Интервју со Аркан Керим: „2024 година ќе заврши позитивно за македонскиот туризам, со потреба за подобра стратегија, вложувања и промоција“
Интервју со Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора и потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, како и генерален менаџер на „Генерал Турист Груп“ од Скопје.
Керим во интервјуто дава осврт на годината што изминува од туристички аспект, говори за тоа на што треба да се посвети повеќе внимание, за промоција на македонскиот туризам во светот, како и за тоа што треба да примениме од земјите од регионот како одлични мерки за подобрување на состојбите во туристичко-угостителската индустрија.
МАРИЛИ: Г-дин Керим, како претседател на Туристичко-угостителската комора при ССКМ, како ја оценувате годинава што изминува? Ја заокружува ли Македонија 2024-та како успешна туристичка година? Има ли раст на ноќевањата на странски туристи, во однос на минатата година и во однос на пост-ковид периодот?
КЕРИМ: Во година соочени со две големи војни, со избори во земјата, со многу хигиенски несредени градови, недостаток на добра инфраструктура, патишта, со недостаток на работна сила и уште многу други фактори, може да се каже годинава што изминува и покрај сите околности, директни и индиректни, е позитивна за македонското туристичко стопанство, со зголемување на целокупниот туристички промет, во сите сегменти, како во туристичкиот, така и во угостителскиот.
Нотирано е зголемување на ноќевањата на странските туристи, како и на домашните туристи во целина. Годинава, во однос на минатата има зголемување од околу 20%, но не и зголемување во однос на 2019 година.
Генерално, 2024 година ќе заврши позитивно за туристичкото стопанство со проекција од 1,6-1,8 милиони туристи.
МАРИЛИ: Статитистиката покажува дека во изминатиот период најбројни странски туристи се граѓаните на Р. Турција (Туркије). Според Вас, на што се должи тоа?
КЕРИМ: Традиционално, гостите од Туркије се најбројни туристи во изминативе 10 години. Ние од 2007 година работиме на промоција на Македонија како дел од Балканот и сиот тој труд во изминативе 17 години резултира со се поголем број на турски гости во Македонија.
Ние имаме прекрасни места за посета, убава гастрономија, убави историски споменици, имаме одлични авиоконекции со Истанбул, Измир, Анталија, и сето тоа кога ќе се собере, дава резулатат за најбројни туристи во Македонија.
Само во месец јули, јас имав 35 репортажи и интервјуа за турски медиуми, каде отворено ги поканив турските граѓани да ги посетат Скопје и Македонија во поголем број, што на мое задоволство успеа, и 2024 година ќе биде рекордна година по бројот на туристи од Туркије во Македонија.
МАРИЛИ: Вие сте амбасадор на македонскиот туризам во светот. Кои конкретни чекори и мерки ги преземате за да ја промовирате нашата земја и да привлечете поголем број на странски туристи?
КЕРИМ: Последниве неколку години со оглед на тоа дека немаме промоција на државата како што заслужуваме, преземав многу иницијативи за промоција на нашата преубава држава.
Туристички амбасадори коишто ги промовираат нашите туристички и вински дестинации во земјите каде што се: Петар Грашо од Р. Хрватска, Томаж Кавчиќ од Р.Словенија, Сузана Периќ од Р.Србија, Патриција Кирилова од Р.Бугарија, Хакан Туна од Туркије, се само дел од плејадата познати личности, инаку мои пријатели, коишто ја промовираат Македонија.
Исто така, во изминатиов период имав многу интервјуа репортажи за медиумите во Туркије, со цел дополнително да ја испромовирам Македонија.
Во 2025 година планираме промоција на Македонија како дестинација во Њујорк, Чикаго, односно во Соединетите Американски Држави (САД) и во Торонто, Канада, со цел да привлечеме што поголем број туристи од Северна Америка.
Исто така, планираме промоција и во Азија, односно во Кина, Кореја и Филипините, заедно со реномирана авиокомпанија како би била промоцијата достоинствена.
Соседните држави да не ги заборавиме, Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Грција, каде исто така ќе имаме активности за да привлечеме уште повеќе туристи.
МАРИЛИ: Вие сте долгогодишен туристички работник и сопственик на бизнис токму во туристичко- угостителската индустија. Кои се главните забелешки на странските туристи кога ја посетуваат нашата земја? Што треба да направиме за да бидеме туристички поатрактивни?
КЕРИМ: Странските туристи пред сѐ, многу се задоволни од Македонија како дестинација. Убавата природа, преубавата гастрономија и прекрасните вина се главниот адут на туристичките работници.