Интервју со проф. д-р Маја Кузмановска: Бизнис Академија Смилевски – БАС, дел од Саемот за образование на 15-ти и 16-ти март

Интервју со проф. д-р Маја Кузмановска, професор на Бизнис Академија Смилевски – БАС, Скопје и Битола. Оваа високообразовна установа успешно едуцира кадри уште од 2007 година, а годинава ќе учествува и на Саемот за високо образование кој ќе се одржи на 15-ти и 16-ти март. 

Проф. д-р Кузмановска во интервујто говори за подотовката на двете нови студиски програми кои се во процес на акредитација, за коишто верува дека од наредната година ќе бидат една од алтернативите за избор кај потенцијалните кандидати за упис. Студиската програма Менаџмент на квалитет е на прв циклус на студии и истата ќе создава профил „дипломиран менаџер за квалитет“ кој ќе им овозможи на идните студенти да развијат вештини за воведување и одржување на системи за управување со квалитетот, преку управување со процесите и тимовите и примена на социјално одговорни и етички практики.

На вториот циклус на студии пак, БАС подготви елаборат за акредитација на едногодишни стручни студии по Стратегиски менаџмент за одржлив развој, чија цел е подготовка на менаџери кои во организациите ќе обезбедат одржливост, што е клучна компонента за денешното променливо опкружување кое е придружено со низа предизвици, вели проф.д-р Кузмановска. 

МАРИЛИ: Што претставува Бизнис Академија Смилевски во високото образование и дали има нови акредитирани програми за актуелната студиска година?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски БАС е акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година. Истата нуди додипломски и постдипломски студии кои се внимателно конципирани и во согласност со барањата на пазарот. Годиниве наназад од нашата институција излегуваат дипломирани бизнис и стратегиски менаџери кои успешно пливаат во водите на менаџментот, бидејќи добиваат знаење кое им овозможува целосно менаџирање на бизнисите, од идеја до реализација. Академската 2022/2023 година ја запишавме и првата генерација на студенти на новата студиска програма по Маркетинг менаџмент на додипломски студии и кон крајот на оваа 2025 година очекуваме да ги имаме и првите дипломирани маркетинг менаџери.

Но, не застануваме тука. Постојано ги следиме трендовите и воведуваме нови студиски програми кои се во чекор со тековните барања на пазарот на труд. За таа цел, листата на партнерски организации, како од приватниот така и од јавниот сектор, постојано ја прошируваме, и во континуитет одржуваме контакти и размена на искуства. Тоа ни овозможува од прва рака да ги согледаме тековните пазарни движења, потребите од специфичен и стручен кадар кој е подготвен за работа уште од првиот ден.

По низата истражувања дојдовме до заклучок дека во овој момент пазарот има потреба од дополнителни два профили на менаџери, и тоа: менаџер на квалитет и стратегиски менаџер за одржлив развој. За таа цел подготвивме две нови студиски програми кои се во процес на акредитација и веруваме дека од наредната година ќе бидат една од алтернативите за избор кај потенцијалните кандидати за упис. Студиската програма Менаџмент на квалитет е на прв циклус на студии и истата ќе создава профил дипломиран менаџер за квалитет кој ќе им овозможи на идните студенти да развијат вештини за воведување и одржување на системи за управување со квалитетот, преку управување со процесите и тимовите и примена на социјално одговорни и етички практики.

Поконкретно, станува збор за студиска програма која е фокусирана на развој на компетенции за примена на современите стандарди и тековни модели за менаџмент со квалитетот, оспособување за користење на информациски системи и алатки за управување со ризици и квалитет, поттикнување на претприемачки и иновативен дух за креирање на конкурентска предност во организациите, како и стекнување на компетенции за стратегиско размислување кон квалитетот и одржливиот развој преку управување со тековните организациски процеси.

Истовремено, на вториот циклус на студии подготвивме елаборат за акредитација на едногодишни стручни студии по Стратегиски менаџмент за одржлив развој чија цел е подготовка на менаџери кои во организациите ќе обезбедат одржливост, што е клучна компонента за денешното променливо опкружување кое е придружено со низа предизвици.

Студентите со завршување на студиската програма Стратегиски менаџмент за одржлив развој, ќе стекната компетенции што ќе им овозможат во организациите во кои ќе работата успешно да придонесат во нивниот долгорочен и одржлив развој, а секако и да придонесат за успешна имплементација на формулираните стратегиски планови, преку адекватно менаџирање со човечките ресурси, правилна алокација на финансиите и менаџирање со промените и иновациите.

Од каде дојдовме до оваа идеја? Едноставно, истражувањата кои во континуитет ги спроведуваме покажуваат дека стратегиското планирање како алатка е повеќе од задолжително, пред се, заради оценка на сопствената позиција и внатрешниот потенцијал, а потоа и идентификување на надворешните можности и закани.

Со сигурност може да констатираме дека токму стратегиското планирање е прифатено како ефикасен и современ начин на менаџирање кој помага во процесот на дефинирање стратегии за одржлив развој, поставување на приоритети и цели, како и подобрување на ефективноста и ефикасноста во спроведувањето на истите. Стратегискиот менаџмент за одржлив развој станува клучен инструмент за воспоставување на рамнотежа помеѓу економските, еколошките и социјалните приоритети на глобално, регионално и локално ниво.

МАРИЛИ: Во пресрет на саемот за високо образование, што ќе им понудите на потенцијалните студенти?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Многу ми е драго што токму Марили агенцијата има чест официјално прва да ја сподели информацијата дека оваа година БАС ќе учествува на Саемот за образование кој ќе се одржи на 15 и 16 март, а истиот е во организација на Студентарија, најголемата студентска заедница.

Станува збор за студентска платформа која секојдневно објавува содржини од информативен и забавен карактер на социјалната мрежа Инстаграм и во моментов е многу популарна кај младите. Настанот кој го организираат оваа година ќе се одржи во трговскиот центар Сити мол во Скопје, а неговата цел е поврзување на младите, конкретно матурантите, со студентите кои веќе се во завршна фаза од студиите и размена на искуства кои ќе им помогнат на потенцијалните студенти да донесат одлука каде да го продолжат образованието. Саемот ќе трае два дена, локацијата е повеќе од достапна и атрактивна, а организаторите ветуваат богата содржина како на пример, работилници, презентации, панел дискусии, кариерно советување, работилница со психолог, инспиративни говори и уште многу изненадувања.

Овој настан е добра прилика за сите идни студенти од прва рака да ги запознаат нашите уникатни студиски програми, начинот на кој се изведува наставата, реализирањето на практичната настава, да ги слушнат искуствата од нашите студенти, да се вмрежат меѓусебно, да бидат дел од креативна и интерактивна промоција.

Што е она по кое сме посебни и автентични? Што е она што не разликува од останатите високообразовни установи? Зошто да го изберат БАС? Ќе добијат одговор на овие и сите други прашања кои во моментов ги мачат.

Истовремено, ќе се забавуваат, дружат, разменуваат искуства, споделуваат планови и стекнат нови пријателства. За сите заинтересирани кои живеат во другите градови ширум нашата земја обезбеден е бесплатен превоз. Навистина организаторите се потрудиле да ги обезбедат сите услови за посета на овој саем што е за пофалба. Изборот на високообразовна институција е животна одлука. Затоа внимателно треба да се донесе. И токму овој настан може да ги реши сите дилеми со кои се соочуваат матурантите и сите оние кои планираат да го продолжат образованието. Нашиот штанд е веќе подготвен, а подготвен е и тимот со кој посетителите ќе имаат можност да се дружат. Топло им препорачуваме на сите матуранти да дојдат, да не се двоумат, да не посетат на нашиот штанд и да се запознаат со нашите студиски програми. Со нетрпение ги очекуваме.

МАРИЛИ: Колку практичната настава им дава можност на вашите студенти да се едуцираат и  побрзо и полесно да дојдат до вработување?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Мисија на БАС е да го препознае потенцијалот на секој студент, правилно да го насочи истиот и како „готов“ производ да го понуди на македонските компании. Потенцирам „македонските“ бидејќи во последниве години, за жал, сведоци сме на масовно иселување на младите, а со тоа и одлив на квалитетен кадар, што негативно се одразува на конкурентноста на македонската економија. Овој тренд експоненцијално расте и затоа треба образовниот систем заедно со бизнис секторот заеднички да поработат на системско решение кое ќе помогне да се надмине јазот помеѓу теоријата и праксата, решение кое ќе ги задржи овие млади, квалитетни и просперитетни кадри и решение кое ќе овозможи подобри услови, поголема атрактивност и конкурентност.  

Она што со сигурност можам да го констатирам е дека структурата на студиските програми во БАС и начинот на изведување на наставата значително придонесува за надминување на овој јаз помеѓу теоријата и праксата. Тоа можат да го потврдат нашите алумни кои се наоѓаат на менаџерски позиции и со помош на стекнатите вештини и компетенции успешно се справуваат со сите предизвици кои секојдневно ги носи работата. А за тоа најмногу придонесува практичната настава која е составен дел од студиската програма и заедно со теоретската наобразба му помага на секој еден да се изгради во личност која е спремна за работа уште од првиот ден, која е богата со современи знаења, вештини и компетенции, да си го открие сопствениот потенцијал и која е спремна доживотно да учи и да се надградува.

Оваа практична настава е задолжителен дел од нашите студиски програми и се спроведува во текот на целите студии. Истата е координирана од страна на координатор за теренска студентска практика на двете локации (Скопје и Битола) кој заедно со својот тим внимателно ја подготвува програмата за пракса и внимателно ги избира партнерските организации кои се соодветни на нашите студиска програма.

Дополнителна предност е шансата што ја нудиме на нашите студенти, а тоа е да работат со ментори кои исто така внимателно се избираат, обучуваат и добиваат привилегија да им биде доверена одговорноста за професионалниот развој на студентите во текот на нивните посети. Неслучајно велам добиваат привилегија бидејќи младите луѓе се полни со идеи, во себе носат огромна креативност и претставуваат непресушен извор на инспирација, а тоа е благодат за секој од нас кој има шанса да работи со нив.

Соработката со бизнис секторот е многу значајна. Особено сме горди на фактот дека моментално имаме активни соработки со преку 50 компании кои припаѓаат на различни дејности на двете локации – Скопје и Битола. Бројот на соработки секојдневно се зголемува бидејќи интересот е обостран. Со сите нив заеднички учиме, се надополнуваме и се обидуваме да го надминеме токму тој јаз кој од година во година се продлабочува, а новите генерации кои доаѓаат не признаваат знаење кое не е применливо.

Потребата и неопходноста од вистинско вклучување и реализирање на праксата во студиските програми може да се забележи и во бизнис секторот. Имено, се поголем е бројот на примери кои покажуваат дека таа е одлична можност  компаниите да идентификуваат кадри од нашите студентите кои подоцна ќе ги ангажираат за нивно трајно вработување. Особено сме горди на голем број студенти кои добиваат понуда за ангажман уште за време на студирањето и тоа од компаниите во кои биле на пракса. Тоа ни е мотивација и инспирација и понатаму да вложуваме во практичната настава и генерално во сферата на високото образование.

МАРИЛИ: Вие сте професор во областа на маркетингот. Кажете ни, колку ги следите трендовите во оваа област, дали се тие применливи во нашите компании и дали Вашите дипломци се подготвени директно да се вклучат во современите форми на маркетинг?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Маркетингот е дисциплина која секојдневно се менува, трансформира и адаптира според промените во окружувањето, желбите и потребите на потрошувачите, нивните вкусови и навики или генерално нивниот животниот стил. Особено влијание имаат трендовите кои во последниве години многу брзо се менуваат.

Социјалните мрежи конкретно се „главните виновници“ кои овозможуваат овие трендови брзо да се шират и прифаќаат. Да не ги заборавиме инфлуенсерите и нивното влијание кое остава силен печат на овие медиуми. И лично сметам дека скоро и да не постои човек кој може да остане имун на сите овие влијанија кои бараат многу чести промени во работењето, особено во стратегиите за настап на пазарот, заради задржување на конкурентноста и имиџот.

 Години наназад ја обработувам маркетинг филозофијата и целосно сум посветена на истата и приватно и професионално. Трансформацијата е толку голема што задолжително бара буквално секојдневно ангажирање, вложување и усовршување. Особено последниве години, развојот на дигиталната технологија и новите генерации кои доаѓаат сериозно влијаат на нејзиното обликување и трансформирање.

Она што радува е фактот дека конечно, поголемиот дел од компаниите, ја сфатија суштината и важноста на оваа дисциплина. Полека почнува да се зголемува буџетот за маркетинг активности и сериозно да се инвестира во истите со цел да се подобри имиџот и репутацијата на компанијата. Иако, се уште има многу примери кои покажуваат дека далеку сме од светските стандарди, примери кои покажуваат дека не се прави разлика помеѓу основни поими како на пример маркетинг концепт, маркетинг стратегија и промоција. Не се за потценување и примерите кои покажуваат дека се уште има компании кои мислат дека преку ноќ ќе им се случи чудо. Примери кои покажуваат дека се уште се верува или се гледа на маркетингот како „на магионичар кој со магично стапче ќе направи магија“. Ако се разбере суштината на овој концепт и на истиот се пристапи професионално, посветено, сериозно, агилно, со страст и ентузијазам, со знаење и ангажирање, тогаш ќе дојде и магијата во која сите ќе уживаат. На крајот, маркетингот не е работна задача со рок, тој е составен дел од работата на секоја компанија. Концепција која ќе помогне, пред се, да се изгради идентитетот по кој останатите ќе ја препознаваат, потоа во континуитет ќе пласира конзистентност во работењето со цел да изгради интегритет и секако на крај ќе изгради имиџ т.е. бренд по кој ќе биде препознатлива во окружувањето.

Треба да бидеме свесни дека последниот суд го дава јавноста врз основа на субјективно доживување или перцепција на она што го гледа. Затоа, колку повеќе инвестираме во добар настап и позиција толку повеќе ќе успееме да поттикнеме позитивна чувства кои постепено ќе преминат во намери и одлуки.

Оваа година сум професионално ангажирана на позицијата маркетинг менаџер во БАС и заедно со тимот со кој секојдневно соработувам работиме на подигнување на свесноста за брендот и зголемување на имиџот на нашата институција. Со задоволство може да споделам дека маркетинг планирањето стана составен дел од вкупната стратегија. Маркетинг планот исто така однапред го подготвувам и праќам на одобрување од страна на менаџерскиот тим. Се трудиме да бидеме во тек со сите промени и новитети во областа на високото образование. Генерално, следам се што се случува на пазарот, особено во нашата дејноста и се трудам, согласно нашите капацитети, да ги имплементирам во работата. Ова е многу динамична работа. Бара голем ангажман, конекции, соработки, но од друга страна е многу интересна и возбудлива. Поместува граници и вади од зоната на комфор. Ја поттикнува креативноста и те тера да истражуваш. Едноставно, и после 25 години работа и истражување на ова поле, се уште го имам истиот ентузијазам и уживам во секој еден ден.

Во однос на подготвеноста на нашите студенти за работа и придонес во овој сектор, со задоволство можам да кажам дека оваа година ќе ги добиеме првите дипломирани маркетинг менаџери од студиската програма Маркетинг менаџмент. Во текот на нивните тригодишни студии се трудиме да обезбедиме, во делот на практичната работа, посета и ангажман во маркетинг агенции или сектори за маркетинг. За жал, бројот на овие компании не е на завидно ниво, некои немаат слух ниту време да соработуваат, но има компании кои со задоволство ги прифаќаат, менторираат и го пренесуваат целото знаење и искуство кои го имаат. Јас секогаш ги советувам дека изборот кој го направиле за оваа студиска програма е одличен, допрва оваа позиција ќе почне да ги користи сите благодати, ќе стане барана и платена, но мора да се ангажираат постојано за да бидат во тек со сите промени.

Во оваа дисциплина скоро и да нема правила, а математичките пресметки не се секогаш исти. Секако, маркетинг стратегијата не го опфаќа само дигиталниот маркетинг или поконкретно менаџирањето на социјалните мрежи и маркетинг менаџер не е професија која ќе се бави само со овие платформи. За да се дојде до тоа, пред се, треба да се „научи“ целиот маркетинг процес, како да се сегментира пазарот, која е нашата таргет група, каде да ја најдеме, како да комуницираме со истата преку интегрирани маркетинг комуникации кои постојано ќе ги менаџираме и прилагодуваме на промените.

МАРИЛИ: Кои се најбарани постипломски студии на Вашата академија и какво е вашето искуство, колку истите им помагаат во развој во нивната кариера?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Како високообразовна установа, со висок степен на општествена одговорност, постојано ги следиме промените во економијата, а особено реалниот бизнис сектор, со најголем фокус на пазарот на труд, односно недостатокот на одреден тип на специјализирани кадри.

Во минатите неколку години дојдовме до заклучок дека голема е потребата од висококвалификувани кадри во областа на човечки ресурси, чија задача ќе биде да го подигнат работењето на секоја организација на повисоко ниво, максимизирајќи го потенцијалот на човечките ресурси. Па така акредитиравме едногодишни постдипломски студии по Стратегиски менаџмент на човечки ресурси. И не погрешивме. Интересот за оваа програма е навистина голем најверојатно заради зголемениот фокус на секторот човечки ресурси во компаниите т.е. зголемениот фокус кон вработените генерално. Сведоци сме на експанзија од настани, вебинари, работилници и слични проекти кои ја обработуваат проблематиката со човечките ресурси. Овој момент воопшто не изненадува, особено за одредени професии, земајќи ја во предвид фактичката состојба – недостаток од работници со соодветни знаења, компетенции и експертиза од една страна и заминување во странски компании надвор од државата од друга страна. Ваквата ситуација наметна потреба од поголема грижа кон луѓето, подобар третман, нудење на подобри услови и професионален пристап во поглед на нивно регрутирање и задржување. Особено е важен моментот на привлекување таленти и нивно задржување.

Дополнително, се наметна уште една дисциплина, Бренд на работодавецот, која прави совршено поврзување на секторот човечки ресурси со секторот маркетинг кој има улога на поддршка и промовирање на компанијата како привлечно место за работа. Ако се навратиме на првото прашање во однос на трендовите, ќе забележиме дека буквално во сите области се присутни и доколку истите не се следат, пазарот ќе ве исфрли или едноставно кажано излегувате од игра. Па така, овој тренд и во оваа област ја прави атрактивна оваа студиска програма. Особено сме горди што истата им овозможува на нашите студенти да ги подобрат своите перформанси на работење и да напредуваат во кариерниот развој.

МАРИЛИ: Колку едукацијата, но и практична работа и труд е потребно да се изгради еден квалитетен професорски кадар? Накусо, опишете ни го Вашиот развоен пат?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Старите велат, секоја планина своја тежина. Секој пат до успехот е макотрпен. Бара многу вложувања и жртви. Особено имајќи предвид фактот дека живееме во суров свет. Свет на промени и предизвици. Свет кој секојдневно нѐ тера да се докажуваме и да се бориме за моќ, авторитет, позиција. Како е тоа можно? Единствено преку прифаќање на концептот за доживотно учење кој влијае на подобрување на квалитетот на животот. Континуирана едукација и развој како на индивидуално така и на институционално ниво е еден од главните приорите во оваа професија. Иако, со жалење мора да констатирам дека угледот и реномето на истата од година во година се намалува.

Помина времето кога оваа професија се третираше за благородна, а „учителот“ се ставаше на пиедестал со сите негови морални и етички вредности. Вербата во нашиот образовен систем е на најниско ниво и тоа ни дава огромна домашна задача на нас професорите постојано да работиме на себе со цел позитивно и инспиративно да влијаеме на младите. Сѐ што е застарено, неприменливо и неупотребливо едноставно не допира до новите генерации. Сѐ што е сувопарно, теоретско и обемно, исто така не е вредно. Новите генерации сакаат интеракција, нова и современа содржина, вклученост, креативност и практичност.

Социјалните мрежи им пласираат многу информации, постојат многу платформи кои даваат бесплатни курсеви, вебинари и обуки. Нова и современа литература им е достапна и лесна за користење. Со еден збор имаат многу можности за едукација. Сѐ им е на дофат. Во вакво окружување, пред секој професор стои огромен предизвик постојано да истражува и да се надградува ако сака да биде во тек со сите случувања во областа и проблематиката која ја работи, постојано да ја надградува својата експертиза со цел да даде придонес во образовниот процес.

За среќа, имам можност како дел од кадарот на БАС да посетувам голем број на обуки и работилници, да бидам дел од разни трибини и работилници, едукативни панел дискусии, предавања во земјава и странство, кои ми овозможуваат постојано да учам и да бидам во чекор со сите промени.

Има еден цитат од Луиза Меј Алком кој вели: „Според мене, добра книга е онаа што се отвора со очекување, а се затвора со профит.“ Знаењето за мене е најголемиот „профит“ т.е. богатство кое несебично го споделувам со студентите. На секој еден ден гледам како на нова можност за нови знаења и искуства. Свесно влегов во оваа професија и спремна сум да вложувам до крајот на животот.

MАРИЛИ: Што е она што го применувате секојдневно за подобрување на психо-физичката состојба?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Години наназад се трудам да го направам животот поквалитетен, онолку колку ми дозволуваат условите и ангажманите. Но, утринските ритуали скоро па и да не ги прескокнувам.

Рано легнувам и рано станувам, па имам време да си посветам на себе најмалку половина час. Задолжително правам ретроспектива на минатиот ден и план на тековните ангажмани. Физичката активност исто така ми е дел од секојдневието и можам да кажам дури и дека истата значително ми го подобри квалитетот на животот.

Избрав професија која релаксира, исполнува со позитивна енергија, ми ја поттикнува креативноста и ентузијазмот. Професија која ја живеам. Таа е дел од секојдневниот живот и се правам со љубов и леснотија. Целосно ме исполнува.

И секако, тоа позитивно влијае на менталното здравје. Учам секојдневно како да го амортизирам стресот и да балансирам со обврските, иако не успевам секогаш. Моите деца се мојата сила, а кругот на пријатели околу мене моето најголемо богатство. Рецепт за успех нема ниту пак универзално упатство како да живееме. Едноставно, животот е избор или како што вели Шолем Алехем „Животот е сон за мудрите, игра за будалите, комедија за богатите и трагедија за сиромашните“.

 


Статијата е прочитана 155 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско