. За таа причина постоиме ние! За компаниите да го намалат тој ризик и полека да се пробиваат на новите пазари, без да вложуваат големи суми и да го ризикуваат својот бизнис.

МАРИЛИ: Со оглед на пандемијата, дали организирате виртуелни онлајн состаноци помеѓу продавачите и потенцијалните купувачи?

ЕВРОСИМОВСКА: Да, сите активности и организација на состаноци помеѓу продавачите и потенцијалните купувачи се префрлени онлајн, бидејќи можностите за патување се навистина мали и ризикот е голем. Во моментов е најбитно да се грижиме за нашето здравје и да се обидеме да се заштитиме на секаков начин. Организацијата на онлајн состаноците оди одлично, понекогаш ни е полесно да закажеме онлајн состанок отколку состанок со физичко присуство.

МАРИЛИ: Дали направивте анализа на компаниите во Македонија и дали имате приоритетни сектори каде Вашиот консалтинг е најпотребен?

ЕВРОСМОВСКА: Да, пред започнување со промоција на услугите изготвивме анализи на повеќе индустрии во Македонија и многу индустрии се доста интересни и услугите кои ги нудиме можат да им помогнат во промоција, зголемување на извозот или во проширување на продажбата и пронаоѓање купувачи на нивните производи. Зголемувањето на извозот е многу битен фактор за зголемување и на македонската економија во овие тешки времиња, и секако, се надеваме дека и државните институции ќе ги поддржат компаниите во нивните аспирации за нови пазари.

Со цел да се олесни пристапот на македонските компании до услугите на RGX започнавме со соработка со здруженија, агенции и асоцијации, а и со ова интервју започнуваме соработка и со вашиот клуб. На пример, потпишавме договор за соработка со Стопанска комора на Македонија, и заеднички организиравме вебинар на тема: КАКО ДО ИЗВОЗ ВО ВРЕМЕ НА COVID19? На вебинарот македонските компании имаа можност да го слушнат предавањето на Хосеп Бертран (Josep Bertrán), меѓународен експерт и професор по меѓународен маркетинг на Универзитетот во Барселона и Тара Суливан (Tara Sullivan) консултант за комуникација на Аргентинската агенција за промоција на странски инвестиции и Министерството за надворешни работи. Вебинарот помина одлично и во рамките на предавањето експертите дадоа одговор на македонските компании како да се најдат нови пазари и како да се привлечат нови клиенти во време на новото нормално, кои се промените во логистиката за испорака и дистрибуција во ЕУ и што треба македонските компании да направат за успешно да извезуваат. Исто така, беа споменати искуства како да се бараат нови добавувачи и кои се критериумите за нивно избирање, како и влијанието на веб страниците на извозниците, но и многу други препораки за македонските извозници засновани врз однесувањето на американските извозници. Пазарите на ЕУ и Америка беа разгледувани.

МАРИЛИ: Конкретно, низ кои етапи поминуваат малите и средни компании кои ви се обраќаат за да им помогнете во изнаоѓање нови пазари?

ЕВРОСИМОВСКА: Малите и средни компании кои ни се обраќаат поминуваат низ неколку етапи. Прво се прави запознавање со компанијата, нејзините извозни капацитети и идните аспирации за успех и раст. RGX особено внимава во класификација на посакуваниот профил на потенцијалните купувачи. Сите фази се адаптирани на потребите на клиентите. Компанијата има присуство во 53 земји низ светот и секогаш е особено важно да се вклучат консултанти од земјите каде што се бара да се извезува и индустријата од која што доаѓа клиентот. RGX имаат повеќе од 500 консултанти низ целиот свет и особено е важно да се има локални експерти кои ќе ги предочат локалните потреби, јазик, бариери, даноци за увоз, ризици, итн.

Различни услуги се возможни според потребите како што се: истражување на пазарот, проверка на индексот на конкурентност, методологија за селективност на пазарот и други истражувања. На пример, извештај за  индексот на конкурентност на компанијата е извештај кој се состои од внимателна анализа на она што е стработено досега, колку компанијата е конкурентна, какви брошури има, на каков начин се претставува на интернационалниот пазар и преку анализа се изготвуваат предлози за промена, со цел да се зголеми извозниот капацитет и компанијата да биде поконкурентна и примамлива за странските купувачи. Методологија за селективност на пазарот е извештај преку кој се идентификуваат новите потенцијални пазари за извоз, земајќи ги предвид факторите како што се: растечката тенденција на увозниците на односниот производ, постоењето трговски договори помеѓу земјата домаќин на компанијата и пазарите избрани како потенцијални цели, постојни стимуланси, географска и културна близина, степен на отворање на трговска граница за време COVID 19 пандемијата и други фактори. По изработката на методологијата за селективност на пазарот компаниите добиваат извештај кој содржи: список на избрани и препорачани земји, следни чекори за контакт со увозниците, практичен водич за извоз до избраната дестинација, модели на стандардни документи за извоз за избраната дестинација. Потоа компаниите добиваат листа на купувачи/дистрибутери со сите потребни информации за компанијата, се закажуваат онлајн состаноци, се договараат соработки.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер со долгогодишно менаџерско искуство. Колку беше инспиративно за Вас да се насочите од увозно ориентиран бизнис кон консалтинг којшто отвора нови надворешни пазари?

ЕВРОСИМОВСКА: Од самиот почеток на мојата кариера јас сум инволвирана во секторите за меѓународна трговија и развој на нови пазари. Јас бев координатор, регионален менаџер, директор и имам зад себе многу успешни проекти со голем број увози и извози. Во моментот работам на неколку полиња, дел од моите активности се во „Би-МЕК“ центар за медицинска опрема, долгогодишна компанија во Македонија со голем број проекти и клиенти, а еден дел сум инволвирана во развојот на „Матрона Конс“, како во Македонија, така и пошироко. „Матрона Конс“ отвори свои подружници во Словенија и Србија. Визијата на компанијата е да израсне во регионален лидер во промоцијата на извоз во различни индустрии. Предизвикот е токму тоа, отврање нови пазари, развој на бизниси, услуги, нови идеи кои што можат да се пласираат на меѓународните пазари. Не очекува напорна работа и мораме да вложиме максимален труд, позитивна енергија и голем ентузијазам. Доста сме позитивни и се надеваме на успешна работа, поради тоа што компаниите се многу заинтересирани за отворање на нови пазари и зголемување на извозот. Зад себе веќе имаме успешни проекти, а и неколкуиспланирани проекти кои се во почетна фаза на имплементација. Пред три години започнав со докторски студии на одделот за Меѓународен менаџмент на Универзитетот во Салзбург, Австрија, така што овие студии многу се надополнуваат со тоа што го работиме и особено ми помагаат во секојдневната работа.

МАРИЛИ: Која е Тања Евросимовска приватно, што Ве исполнува и како го минувате слободното време?

ЕВРОСИМОВСКА: Како и секој човек и јас поминувам низ убави, но и потешки периоди. „Матрона Конс“ ја посветив на мајка ми, која почина претходната година. Мајка ми беше храбра и силна жена, борбена, но и многу позитивна, секогаш насмеана и со добар збор за сите. Во нејзина чест, страст ми е „Матрона Конс“ да биде со таков дух, борбен, истраен и крајно професионален, но и со таква женска енергија, тивка и добра. Јас сум човек со отворена енергија и широко срце, неизмерно среќна кога имам добри и позитивни луѓе околу мене, полни со љубов и разбирање. Ќерка ми е мојот тригер за насмевка, со нејзината детска смеа и креативност е многу вешта да ме насмее, развесели, разубави. Последната година ми беше година на болка, но и духовен раст, година на соочување со вечноста. Си ветив дека ќе искусам што е можно повеќе искуства и токму тоа го правам во слободното време. Почнав интензивно да планинарам и да поминувам време во природа, учев да едрам, да јавам, итн. 


Статијата е прочитана 2659 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско