Проф. д-р Јана Клопчевска: „Биотехнологијата е една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст во иднина“
Интервју со д-р Јана Клопчевска, научник, иноватор и вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.
Во интервјуто проф. Клопчевска говори за биотехнологијата како една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст, за иновациите во прехранбената индустрија, за прототипите и иновациите креирани во Отворената Градска лабораторија, за работата со студентите, но и за нејзината безрезервна поддршка за жените во бизнисот и женското претприемаштво.
Проф. Клопчевска, исто така, како консултант, зборува и за тоа колку реалниот сектор се потпира на иновациите, новините и науката и каква е соработката на бизнис заедницата со научните институции.
МАРИЛИ: Вие сте вонреден професор и иноватор. Колку често сте присутни на меѓународни настани посветени на иновациите? Колку ги пренесувате искуствата во вашето работење?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Како вонреден професор и иноватор, често присуствувам на меѓународни настани посветени на иновации, бидејќи тоа е суштински дел од мојата работа. Во последниве години се посветив освен на обучување во делот на scientist to business, а неуморно и најпосветено на citizen science или на суштината на научиците.
Моето последно интернационално излагање беше на FoodTech 2024, или најпрестижната Конференција за храна во регионов. Овие настани се одлична можност да ги споделам резултатите од проектите кои ги менаџирам и да бидам во тек со најновите трендови и откритија во полето на светските иновациите.
Што се однесува до пренесувањето на искуствата во моето работење, секогаш се трудам да ги интегрирам научените лекции од овие настани во моите предавања и истражувања.
На овој начин, моите следбеници, тука би ги вклучила и граѓанскиот сектор, не само студентите, бизнис секторот секако, кои добиваат актуелни информации и вештини од помош во нивната кариера или работа. Секогаш ги применувам стекнатите знаења и во моите проекти, како во образованието, така и во зелените иновациите.
МАРИЛИ: Сметате ли дека биотехнологијата ќе биде најбрзорастечка индустрија на иднината? Каква е свесноста по ова прашање во нашата земја?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Биотехнологијата е една од индустриите со најголем потенцијал за брз раст во иднината, поради нејзините апликации во различни сектори, како што се здравството, земјоделството, енергетиката и заштитата на животната средина.
Со постојаното напредување во генетиката, биоинженерството и развојот на нови терапии, вакцини и одржливи решенија, биотехнологијата ветува дека ќе има клучна улога во глобалната економија. Во однос на свесноста за биотехнологијата кај нас, сè уште е во процес на развој, но во поразвиените земји, биотехнологијата е веќе централен дел од биоекономскиот и научниот дел. Во Македонија, иако постојат иницијативи и истражувања поврзани со биотехнологијата, и доста се вложува во едукација, инфраструктура и промовирање на оваа област, сепак, со зголемување на интересот за глобални предизвици, како што се климатските промени и прехранбената безбедност, биотехнологијата ќе биде во се поголем пораст во нашата земја.
Клучна е соработка меѓу универзитетите и приватниот сектор, како и подигнување на свесноста кај младите за кариери и можности во биотехнологијата.
МАРИЛИ: Како може да се спроведат иновациите во македонската прехранбена индустрија која не толку одамна беше најпродуктивната стопанска гранка во нашата земја?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Иновациите во македонската прехранбена индустрија играат клучна улога во ревитализирањето на оваа стопанска гранка. За да се спроведат успешно иновации, потребна е поддршка од владата, приватниот сектор и академските институции. Освен дигитализацијата во технологијата, интернет на нештата и паметното земјоделие, доста битна е одржливоста и зелените иновации, особено делот на намалување на отпадот.
Развивањето на технологиите за рециклирањето на отпад, што ќе ја зголеми одржливоста на индустријата. Користење на биоразградливите материјали би можело да биде примамливо за домашниот и за странскиот пазар, особено со оглед на зголемената побарувачка за зелени производи.
Би сакала да напоменам дека инвестициите во истражување и развој (R&D) се доста битни во развој на нови производи и технологии, како и подобрување на постоечките процеси преку истражувања.
Особен акцент се дава на развој на функционална храна или храна со додадени вредности или храна за специфични здравствени проблеми што може да ја зголеми конкурентноста на македонските производи на странските пазари.
Секако, поттикнување на образовните програми во областа на прехранбената технологија, менаџментот и одржливоста ќе создадат компетентна работна сила која ќе ги поддржи иновациите.
Владата би требало да понуди субвенции и програми за иновации и модернизација во прехранбената индустрија, како и финансиска поддршка за стартапи кои работат на нови технологии, но и можности на приватно - јавни партнерства меѓу компании и владата, што може да поттикне заедничко вложување во иновациите.
МАРИЛИ: Што сѐ се работи во Отворената Градска лабораторија која е единствена од ваков тип во регионот? Наведете неколку позначајни прототипи или инововации, кои сте ги подготвиле во лабораторијата?
ПРОФ. КЛОПЧЕВСКА: Отворената Градска лабораторија е навистина еден уникатен простор во регионов и пошироко каде освен собирање и сепарација на отпадот се врши негова валоризација и трансформација во прототипи и иновации, преку различни бизнис и стартапи, а со помош на партнери, како УНДП.
Преку едукација и регирутирање на таленти, се врши развој на активности, се донесуваат одлуки за управување и се интервенира во регулативи, како и мапирање на отпадот во целиот екосистемот. Ние ја замислуваме иднината на Скопје без отпад.
Последните прототипи кои беа направени со стартапи во државата беа нов вид на текстил од отпад при производство на микросалати, репеленти од отпад од кафе, играчки за деца од отпадот од кафе, перници наполнети со лушпа од кафе, како и парфем од отпад од кафе за потребите на козметичката индустрија.
МАРИЛИ: Со вашите студенти редовно работите на нови иновации во областа на молекуларната гастронимија? Кажете нѝ нешто повеќе за тоа?