Вевчани за почетници: Гнездо на митски непокор

За Вевчани, а особено за Вевчанскиот карневал пишувале многу македонски, југословенски и странски новинари. Снимени се многу професионални и аматерски документарни филмови. Од новинарите би ги истакнал текстовите што ги објавија Ристо Тодоровски, Никола Шутиноски, Константин Тино Тесторидес, Мишо Китаноски, Илија Каланоски, Виктор Цветановски, Анастас Ќушкоски... Во оваа прилика го реобјавуваме текстот на угледниот македонски новинар и познат романсиер Гоце Ристовски.

 

Текстот е објавен на 11 јануари 2023 година, на Фејсбук 

 

Од ниту едно земно место не може да се види целото село, дури ни од воздух цело Вевчани не може да се види. Секогаш има нешто скрито, недофатно. Како духот на Вевчани, избразден со вади за води. Како шумот на изворите горски што се слуша до Горна Белица. Како ветрот јабланички што фиучи по Виа Игнација, низ вевчанските атари.

Вевчани се наоѓа во регионот на Дримкол, во југозападниот дел на Македонија, и е седиште на истоимената општина. Сместено е на падините на планината Јабланица, на надморска височина од 800 метри, северозападно од Охридското Езеро. До Вевчани се стигнува од Струга, низ селата Враништа и Велешта. Патот, долг 14 километри, е асфалтиран и добро означен. Во Вевчани ќе ве пречекаат ознаки до сите места кои можат да се видат. Пред црквата „Свети Никола“ има мапа која прикажува што се може да се види и во пошироката област. Постои и канцеларија за туристички информации.

Вевчани се споменува во Калимановата грамота како селска населба од крајот на деветтиот век и тоа како мошне развиена, економски јака. Според легендата првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алула. Вевчани е единствено подјабланичко место кое што успеало да одолее на исламизацијата. Христијанството на овие простори оставило длабоки траги во животот, обичаите и верувањето кај луѓето, а со тоа и во изградбата на светилиштата.

Една од позначајните цркви во Вевчани е соборна црквата „Свети Никола” (Горна Церкоф), трокорабна базилика со олтар, лаѓа и балкон. Наспроти обичајот селаните да се собираат кај Долната Црква („Света Богородица”) за празниците Лазара и Велигден, тука се собираат и ги слават божикните празници и празникот Свети Јован (Вјан). Оттука тргнуваат литиите кон Изворот на Водици, како и по синорот на селото за Ѓурѓовден.

Црквата „Свети Спас” (Бела Плоча) се наоѓа на влезот од Вевчани. Па, оттука може да почне разгледувањето на знаменитостите и убавините на овој прекрасен крај.

Манастирот „Свети Спас“, изграден во карпи, се наоѓа во планината, западно од селото, во стара дабова шума. До него се стигнува за еден час пешачење.

Црквата „Света Варвара” во минатото била параклис. Стариот параклис е урнат во 1996 година и на истото место, но со поголеми димензии, е изградена црквата.

Во Вевчани постојат и многубројни параклиси: „Свети Димитрија”, „Свети Петка”, „Свети Недела”, „Свети Среда”, и „Свети Јован”. Еден од најмладите црковни објекти во Вевчани е манастирот „Свети Петар и Павле”.

Христијанските симболи коишто ги красат овие светилишта ги има и во домовите на вевчанци, на предметите за домаќинство, народните везови, ткаењето, резбарството, со што се создал нераскинлив спој меѓу духовното и световното. Најзастапени симболи се: крстот, сонцето од Кутлеш, шестолисен цвет, винова лоза, птици и други библиски мотиви.

Многумина во Вевчани доаѓаат за да го посетат Споменикот на природата - Вевчански извори, заштитена еколошка зона, пријатно и воодушевувачко катче за одмор, медитирање и уживање. Се наоѓаат на надморска височина од околу 960 метри. На влезот на изворите не пречекува натпис: „Ние и припаѓаме на природата – а не таа нам“. Покрај водата, до изворите води прекрасна патека. И уреден пикник простор.

Посетата на Горна Белица е посебно доживување. Свети Климент, по напуштањето на Моравија, не сакајки да остане во Плиска, тргнал на југ, го заобиколил Охрид, и се искачил на Јабланица, во римскиот град Велица. Во близината на овој град врвел патот Виа Игнација, а се наоѓал недалеку од средновековниот град Вајтос. Градот Велица некогаш бил на местото каде што денес е селото Горна Белица.

Во близината на ова село се наоѓа едно рамно плато што населението го нарекува чита, што на латински значи град. Интересно е дека делот од патот Виа Игнација што врвел низ ова подрачје се нарекувал Виа Сакрија, што на латински значи свет пат.

Според Јован Поповски, новинар и писател, инаку вевчанец, Климент тука, на крајот од светиот пат, изградил манастир со црква и придружни објекти.