35 години „ЕУРОИМПЕКС“ – Фамилијарен бизнис што прерасна во репрезентативен регионален застапник на моќни светски брендови

Интервју со Кирил Воиновски, сопственик и генерален менаџер на „Еуроимпекс“. Компанија којашто годинава прославува 35-годишен јубилеј, три децении континуирана работа, многу вложен труд и поминати премрежија и секако, големи успеси и резултати. 

„Досегашниот период беше посветен на стабилност, развој, инвестирање и успешно опстојување на пазарот. Идниот период, во однос на основните постулати, нема да биде многу поразличен од изминатиот... План е да ги завршиме големите градежни зафати во Скопје и Белград и со целиот тим заедно да продолжиме и во наредните 135 години.“, вели Воиновски. 

Воиновски зборува, како една фамилијална компанија, која е пионер во трговија со возила, низ децении макотрпна работа, прерасна во репрезентативен регионален застапник на моќни светски брендови.

МАРИЛИ: Годинава одбележувате 35-годишен јубилеј. Како компанија пионер во трговијата со возила, накратко кажете ни какви беа почетоците и како се одвиваше развојот на компанијата?

ВОИНОВСКИ:  Во јануари 1990 година со нашиот татко Владимир и брат ми Даниел ја основавме „Еуроимпекс“, како прва приватна компанија во Македонија, со дејност увоз-извоз на моторни возила. „Еуроимпекс“, пред сѐ, е фамилијарна компанија. Секако не случајно бидејќи ние сме трета генерација од фамилијата Воиновски што се инволвирани во автоиндустријата. Почнувајќи од нашиот дедо, преку нашиот татко, потоа јас и брат ми, а веќе и следната генерација е тука да го продолжи тој пат. И оттука потекнуваат и фамилијарните вредности што се огледуваат во целокупното работење, како кон нашиот вработен кадар, така и кон соработниците и клиентите.

Започнавме сосема скромно, во најмени простории и со само тројца вработени, но имавме визија, предмет на работа со програмата на Сканиа и пазар од 22.000.000 жители. Но... Со распаѓањето на СФРЈ настанаа и поделби, како на територијален, така и на социјален и економски план. За едни млади луѓе, полни со елан, нашите тогашни планови и замисли не се движеа во согласност со предвиденото. Сѐ сe смени буквално преку ноќ... Пазарот ни се намали на 2.000.000 жители, а со тоа се намалија и нашите можности за реализација на планираното. Требаше да се размислува во насока на наоѓање нови програми за работа, со цел проширување на дејноста. Предлогот дојде од мојата мајка Олга, а во разговор со нејзина другарка од школски денови. Таа веруваше во способноста на нашето семејство, па така во 1992 година воспоставивме контакт со Peugeot и започна нашето ново „патување“, а денес веќе долгогодишна и успешна приказна.

Се сеќавам како да беше вчера почетокот на ова патешествие...

Беа потребни голем труд и докажување за да го привлечеме вниманието на францускиот бренд за да одвои малку време за нас. По две години соработка успеавме да го направиме брендот атрактивен, но тоа ни отвори нови предизвици. Се појавија други фирми конкуренти, како македонски, така и компании од соседството, кои во исто време покажаа интерес за застапништво на Peugeot за Македонија.Тогаш воочивме дека во бизнисот не постои минат труд, само сурова реалност и моравме одново да се докажуваме како иден партнер пред одговорните од Peugeot. Направивме бизнис-план, кој се базираше врз фактот дека потекнуваме од мала земја, со мал пазарен потенцијал... Неизвесноста беше голема, но бевме упорни, а пред нас беа решителноста и способноста да истраеме и да докажеме дека го знаеме тоа што го работиме, што секако е потребно за развој и континуитет.

Таа посветеност и истрајност беше препознаена кога тимот на Automobiles Peugeot одлучи дека „Еуроимпекс“ ќе биде генерален увозник во Македонија. Тоа беше навистина возбудлив момент за нас, имаше радост, потврда на сработеното, но пред нас беше одговорноста да го реализираме ветеното и да докажеме дека „Еуроимпекс“ е вистинскиот избор... Останатото е историја...

Развојот на компанијата го движевме во насока на проширување на нашето портфолио со брендови што се кохерентни меѓу себе. Во 1995 година ги остваривме првите контакти со Total, француска компанија за производство на моторни масла, денес со назив Total Energies, а во 1996 година потпишавме договор за нивна дистрибуција во Македонија. Во 1993 година ја проширивме програмата со алатите Сандвик, подоцна Ваhсо, во 2001 година „Еуроимпекс“ стана генерален увозник на алатите од програмата на Irimo од Шпанија, а во 2007 година и за програмата на Milwaukee од САД.  

Понатаму бевме фокусирани и кон развој на професионален сервисен центар, стабилна дилерска продажно-сервисна мрежа и континуиран раст на компанијата, како на локално, така и на регионално ниво.  

Како резултат на стабилната соработка со Peugeot, во 2014 година ја добивме довербата на принципалот за проширување на соработката како генерални увозници за Peugeot и за пазарите во Србија и Црна Гора, а по една година во Косово и Албанија. Во декември 2020 година станавме генерален увозник и за брендот Оpel, во петте држави во кои го застапуваме Peugeot.

Мора да нагласам дека за сите овие достигнувања, како во Македонија, така и во  регионот, заслужен e целиот тим на компанијата. Секој вработен секојдневно придонесува за нашиот раст и развој.

МАРИЛИ: Од 2014 година Вие сте генерален увозник и дистрибутер на францускиот автомобилски бренд Peugeot во регионот, а од 2020 година и на германскиот бренд Opel.  Кажете ни во кои земји во регионот работите и како ги оценувате пазарите на оваа територија во однос на домашниот?

ВОИНОВСКИ: Денес сме регионална компанија со 150 вработени (во Скопје и Белград) и ги застапуваме брендовите Peugeot и Opel на пазар што е поголем од 17,5 милиони жители во пет земји во регионот (Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора). Покрај тоа што на пазарите во регионов има сличности, сепак, постојат и големи разлики и специфики во однос на капацитетот на пазарот, економијата, куповната моќ на населението, менталитетот, навиките, побарувањата и сл.

Станува збор за различни пазари и кон секој имаме соодветен пристап. Не би ги оценувал пазарите, попрво би рекол дека ние ги анализираме пазарите, пазарните движења и постапуваме адекватно на заклучокот од тие анализи.

МАРИЛИ: Колку постојаното вложување во продажно-сервисниот центар и во унапредувањето на човечките ресурси се важни за континуираниот раст и развој на компанијата што постојано е меѓу најуспешните во земјава?

ВОИНОВСКИ: Со еден збор - „многу“. Инвестициите се неодложен дел за успешно функционирање на една компанија. Првиот дел на прашањето се однесува на вложување во основни средства за работа, а вториот кон тимот. Во работењето, овие два елемента се комплементарни и постојано се дополнуваат. Наша основна улога како сопственици на компанијата е секогаш да размислуваме нанапред, т.е. да создаваме долгорочни развојни стратегии.

Кога почнувавме, работевме во најмени простории. Во 2000 година отворивме репрезентативен продажно-сервисен центар по стандарди на брендот Peugeot и со тоа повторно бевме пионери во Македонија, а потоа во 2007 година отворивме и лимаро-фарбарски оддел. Денес градиме нов репрезентативен мултибренд центар за двата автомобилски бренда во Скопје, а со градба на таков центар почнуваме и во Белград. Инвестициите се континуиран процес, а наша цел е секогаш да ги имаме најсовремените потребни средства за непречено и модерно функционирање.

Едукацијата на тимот, исто така, е еден од клучните елементи за успешно работење. Тековните обуки се одвиваат редовно, а ќе напоменам дека располагаме со сопствен регионален тренинг-центар за нови возила и постпродажни активности, каде што се едуцира целата продажно-сервисна мрежа на Peugeot и Opel во регионот.

И, нели, како се вели: „Тимот што победува не се менува.“ Битен момент е што „Еуроимпекс“ има незначителна стапка на флуктуација на работен кадар. Нашите вработени се високообучени професионалци, кои ѝ се лојални на компанијата, со што ние, како „Еуроимпекс“, секако се гордееме.

МАРИЛИ: Што значи за Вас тимот, а што клиентите?

ВОИНОВСКИ: Една компанија не е ништо друго туку група луѓе што тимски работат и придонесуваат за развој и исполнување на заедничките цели. Тимот заедно со клиентите се основа за постоење на една компанија.

Еден од постулатите на „Еуроимпекс“ е компактен, фокусиран или со еден збор - позитивен тим што ќе им биде на услуга на клиентите. Преку еден таков тим се градат нераскинливи врски меѓу компанијата, клиентите и соработниците.

МАРИЛИ: Специфика на Вашата компанија е концесијата со ловиштето „Ниџе“. Кажете ни како се грижите за ловиштето, особено за збогатувањето на животинскиот фонд?

ВОИНОВСКИ: Во 2010 година ја добивме концесијата за ловиштето „Ниџе“, кое беше ново поле за развој на компанијата. Татко ми ни ја пренесе пасијата за лов мене и на брат ми. Од искуството со кое се здобивме со текот на годините поминати во друштво со ловџии од целиот свет се јави желба да придонесеме во развојот на ловиште што сакаме да биде најдобро во земјава и на Балканот.

А со тоа да придонесеме и за збогатување на планината со автохтони видови животни, а притоа се грижиме за нивното здравје и квалитетен живот.

Прв чекор што го презедовме во ловиштето „Ниџе“ беше воведувањето ред во ловството преку максимално почитување на законите на природата, но и Законот за ловство. За да има контрола на случувањата на теренот мора да има ефикасна организација и да се дејствува во согласност со постојните регулативи и секако да се спречи незаконското ловство.

Изградивме репроцентар, извршивме оградување на повеќе од 600 ха површина. Инвестиравме во животинскиот свет и извршивме увоз на: елени лопатари (Dama Dama), горски елени (Cervus Elaphus), берберски овци (Barbary Sheep), сика елени (Cervus nippon), муфлони (Ovis orientalis), четворороги овци (Ovis orientalis aries caporinea gill), кри кри козoрози (Capra aegagrus cretica). Имаме голем фонд на алохтон дивеч, а тука се и срната, дивата свиња, лисицата, волкот, кои се автохтони видови на „Ниџе“. Секоја година од репроцентарот, т.е. оградениот дел, кон планината пуштаме одреден број единки со што придонесуваме за облагородувањето на планината со дивеч.

Покрај ова, направивме и складишта за храна, водни акумулации и ги презедовме сите потребни мерки за заштита од болести на дивечот. Изградивме и сместувачки капацитети по европски стандарди и вложивме во градба на соодветна инфраструктура.

Цел ни беше ловиштето „Ниџе“, освен што е дестинација за ловен, секако да биде и за планински туризам. Планински туризам за сите оние што не се по ловот, а ќе имаат можност да се запознаат со животните во нивните природни живеалишта, да уживаат во природата и да доживеат поинакво искуство или таканаречено фотосафари. Учествуваме на меѓународни саеми, а работиме на едукација и соработка со многу други ловни ентитети. Досега инвестиравме и реализиравме многу, но не застануваме тука.

МАРИЛИ: Кои се идните планови на „Еуроимпекс“ по 35-години успешна работа?

ВОИНОВСКИ: Досегашниот период беше посветен на стабилност, развој, инвестирање и успешно опстојување на пазарот. Идниот период, во однос на основите постулати, нема да биде многу поразличен од изминатиот. Докажавме дека една македонска компанија може да биде репрезентативен регионален застапник на силни европски брендови.

Понатаму, тимски работиме да го надградиме тоа, а во исто време да останеме флексибилни на сите сериозни екстерни влијанија.

План е да ги завршиме големите градежни зафати во Скопје и Белград и со целиот тим заедно да продолжиме и во наредните 135 години.

МАРИЛИ: Како еден од сопствениците на компанијата и долгогодишен менаџер со огромно искуство, што ќе им порачате на младите генерации во однос на градењето успешни бизнис-приказни?

ВОИНОВСКИ: Тимот, клиентите и соработниците се во заемна спрега и претставуваат една целина. Инвестирајте во вистинскиот кадар и фокусирајте се на градењето доверба со своите клиенти.

Верувајте им на производот и на услугите што ги нудите и грижете се за работната околина. Не плашете се од предизвици, ризикувајте во моменти кога е потребно, колегите и луѓето околу вас што во секој момент се тука за да помогнат. Бидете рационални и постојани, бидете искрени и праведни. И очекувајте го неочекуваното!

И, секако, за успех потребна е потпора од фамилијата, таа е бесценета.

 


Статијата е прочитана 5886 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско